Геополитика на демократијата | Северна Македонија | DW | 01.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Геополитика на демократијата

За САД, интеграцијата на Македонија и земјите од регионот во ЕУ е клучен дел на нивните национални интереси во смисла на стабилизирање на Балканот и обезбедување долгорочна подршка во рамките на Унијата.

Иако прв од избраните, Пендаровски не е првиот од оние кои сметаат дека е време за ставање на Европа на второ место и да се даде предимство на партнерството со САД. Колку и да изјавата е заслужен комплимент за Америка и критика за ЕУ, Македонија останува зависна од двата фактора сосе нивните различни во пристап и за нас еднакви во нужност битности за нашата сегашност и иднина. Како и да е, повикот од Водно доби навремен, навидум куртоазен но суштински отрезнувачки одговор од претставничката на САД во Скопје. Со порака дека нејзината земја ќе продолжи да ја подржува Македонија во нејзината интеграција во ЕУ. За САД, интеграцијата на Македонија и земјите од регионот во ЕУ е клучен дел на нивните национални интереси во смисла на стабилизирање на Балканот и обезбедување долгорочна подршка во рамките на Унијата. Секое одложување, камо ли откажување од членството во ЕУ е негативен развој за САД. Што иако нема да води кон нивно вртење грб кон нас, секако ќе подразбира намалување на интересот за поактивен ангажман. Во тој поглед, САД ја споделува истата призма на Кина кон регионот, вреднувајќи ја нашата стратешка битност во рамките на поширокиот европски контекст. Како отскочна штица кон поголемиот пазар и политичко влијание во Европа.

Вториот превид на таквите повици е традиционално преценување на нашата стратешка битност во рамки на поширокиот регион и новите кризни подрачја. Вклучително во однос кон Бугарија и нашите надежи за булдожерски настап на САД кон Софија. Вашингтон секако ќе продолжи да вложува напори за приближување на Софија и Скопје, но тоа секако ниту ќе биде од примарно значење ниту по цена на примарниот интерес за соработка помеѓу САД и Бугарија. А тоа е секако напнатата состојба во Црното Море и битноста на нашиот источен сосед во пошироката арена на геополитички триења кои се простираат од Украина до под-Кавказието, од Иран до Босфорот. Со оглед на тоа што тензиите во тоа подрачје се времено експлозивни и долгорочно тензични, упатно е очекувањата на Скопје да бидат троа поприземни, реалполитички и со очи ширум отворени за пошироката динамика на состојбите и во склоп на споделените ни интереси со НАТО.

Третата тенка подлога на повиците „скар со ЕУ, љубов со САД” е емоционално разбирливата но државнички наивната призма за односот на двете сили по нашите внатрешни политички, економски, социјални и етнички односи во самата земја. Нашата и онака кревка економска стабилност е директно и папочно поврзана со ЕУ, нејзините фондови и какви-такви инвестиции со кои се обезбедува каков-таков социјален, политички и етнички мир. Гаранциите на САД се секако незаменливи во смисла на одржување на нашиот суверенитет и интегритет, но во внатрешните односи ЕУ е таа која превентивно го гарантира домашниот баланс на социо-политичка стабилност. Партнерите од САД се секако битни за некогаш гратис, некогаш платени вооружувања на нашие безбедносни сили, но ниту досегашите ниту скорешните ангажмани на Вашингтон не се карактеризираат со поголеми економски инвестиции или пак подобрување на животниот стандард на граѓаните. Обидите за пополнување на таа празнина преку прокси-агенти од типот на Субрата Рој или арапски шеици ниту успеале ниту можат да бидат замена за структурно длабочинските и долгорочно значајните економски влијанија на ЕУ.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Време за соочување

-Балкан и ЕУ: Љубов преку жица

-УЧК Паркови-Зеленило и компромитираната антикорупција на Бајден

Четвртиот, помалку дискутиран фактор се евидентните негативни нус-ефекти на бескритичниот третман на Македонија од страна на САД и неколку европски земји (со сомнителни, не секогаш европски мотиви). Споредено со соседните земји, Македонија била и сеуште е „сугарето” поштедено од драматични критики за пропустите и некритички фалена до небо без обзир за сивата реалност во земјата. Таквиот пристап на „повеќе љубов, помалку искреност” резултира во атрофија на отчетноста и ерозија на доброто владеење. Од друга страна, суровите, отворени, нападни критики кон соседите (споредете ја скандалозната недипломатичност на Амбасадорката на САД во Тирана и срамежливата кроткост на оваа во Скопје) резултира во стекнување на „што не те убива те прави посилен” имунитет, наспроти нашата речиси плачлива, цмиздречка катандевна зависност за понизно тапкање по глава и драпање на нашата разнишана самодоверба. За во клучни моменти сепак да се соочиме со неминовноста на реал-политиката. Како што беше примерот со признавањето на уставното име од страна на САД, за да неколку години подоцна – со директен ангажман на Вашингтон – се согласиме на менување на истото.

Петиот дискутабилен момент е поврзан со новиот „Лех Валенса” феномен на капиталистичкиот популизам олицетворен во Виктор Орбан и нему сличните бунтовници против „диктатурана на европејштината”. Слично на водачот на Солидарност од Гдањск, инспирацијата на Орбан помалку се темели на верба во Европа и повеќе во наслонување врз и копирање на американскиот модел на демократија. Модел кој секако се има покажано како ефикасен во контрирање до рушење на комунизмот и последователна стабилизација, но со не толку совршени резултати во етаблирање на силна економија, вибрантно општество и социална еднаквост на граѓаните. Отаму, демагошките пароли „ако не ние во ЕУ, тогаш да ја донесеме ЕУ дома” е во директна контрадикција со логиката на третманот на САД како субститут на ЕУ која неминовно завршува во нови реколти на стабилократија во политиката и пустош во економијата.

Последниот, и најбитен, аспект на кусогледоста на таквите повици веќе е реалност во која живееме и се одвива пре наши очи, нашата немоќ и капитулација. Во секоја приближно нормална земја, една влада со листинг на такви скандали и потфрлања во речиси секоја димензија на владеењето одамна би била падната, додека пак нејзините првенци би се простиле од политика до трето семејно колено. Но тоа не е проблемот кој предизвикува главоболка и загриженост. Недостатокот на дебата, недостатокот на енергија за рушење на таква влада, немањето интерес за бунтување е алармантно негативна состојба која навестува драматичен пресврт кај граѓаните во поимањето на државноста, општественоста и односот кон демократијата. По навика, ќе утврдиме дека тоа е последица на апатијата на општеството. Но апатијата не е причина туку е последица на вкоренетата култура на неказнливост, толку долго толерирана од нашите западни пријатели, како во ниедна друга земја во регионот.

Дискрепанцата помеѓу убедливосто мнозинство на мали луѓе за кои економските прашања се од највисок приоритет во спорредба со политичките, дипломатски и медиумски форсирања на „големите геополитички прашања” се предупредувачки демонстрации на длабокиот судир помеѓу мизерноста во која живеат граѓаните и безидејното вртење во круг на ситите политичари, дипломати и уредници. Состојба на отуѓеност на естаблишментот од сопствениот народ која неминовно потсетува на последните години на комунизмот. Во Југославија тој процес се одвиваше преку субституција на работничкиот комунизам со либерал-естаблишментскиот социјализам. Денес и овде, некогашнта идеа водилка во понудата на западните демократии кон пост-комунистичките земји базирана врз економска благосостојба и политичка отчетност се субституира со форсирање на инцидентални суб-културни паради и пропаганден ПР за покривање на дебаклот во претстваничката демократија, ништење на владеењето на правото и фрапантна економска нерамноправност. Подемот на НВО паразитизмот и опсадата на општеството преку изгладнување и уцена ја има збришено само-иницијативноста, самиздат провокативноста, смислата на делување за општо одбро и иницирање на било каква позначајна Не-Естаблишментска Организација. Долгогодишната спонтана подршка на мнозинството кон ЕУ и НАТО полека израснува во дегенерирана догма во рацете на привилегирано малцинство и нивен третман како соверемени СКЈ-ССРНМ апсолутистички чекани спремни да секоја критика на сметка на владата и привилегираниот естаблишмент ја претстават како удар врз про-западноста. Не е за чудење, затоа, што токму синовите и ќерките на оние кои ги броеја СКЈ-ССРНМ црвените зрнца во крвта на нашите родители се денес од западот избрани и промовирани првоборци на натоизмот и европејството задолжени за брутално чување на исправноста на нашите зборови, реченици и мисли.  

Во комунизмот разбравме дека пропагандата и цензурата ја убиваат идеологијата. Во капитализмот научивме дека стабилократијата ја подрива стабилноста. На патот кон Европските стандарди, заталкавме во беспатијата на дистопична, грогирана нирвана. Во која веќе никој не бара оставка од Премиерот, никој не очекува да падне владата поради катадневните скандали, потфрлања, неисполнети ветувања, неспособности и корупција. Сите, општеството и опозицијата, се помирени со судбината и капитулацијата. Принудувајќи не по кој знае кој пат да барем подразмислиме дали сме воопшто претставничка демократија или сме сведени на селектирано претставништво за исполнување на „големите прашања” и без мандат и грижа за малите луѓе. Можеме и да го одмолчиме прашањето, но доминацијата на клиентелизмот како сурогат на демократијата неминовно ќе ги принуди граѓаните да – порано или подоцна - си помислат дека можеби демократијата доаѓа од исток.