Генетски дизајнирани луѓе - сакаме ли таква иднина? | Панорама | DW | 03.02.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Генетски дизајнирани луѓе - сакаме ли таква иднина?

Во В. Британија за првпат е дозволено манипулирање на гени од човечки ембрион. Сакаме ли на инженери да им го препуштиме човековиот наследен фактор? Крајно време е за итно неопходна дебата, смета Матијас фон Хајн.

Тоа е нарушување на едно табу. И тоа свесно - и не дојде ненадејно. Ова не е првпат науката да врши притисок врз општеството за исчекор напред. За жал, мотор на научниот развој не е само чисто идеалистички мотив за нови сознанија, ниту пак научниците-истражувачи се раководат исклучиво од општото добро. Повлијателни сили веројатно се амбицијата, конкурентски однос, деловни интереси. Девизата гласи: Што е можно да се прави, ќе биде направено - пред некој друг да го стори тоа.

Тука се чини дека е речиси невозможна општествена дискусија за ползата и ризиците од новите техники, правење трезвена проценка за последиците и поставување меѓународно задолжителни стандарди. Посебно не кога одеднаш ќе се појави некој нов инструмент, алатка за работа. Кај сега во Англија дозволената генетска манипулација на човечки ембрионисе применува постапката со ознака Crispr/Cas9. Креирањето на генетската ножица пред 3 години предизвика земјотрес во биологијата, но таа дури сега стана присутна и во општеството: гените на живи клетки од секој вид можат да бидат менувани по желба, брзо, многу прецизно и - евтино!

von Hein Matthias Kommentarbild App

Матијас фон Хајн

Тоа ја прави новата метода интересна и за мали лаборатории со низок буџет или за големи лаборатории во земји со понизок стандард. Лани во април внимание предизвика веста дека еден истражувачки тим од југот на Кина за првпат изведе зафати врз човечки ембриони кои не беа животноспособни. Од крајот на септември пекиншкиот Геном-институт продава свињи модифицирани со генетски ножици: необични животинки големи само колку една третина од нивните природни сродници, со боја на кожата по избор на муштериите. Резиме: врз основа на генетската хирургија, биологијата се развива од наука за живиот свет во инженерска наука.

Големото прашање е: на кои полиња сакаме да биде применета таа нова инженерска наука? И врз нас, луѓето? Уште пред да биде одговорено тоа прашање, британското решение проби една брана. И во минатото Британија прва се истрчуваше во вакви прашања: пред 20 години во една шкотска лабораторија беше создадена клонираната овца Доли. Истражувачката на матични клетки Кети Најекен од лондонскиот институт „Френсис Крик“ сигурно не планира дизајнер-бебиња. Таа само сака да врши базични истражувања. Но, по правило по нив следува истражувања на можности за примена. Аплаузите во делови од науката оставаат простор да очекуваме бран од нови истражувања. Се зборува за „прв чекор“, па човек се прашува: Кои ќе бидат наредните? Колега на Најекенс од истиот институт очекува дека одобрението ќе охрабри и други научници да побараат дозвола да работат врз гени на човечки ембрион. Водечки истражувачи-генетичари во Германија уште минатото лето јасно се искажаа против такви експерименти и побараа мораториум за генетска хирургија врз човечки ембриони. Но еден “самит на генетска технологија“, организиран кон крајот на годината во Вашингтон од страна на академиите на науките од САД, В. Британија и Кина, дојде до поинаков резултат и ги оцени како прифатливи таквите базични истражувања. Сега е крајно време јавноста да се јави за збор, пред науката да создаде натамошни факти - генетски оптимирани луѓе.

Реклама