1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

„Да го чуваме нашиот духовен и национален идентитет!“

7 јануари 2020

Неодложно ни треба обединување и национална стратегија. И ние како Божји народ имаме право да го живееме вечниот оптимизам што го дарува денес родениот Богомладенец, се вели во Божиќното послание.

https://p.dw.com/p/3VoCO
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Со верата во Бога поткрепена со добри дела ќе покажеме дека ја живееме Божјата вистина и дека сме подготвени на подвизи за верата, се вели во Божиќното послание упатено до верниците од Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Во посланието има осврт на повеќе теми - изменетите морални вредности, негрижата за духовното наследство, но и за одбраната на идентитетот преку обединување и национална стратегија.   

Гласно -  не!

„Да го чуваме тоа што нѐ определува пред светот како самобитни, што е нашиот идентитет - и духовен и национален!“, се повикува во посланието.

„Да не дозволиме како народ, некој во името на нас, сегашните, но и во името на нашите претходници, како и во името на сѐ уште неродените, со својата негрижа, или заради некоја друга цел, да го отуѓува или уништува нашето вековно дело. Но и да не допуштаме никој од нас да отстапува, да се откажува и да го споделува тоа што за нас е суштинско и свето. Секој опстој е искушение и предизвик, па затоа во слога и единство може да се брани и одбрани своето, достоинствено и со подигната глава и со гласно - не! Силата не ја моли правдата, но моментите што го засегаат духовниот, културниот, историскиот и националниот идентитет на еден народ, не треба и не смеат да бидат отстапени или да се претворат во можност за компромис. Затоа, неодложно ни треба обединување и национална стратегија. И ние како Божји народ имаме право да го живееме вечниот оптимизам што го дарува денес родениот Богомладенец“, се вели во посланието упатено до верниците.

Во Македонија има околу 30 отсто уверени православни верници - категорија на граѓани кои редовно одат на литургија и ги извршуваат сите религиски ритуали - пост, исповед, евхаристија... Атеисти има од 7 до 10 отсто, а најголемото мнозинство од 60 отсто го претставуваат т.н. традиционални верници, кои религијата ја врзуваат исклучиво за обичаите и културните традиции. Тие во црква најчесто одат на Божик и Велигден и не се редовно присутни на литургиите.

Крст до крст, манастир до манастир...

Во празничната честитка, акцент е ставен и на грижата за културното и духовно наследство, со критика дека институциите затајуваат на тој план.

„Насекаде низ Македонија светилиште до светилиште, крст до крст, манастир до манастир и сите украсени со потребната убавина. Во годината што претстои ќе одбележиме голем и значаен црковен и национален јубилеј - 1.000 години од постоењето на Бигорскиот манастир ‘Свети Јован Крстител’. Имаме светилишта ненадминати во уметноста и архитектурата, по кои светот нѐ препознава и се дел од нашата духовна и културна генеза. Тие се дело на нашите предци, но за жал, голем дел од нив денес се зборавени и занемарени од надлежните институции. Непростиво е тоа што го создадовме и го запазивме во ропствата и при туѓите владеења, денес, во слобода и во суверена и независна држава, да го оставиме на негрижата и да го отуѓуваме. Впрочем, иднина имаат оние што се грижат за своето минато“, се наведува во посланието.

Разбирањето, сочувствието, подадената рака, се дел од вредностите кои денес се повеќе исчезнуваат под налетот на поделбите и нетрпеливоста. Божиќното послание во еден дел е посветено на таквите состојби.

„Денес има сѐ помалку човечност, а сѐ повеќе нетрпеливост и неразбирање меѓу луѓето и народите. Современето човештво е зафатено од најстрашната болест - себељубието. Денешнава генерација како да ги измени вредностите, па опстојувајќи на самољубието го понижи смирението, а со таквиот однос не само што се отфрлени чесноста и побожноста, туку тоа ги нарушува и меѓучовечките односи. Но доколку ги замениме себељубието и сите пороци, со дела на христијанската љубов, би можеле, и секој посебно и сите заедно, да ја доживееме Божиќната спасносна радост“, се вели во пораката.