Гаук им оддаде почит на жртвите на нацизмот во Италија | Свет | DW | 25.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гаук им оддаде почит на жртвите на нацизмот во Италија

Германскиот претседател Јоахим Гаук им оддаде почит на жртвите на едно од најстрашните злосторства на нацистите во Италија. Извршителите на масакрот во Сант Ана останаа неказнети.

Германскиот претседател Јоахим Гаук и италијанскиот претседател Џорџо Наполитано одржаа комеморација во градчето Сант Ана ди Стазема на северот на Италија. На 12 август 1944 година, нацистичка единица уби повеќе од 500 жители на градот, повеќето жени и деца, а потоа го запали градчето до темел. Потсетување на жртвите на масакрот таму се одржува со години наназад, но Гаук е првиот германски претседател кој одлучи да присуствува на него.

„Тие не се анонимни жртви на анонимен настан. Тие имаат имиња и лица кои треба да ги зачуваме во нашето сеќавање“, порача германскиот претседател.

Масакрот во Сант Ана ди Стазема со години беше заборавен од сите, освен од преживеаните во него, се’ до пред 20 години кога документите во кои детално се опишува злосторството не беа случајно пронајдени во архивите на Воениот суд во Рим. Италијанскиот суд потоа осуди 10 членови на СС единицата на германската армија на доживотен затвор поради воени злосторства. Во отсуство им беше наредено и да им платат отштета на жртвите. Но, ниту еден од осудените не ја отслужи казната.

Долгиот процес доведе и до дипломатски тензии меѓу двете земји. Во октомври минатата година, јавниот обвинител во Штутгарт ја прекина истрагата за случајот поради недостаток на докази. Тој соопшти дека немало доволно докази оти осуммината преживеани војници извршиле или помагале во извршувањето на убиствата. Одлуката на германскиот суд ги разлути Италијанците. Гаук во неделата говореше за чувството на неправда кое го чувствувале преживеаните и семејствата на жртвите.

„Тука во Сант Ана човечкото достоинство беше уништено, а човековите права нарушени. Навредливо е за нашето чувство на правда кога злосторниците не се израчуваат, кога не се казнети, бидејќи тоа не го дозволуваат легалните инструменти“, рече Гаук.

Германија и Италија беа сојузници во Втората светска војна, се до колапсот на фашистичкиот режим на Бенито Мусолини во 1943 година. Германските трупи потоа окупираа дел од Италија се до 1945 година.