Гамбија: диктаторот се предомисли- не го признава поразот | Свет | DW | 11.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гамбија: диктаторот се предомисли- не го признава поразот

Авторитарниот лидер на Гамбија, Јахја Џамех загуби на изборите по 22 години на власт. По големата промена, дел од граѓаните сакаат да и се посветат на иднината, но многумина не можат да го заборават минатото.

Претседателот на Гамбија Јахја Џамех деновиве се предомисли и откако првично соопшти дека го признава изборниот пораз по 22 години на власт, одлучи сепак да не ги признава резултатите од изборите. Жестоки реакции стигнаа од ОН, САД и Африканската Унија кои го повикаа Џамех да се врати на првичната изјава. 

Поразот на Џамех беше прославен низ целата земја со надеж дека заминувањето на диктаторот ќе отвори ново поглавје за една од најсиромашните држави во Африка. 

Џалиба Кујате видел многу во животот. Музичарот постојано го обиколува светот со својата славна Кора (западноафрикански инструмент). Но никогаш не доживеал таква ноќ- секако не во неговата родна Гамбија. Разговараме неколку денови откако се случи неверојатното. На 2 декември, државната изборна комисија соопшти дека долгогодишниот претседател Јахја Џамех ги загуби изборите. Илјадници луѓе дојдоа на концертот на Кујате. Ја изведе својата нова песна, химна на опозицијата и на промените во земјата. „Знаев дека луѓето се добро расположени. Си помислив, доколку ја исполнам оваа нумера, ќе полудат од радост“, вели подоцна Кујате. Но бурата од воодушевување беше толку голема што Кујате мораше да ја евакуира својата Кора од безбедносни причини.

Генерација обремената од гнев и фрустрации

Последниве години, Кујате честопати мораше да стравува за својот живот- но не поради напливот од ентузијазам на неговата публика. Се жали дека бил прогласен за „опозициски музичар“- иако, вели, тоа не било точно. „Што и да сакав да направам тие ме спречуваа“, вели тој. Критичките гласови редовно исчезнуваа во ерата на претседателот Џамех, честопати киднапирани од злогласните полициски единици.

Gambia Musiker Jaliba Kuyateh

Гамбискиот музичар Џалиба Кујате

Луѓето со денови славеа откако беше признаена победата на опозицискиот кандидат Адама Бароу, а Џамех го призна поразот. Славјето беше генерално мирно. Но фрустрациите се длабоки по 22 годишната репресија: неколку часа по објавувањето на изборните резултати, постерите од кампањата на Џамех беа искинати низ целата земја.

Помирување наместо одмазда

Во интервју за ДВ, избраниот претседател Бароу најави дека планира да формира Комисија за вистина и помирување, според моделот на Јужна Африка. „Веднаш штом ќе ја преземеме власта ќе отвориме истраги. Ќе има правда за сите“, вели тој. „Тоа ќе биде прв чекор кон помирување“.
Ентони Табал седи во својот ресторан, „Зелена мамба“ на главната туристичка улица во Кололи, срцето на гамбијскиот главен град, Банџул. Добро е расположен, но кога ќе погледне во смартфонот се разлутува. Чита текстови полни со говор на омраза на социјалните мрежи; навреди и смртни закани кон претседателот. „Ова се насилнички закани- против претседателот, неговите министри, армијата. А тие сѐ уште се вооружени“, вели загрижениот бизнисмен. Токму сега е времето луѓето да погледнат кон иднината, додава.

Надеж за инвестиции и помош

Gambia Geschäftsmann Anthony Tabbal

Ентони Табал се надева на повеќе инвестиции во Гамбија

„Делува како нештата овде да се подобри одошто на американските избори“, вели Табал. „И тоа во нашата малечка земја која беше раководена од диктатор со цврста рака 22 години“. Табал е цврсто уверен дека нештата ќе тргнат на подобро за економијата на Гамбија, дека инвеститорите ќе се вратат и дека ќе потече развојна помош кон земјата. Бројни компании и невладини организации ја напуштија земјата по тирадите на Џамех против критичарите и дисидентите. Долго време Табал планираше да изгради хотелски апартмани покрај ресторанот. Досега, вели, политичката ситуација ги плашела инвеститорите. Сега е убеден дека ќе биде поинаку.

И музичарот Џалиба Кујате е оптимист дека мирната смена на власта ќе ја придвижи земјата напред и ќе ја поврати нејзината репутација. На неговите патувања секогаш среќава луѓе чија главна асоцијација со Гамбија е диктаторот. „Тоа е многу засрамувачки за мене. Но сега, по нашата изборна одлука, се надевам дека ќе добиеме повеќе признание и доверба“.

Реклама