Габриел го налути Нетанјаху | Свет | DW | 25.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Габриел го налути Нетанјаху

Една планирана средба на шефот на германската дипломатија со активисти за човекови права во Израел крена голема прашина. Премиерот Нетанјаху, со кого Габриел требаше да се сретне денеска, е сѐ друго освен среќен.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според медиумски наводи, побарал од германскиот министер за надворешни работи, Зигмагр Габриел, кој во понеделникот пристигна во посета на Израел, да ги одложи за денеска планираните состаноци со претставници на израелските левичарски организации Бецелем и Запирање на тишината.

Високи претставници од кабинетот на Нетанјаху изјавиле дека тој му поставил ултиматум на Габриел, велејќи дека нема да се сретне со него ако не ги откаже состаноците со тие организации, кои ги критикуваат израелските акции на окупираниот Западен Брег, пренесоа израелските медиуми. Состаноците со овие две организации не се откажани и германски дипломати рекоа дека ќе се одржат.

Листа без термин за Габриел

Габриел пак за германската телевизија утрината изјави дека не може да си замисли откажување на состанокот од страна на Нетанјаху, бидејќи тоа ќе биде многу жално. „Сосема е нормално при посети во странство да се зборува и со претставници на цивилното општество“, рече Габриел. Според него би било „незамисливо“ тој да откаже разговори со израелскиот премиер во Германија доколку Нетанјаху се сретне со критичари на германските власти.

„Во ниту една земја на планетава не може да се стекне разумен и сеопфатен впечаток, ако само се има средби во владините канцеларии“, рече Габриел и додаде: „Мора да се разговара со писатели и уметници, со студенти и дури и со критички настроени организации“. Организациите со кои треба да се сретне денеска вечер, според него, се токму такви - „многу критички настроени кон израелската политика во однос на Палестинците“. „Тоа е дневно-актуелна тема, за која мораме да изградиме мислење. Затоа сметам дека е сосема нормално да се зборува со нив“, изјави германскиот министер.

Israel Premierminister Benjamin Netanjahu (Reuters/B. Ratner)

Бенјамин Нетанјаху

Габриел уште истакна дека не може да си замисли дека повеќе не треба да има такви разговори за да добие термин во владата. „Се надевам дека ова се повеќе јавни гласини, отколку факт“, рече тој

Канцеларијата на Нетанјаху не излезе со официјално соопштение во врска со ова, но проследи листа до новинарите со денешните средби на израелскиот премиер, на која нема термин со германскиот министер.

Укор за Белгија

Шефот на германската дипломатија инаку ќе се сретне со претседателот на Израел Рувен Ривлин и лидерот на опозицијата Исак Херцог, како што се очекува. Херцог кој ја предводи партијата Ционистичка унија на левиот центар во понеделникот издаде соопштение во кое го осудува Нетанјаху поради ултиматимот, обвинувајќи ги го дека им нанесува штета на надворешните односи на Израел.

„Нетанјаху бега од терен. Неговиот ултиматум упатен до германскиот министер за надворешни работи е сериозен удар за израелските надворешни односи со најголемата економија во Европа и исклучителен пријател на Израел. Наместо да бега, јас го повикувам да се сретне со германскиот министер за надворешни работи и да му ги претстави своите позиции и позициите на Израел без страв од која било организација“, изјави Херцог.

Пред два месеца белгискиот амбасадор во Израел беше повикан во израелското Министерство за надворешни работи, ден по средбата на белгискиот министер за надворешни работи, Шарл Мишел, со претставниците на Запирање на тишината и Бецелема за време на посетата на Израел.

Нетанјаху се сретна со Мишел еден ден порано и побара белгиската влада да не ги финансира левичарските организации во Израел. Една недела претходно, за време на состанокот со британската премиерка Тереза Меј во Лондон, Нетанјаху, исто така, побара Велика Британија да престане да ги финансира левичарските групи, посебно Запирање на тишината.

Реклама