Габриел во Србија- стабилност пред демократија?! | Свет | DW | 13.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Габриел во Србија- стабилност пред демократија?!

Дали посетата на шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел на Белград е рутина или продолжување на поддршката за Вучиќ? Аналитичарите сметаат дека Европа сфаќа оти нема стабилност без демократија.

Габриел во Србија ја повтори германската поддршка за европскиот пат на Србија, ја истакна клучната улога на Србија за стабилноста на регионот, но и уште еднаш нагласи дека нормализацијата на односите со Косово ќе биде услов за членство на Србија во ЕУ.
И да имало некои новини, тие веројатно биле кажани зад затворени врати, вели надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ. Регионалната криза секако била во фокусот на разговорите на германскиот министер, но добар дел од настапот пред новинарите во Белград им беше посветен и на протестите и односот на Германија кон нив. Габриел, во класичен дипломатски тон наведе дека „протестите се внатрешно прашање на Србија“. Тоа, според Јакшиќ, е само продолжение на предизборната и постизборната поддршка за Вучиќ од Берлин. „Но, тие пофалби се во расчекор со постизборните коментари во германските, и не само германските медиуми, кои предупредуваат на опасноста од раст на авторитарните тенденции на власта на Вучиќ. Би било добро, а тоа не го знаеме, доколку Габриел на Вучиќ му пренел дека во Берлин внимателно се следи како власта во Белград ќе се однесува кон протестите“, вели Јакшиќ. 

Гледај видео 01:44

„Не е мој претседател“


Освен средбата со Вучиќ, Габриел во Белград се сретна и со шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, но ги одбил средбите со другите министри. Наместо со нив, Габриел во вилата „Мир“ во Белград се сретнал со претставници на невладините организации и опозицијата. Тоа е сигнал до Вучиќ дека треба сериозно да ги сфати протестите, пишува дописникот на ДВ од Белград.
Самиот Габриел, на прес-конференцијата, негираше дека посетата е „поддршка за Вучиќ во време на протести“. Вучиќ на тоа додаде дека „нема потреба никој да му го чува грбот, затоа што тој ја има поддршката на народот“.

Serbien Außenminister Gabriel Ankunft in Belgrad (picture alliance/dpa/M. Skolimowska)

Габриел во Белград се сретна со Вучиќ и Дачиќ, но и со претставници на невладините организации и опозицијата

Нема стабилност без демократија

Рутинска дипломатска посета или уште една добра можност за поддршка на Вучиќ- дилема која остана нерасчистена по посетата на Зигмар Габриел. „Мислам дека тие две работи можеме да ги споиме“, смета Александра Јоксимовиќ, претседателка на Центарот за надворешна политика. „Некои нешта се случуваат и во контекст на продолжувањето на Берлинскиот процес. Но, пораките кои се испратени во текот на оваа посета, без дилема, можеме да ги толкуваме како отворена, односно стабилна поддршка на Германија за Александар Вучиќ“.
Европа долго ѝ даваше приоритет на стабилноста, додека демократијата ја плаќаше цената поради тоа, вели Бошко Јакшиќ. „Сега ми се чини дека Европа сфаќа дека стабилноста без демократија не е вистинска стабилност и дека таквата ситуација лесно може да доведе до нестабилност. А Западниот Балкан во последните месеци докажа дека стабилноста лесно се претвора во нестабилност во недостаток на демократија“.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама