Вучиќ: Србија не сака нереди кај соседите | Европа | DW | 01.04.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Вучиќ: Србија не сака нереди кај соседите

Александар Вучиќ во ексклузивно интервју за Дојче веле зборува за Косово, односите со соседите на Балканот. Со Македонија немаме никакви отворени прашања, вели српскиот вицепремиер и лидер на Српската напредна партија.

ДВ: Косовската страна смета дека Косово е независно, што досега го признаа 106 држави, меѓу кои 23 од ЕУ. Пет членки на ЕУ се‘уште го признале, но и тука има придвижување. Дали и Вие во еден момент ќе го признаете Косово ако тоа биде услов за прием во ЕУ?

Вучиќ: Никој досега не ни го поставил тоа како услов. Не можам да зборувам што би било кога би било. Веројатно по следните избори на власт ќе биде некој друг, во 2017 или 2018. година. По реформите кои ќе ги спроведеме, претоставувам дека по следните избори некој друг ќе дојде на власт, па ќе треба него да го прашате. Дотогаш сигурно никој нема да го постави тоа прашање, зашто знаат дека за Србија во моментов тоа е невозможно прашање, нешто за што не може да се разговара. Но, мислам дека никој ни тогаш нема да се согласи формално да го прифати независно Косово. Но, ние ја сфаќаме реалноста и знаеме дека во Глоговац, Србица или Пеќ, освен Гораждевац, нема Срби, таму не можеме да ставиме српско знаме. Ние живееме во реалноста, но и Албанците треба да ја согледаат реалноста во северно Косово и во некои други делови. Но, затоа сме тука, за да разговараме и затоа разговараме.

ДВ: Дали сте подготвени на сметка на помирувањето на албанскиот и српскиот народ, како два најголеми на овој дел на Балканот, да се извините за злосторствата кои Србите ги извршија во Косово?

Вучиќ: Не мислам дека прашањето за извинување или некои лични односи е важно било кому и за било што. Најважно е оние кои извршиле злосторства да одговараат за нив. Јас од никого на Косово не очекувам извинување за злосторствата над Србите во Клечка или било каде. Јас очекувам злосторниците да бидат процесуирани, како што и од мене се очекува оние кои извршиле злосторства во име на нашата држава да бидат процесуирани. Сакам да уверам дека ниеден злосторник нема да биде поштеден и секој ќе одговара за неделата што ги извршил.

ДВ: Верувате ли воопшто во процесот на помирување меѓу Србите и Албанците?

Вучиќ: Верувам дека Србите и Албанците можат да живеат заедно и да имаат неспоредливо поголема доверба едни во други. Знам дека тука нема и не може да се очекува голема љубов, како ни во односите меѓу Србите и Хрватите. Не сакам да се додворувам било кому со ваков начин на говор. Мене нема да ме сакаат Албанците во Приштина, но доволно е да почитуваат некого, ако гледаат дека и тој нив ги почитува...Уверен сум дека ќе имаме поголема доверба и подобри меѓусебни односи. Иако на луѓето тоа им делува многу непопуларно, не мислам дека било кому ќе му штети. Напротив, мислам дека ќе користи и на едниот и на другиот народ.

ДВ: Во Хаг е во тек процес по тужбата на Хрватска и противтужбата на Србија за геноцид во текот на војната. Како пресудата ќе влијае на идните односи меѓу Србија и Хрватска?

Вучиќ: Така што ние мораме прагматично и рационално да гледаме во иднината. Што било, било. Во ред е да се подвлече линија, да се види што вели најрелевантниот орган во светот по тоа прашање. Дали потоа ќе има повеќе љубов - нема, во тоа нема двојба...Како што ние бараме од Хрватите да ги почитуваат правата на избеганите лица, да им го вратат имотот, станарските права, да не им се отуѓува земјиштето, така и тие од нас бараат повеќе работи за исчезнатите лица. Ние немаме проблем со тоа, тие проблеми мораме да ги решиме.

ДВ: Дали мислите дека Република Српска во еден момент ќе организира референдум за независност и отцепување од БиХ?

Вучиќ: Јас мислам дека Република Српска слуша што зборува Србија. Србија ја сака Република Српска. Србија го штити ентитетскиот идентитет на Република Српска во согласност со Дејтонскиот договор, но Србија го почитува територијалниот интегритет на БиХ. Би сакал Република Српска да го има тоа во вид.

ДВ: Дали Запад, ЕУ бара од Србија да ги поддржи санкциите против Русија и да воведе санкции, како и другите држави?

Вучиќ: Официјални барања немало, а не коментирам неофицијални и пишување на весници.

ДВ: Дали очекувате референдумот на Крим да има последици по балканскиот регион, дали може да се повтори на Косово, во Србија, БиХ и Македонија?

Вучиќ: Очигледно дека тоа што се случи со Косово имаше последици по цел свет. Но, јас не сум човек кој си придава преголемо значење за да се занимава со најголемите геостратешки и геополитички прашања. Мојата работа е да видам како и на кој начин Србија ќе живее во мир, економски ќе напредува и да се извлече она што е најдобро за нашата земја. Тие големи игри и големи приказни ние им ги оставаме на другите.

ДВ: Србија го остави зад себе времето на војни и судири со соседите?

Вучиќ: Апсолутно е така. Србија ќе ги чува мирот, својата стабилност, но е заинтересирана и за стабилноста на целиот регион. Затоа веднаш понудивме помош кога избија нередите во БиХ. Не сакаме нереди ни во Македонија. Сакаме политичка и економска стабилност на целиот регион. Само недоволно сериозни и недоволно одговорни луѓе мислат дека ако нешто се случи во некоја од соседните земји, тоа нема да се прелее и кај нив. Ако се случи било што било каде во регионот, инвеститорите ќе го избегнуваат целиот регион. Нам ни треба целосна стабилност, заеднички излез на меѓународните пазари, заедничко привлекување инвеститори. Тоа ќе биде нашата политика, политика на создавање нормална, стабилна Србија која не само што нема да ја загрозува туѓата стабилност, туку ќе се обиде да биде стабилизирачки фактор во целиот регион.

ДВ: Вие немате никакви отворени прашања со Македонија?

Вучиќ: Немаме, тие односи се добри. Добри односи имаме и со Грција, а тоа важи и за Црна Гора, со која имаме се‘ подобри односи.