Вучиќ како евергрин | Свет | DW | 16.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вучиќ како евергрин

Зошто Вучиќ сака претседателски мандат? Одговорот е едноставен, смета Драгослав Дедовиќ: ако таквиот ротациски модел беше успешен во братска Русија и пријателска Турција, зошто тој да измислува „топла вода“?

Премиерот конечно се изјасни. Дали е тоа добра или лоша вест? Добра за оние кои сметаат дека континуитетот на владеење, па макар и лоша, е подобар од дисконтинуитетот. Таквите до крај го бираа Милошевиќ. Лоша вест е за сите кои, наместо на медиумски инсцениран напредок, се надеваат на супстанцијално демократско придвижување.

Првите секако би го избрале Вучиќ и за доживотен автократ, бидејќи секоја промена на власта однапред ја дезавуираат како експеримент, преврат или завера. Власта за нив е секогаш во право дури и кога тешко греши. Останатите во Србија се премалку. Расцепкани се. Сѐ уште се деморализирани од девијациите на ерата на Тадиќ.

Одговорот на лажната дилема која, по којзнае кој пат драматуршки несмасно, но делотворно ја наметна Вучиќ - или јас или хаос - за мнозинството ќе значи, се знае: Вучиќ. Таа сметка ја поддржуваат анкетите и однапред послушните медиуми. Требаше да биде јасно дека Вучиќ ќе се кандидира за претседател уште кога почна медиумското плукање кон оние кои веќе ја објавија својата кандидатура. Невидливата сенка во редакциите никогаш не беше Николиќ, туку Вучиќ.

Оставајќи го Николиќ на цедило, поранешниот трет човек на Радикалите го расходува, еве, веќе својот втор политички ментор.

Мандатот како приватен имот

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App

Драгослав Дедовиќ

Зошто Вучиќ, кој ја обожува предизборната драма па ги тера луѓето да бираат секоја втора година, сака претседателски мандат од долги пет години? Одговорот е едноставен. Кога ротацискиот модел на еден автократ меѓу претседателското и премиерското место е успешен во братска Русија и пријателска Турција, зошто тој да измислува „топла вода“? Не е битно што пишува во Уставот, битно е кој го толкува.
А и во соседството постојат фигури на кои не може да им се одрекне суровата волја за моќ, без оглед на тоа што секогаш донекаде ги сопнуваат здодевните демократски процедури.Ѓукановиќ, Орбан, Додик, Груевски... Сите тие имиња означуваат демократски избрани авторитарни политичари кои својот мандат го третираат како приватен посед.

Значи, Вучиќ не е единствен, тој се вклопува во псевдодемократскиот модел на однесување и техника на владеење. Постмодерната демократура со циркуски 'ријалити'-елементи, за жал, веќе не е исклучок во светот, па ни на Балканот. Имајќи предвид дека Вучиќ вешто владее со своите регистри и тоналитетите на една иста песна во која тој е некој вид Свети Ѓорѓија кој на копјето ги набодува сите политички змејови, може да се претпостави дека бирачите мнозински ќе го поддржат. Само ќе се промени зградата во која во Србија се оди по мислење.

Единствено што може да му ги заплетка сметките е фактот дека тој човек владее во земја во која постои  поговорката заснована врз искуството: Ова е Србија, брат. А тоа значи: очекувај го неочекуваното.

 

DW.COM

Реклама