Вториот изборен круг под силен монитoринг | Македонија | DW | 29.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вториот изборен круг под силен монитoринг

Партиите со предност од првиот круг се обидуваат да го задржат победничкиот тренд, а другите да направат пресврт. Жестоката изборна битка е под будно око на над 5.000 набљудувачи, но и на овластени партиски претставници.

Навреме и без проблеми започна гласањето за вториот круг од шестите локални избори во Македонија. Како што дознаваме, овојпат зајакнато било присуството на овластени претставници од партиите, меѓу кои имало и повисоки партиски функционери - поранешни министри и поранешни полициски функционери од претходната власт, особено на избирачки места во општините Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Штип... Граѓанските организации кои имаат акредитирани набљудувачи потврдуваат дека изборниот процес започнал навреме и мирно. Од граѓанската организација „Цивил" до 9 часот регистрирале две нарушувања: на едно избирачко место во Трубарево, општина Бутел, едно лице ги проверувало избирачите што доаѓаат на гласање во „свој“ избирачки список, а во општината Шуто Оризари бил забележан случај на организиран превоз на гласачи од страна на поранешен заменик-министер. Набљудувачите ја евидентирале и регистерска табличка на комби-возилото.

Едни за доминација, други за „преживување"

Изборниот процес за 70 кандидати за градоначалници денеска се спроведува во 35 општини, на 1.517 избирачки места, каде право на глас имаат 833.710 граѓани. Во скопските општини Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места. Во првиот круг од изборите кој се одржа на 15 октомври, се избраа членовите на општинските Совети, градоначалници на 45 општини и на Градот Скопје. СДСМ во првиот круг освои 37 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ 3, ДУИ 2, група избирачи 2 и едно Демократската партија на Турците.

Денеска се води финалната трка во преостанатите 35 општини, каде во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник не го доби потребно мнозинство гласови. Владејачката СДСМ се обидува да ја задржи победничката доминација од првиот круг, а ВМРО-ДПМНЕ да освои градоначалнички места барем во некоја поголема општина. Една од општините во кои ќе се кршат копјата е Штип, каде кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Илчо Захариев, имаше предност од само 36 гласови пред кандидатот на СДСМ, Благој Бочварски. Под 100 гласа разлика заврши и првиот круг во Демир Капија, Росоман и Чешиново-Облешево. СДСМ во трката влегува со предност во 14 општини (Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Виница и Градско, Демир Капија Јегуновце, Карбинци, Македонска Каменица, Македонски Брод и Росоман, Старо Нагоричане и Чашка), а ВМРО ДПМНЕ во 6 (Штип, Чешиново-Облешево, Пробиштип, Новаци, Зрновци и Кавадарци). Но бројките од првиот круг се само индикатор, бидејќи денешната изборна трка повторно почнува од нула.

Жестоко во албанскиот блок

Најжестока изборна трка ќе има во албанскиот блок. ДУИ го заврши првиот круг со предност во 11 општини (Гостивар, Тетово, Чаир , Сарај, Теарце, Липово, Желино, Долнени, Дебар, Врапчиште и Боговиње), Алијанса за Албанците во Струга, ДПА во Студеничани. Ваквиот распоред на силите, резултираше со формирање на коалиција меѓу Алијанса за Албанците и Беса за вториот круг. Беса ќе ги поддржи кандидатите на Алијансата во пет општини, а Алијансата ќе ги поддржи кандидатите на Беса во седум општини. ДУИ за победа ќе се бори со поддршка од СДСМ, ДПА, а во некои општини и со поддршка на Демократската партија на Турците (ДПТ). Таков е случајот во Гостивар, каде актуелниот градоначалник Невзат Бејта од ДУИ ќе се натпреварува со министерот за здравство Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, кој пак ќе добие поддршка и од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Владините коалициски партнери ДУИ и Алијансата се ривали во Струга каде битката ја водат двајца поранешни градоначалници - Рамиз Мерко и Зијадин Села. На досегашната градоначалничка и актуелен кандидат за Тетово, Теута Арифи од ДУИ, во вториот круг ривал и’ е лидерот на Беса, Биљал Касами. И аналитичари, но и партиски извори предупредуваат дека ад-хок коалициите за вториот круг од локалните избори и исходот од нив може да се одразат на структурата на Владата, со оглед дека сегашни владините коалициски партнери - Алијансата за Албанците и ДУИ станаа жестоки ривали и разменија серија обвинувања. 

Изборен мониторинг

За денешниот круг од изборниот процес, Државната изборна комисија (ДИК) акредитираше 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи. Од домашните најголем број набљудувачи има МОСТ - 2.917, потоа Здружението на граѓани ЗХА „Синергија" од Штип 1.829, Цивил - Центар за слобода 207, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид - Скопје 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје - ЦРИС Скопје 17 и Македонскиот центар за култура и развој 6 набљудувачи. Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 289, Амбасадата на САД во Македонија 35, Делегацијата на ЕУ 23, Меѓународниот студиски центар за избори (ИЕСЦ) 18. Набљудувачи акредитирала и Канцеларијата на НАТО во Скопје, како и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Холандија, Италија, Словачка, Државна изборна комисија на Црна Гора, централните изборни комисии на Косово и на Бугарија и Меѓународна фондација за изборни системи (ИФЕС) - Канцеларија во Република Македонија. Во ДИК биле акредитирани и 315 преведувачи и дваесет странски новинари.

 

DW.COM

Реклама