Вселенската армија нема да донесе спас | Свет | DW | 14.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вселенската армија нема да донесе спас

Најавата на Доналд Трамп за формирање вселенска армија (US Space Command) нема ништо да промени во военото и цивилно истражување и искористување на вселената. Пишува Фабијан Шмит.

Покрај армијата, морнарицата, маринците, крајбрежната стража и авијацијата, американските воени сили сега треба да добијат и вселенска армија - US Space Command. Тоа многу потсетува на програмата „Војна на ѕвездите“ на Роналд Реган.

Некои на тоа гледаат како на знак дека војната на ѕвездите конечно е земена сериозно предвид. Западот можеби наскоро во вселената ќе се вооружува со техника за противвоздушна одбрана, која би била заштита од евентуални нуклеарни напади од непресметливи држави или непријателски настроени држави кои би сакале да станат светски сили, како Русија или Кина. Тој ја заштитува од уништување од страна на непријателски сателити својата - сѐ уште во орбитата на Земјата инсталирана - инфраструктура за комуникации, набљудување на планетата и за навигација. И, се брани од хакерски напади, чија цел е преземање или парализирање на животно важни системи за нашите комплексни општества.

Критичарите пак стравуваат од милитаризација на вселената. Меѓународни соработки кои служат за пример, какви што има да речеме на Меѓународната вселенска станица (ИСС), притоа може да се најдат „под радарот“, а со тоа во втор план да се најде и мировната функција на цивилното истражување на вселената, кое има за цел градење мостови. Би се соочиле со милитаризација, недоверба и шпионажа.

Но, одлуката на Трамп нема да ги исполни ниту надежите на едните ниту стравувањата на другите. Имено, во суштина нема да се примени ништо.

Вселената е одамна милитаризирана

Армијата е отсекогаш вклучена во истражувањето на вселената. Целата денешна ракетна техника има свои корени во воените истражувања. Сѐ започна со изградбата на Хитлеровото т.н. „чудесно оружје“ - V2 во Пенеминде.

Оттаму, ракетната техника, заедно со инженерите, замина такаречи како воен плен директно во Советскиот сојуз. И САД посегнаа по V2-татковците. Најпознатиот од нив беше Вернер фон Браун.

Натпреварот во вселената меѓу двете светски сили технолошки беше неделив од развојот и изградбата на интерконтиненталните ракети, чија единствена цел е да уништуваат градови со атомски бомби на другата страна на Земјата.

Schmidt Fabian Kommentarbild App

Фабијан Шмит

И првите сателити за набљудување на Земјата беа исфрлени во орбитата за потреби на армијата - како сателити за шпионирање на непријателот. Тие даваа слики долго пред на пазарот да се појават слични системи за цивилна употреба. Првиот лет на Јури Гагарин - непосредно пред кризата околу Куба - беше, се разбира, симбол на воена сила.

Слично беше и со сателитската навигација. Таа првично беше воен проект, а дури подоцна беше дадена дозвола и за цивлна употреба, на почетокот со помала прецизност. И денес војската има в раце копче за исклучување на сателитската навигација доколку е тоа неопходно.

Значи, развојот на вселенските истражувања беше отсекогаш другата страна на медалот на трката во вооружување. Двете работи одат рака под рака, а државите кои се занимаваат со тоа постојано ги развиваа двете работи - истражувачки сателити и вселенски капсули исто како и крстосувачки и интерконтинентални ракети.

Безбројните економски активности кои денес ги има меѓу орбитата и Земјата се настанати дури во 1980-те, по воено инспирираниот натпревар за вселената.

Старо вино во нови бочви

Сите воени активности на САД во вселената досега се одвиваат под раководната палка на воената авијација, со исклучок на некои делови на противракетната одбрана кои се во надлежност морнарицата. А, воената авијација веќе сега прави сѐ што е во нејзина моќ за да ја обезбеди својата воена инфраструктура во орбитата. Она што сега главно ќе се промени е што новиот дел од воените сили ќе ги преземат ваквите задачи од морнарицата.

НАСА, која е одговорна за цивилните вселенски летови и истражувања, се разбира исто така ќе продолжи да го прави истото. И преку нејзе и натаму ќе се одвиваат цивилната соработка со други интернационални партнери - со Роскосмос, ЕСА или јапонската вселенска агенција ЈАXA. Се разбира, ќе продолжи и работата на ИСС.

Нова програма „Војна на ѕвездите“ нема да може да се спроведе од денес до утре. Денешните системи за противракетна одбрана се во состојба да излезат на крај само со ракети со краток и среден дострел. А, освен тоа, противракетната одбрана и онака потфрла доколку бројот на ракети кои напаѓаат биде преголем.

Против интерконтиненталните ракети досега и онака не можеше да се стори ништо. И, во догледно време тоа ќе остане повеќе „Fiction“ отколку „Science“. Тука ништо нема да помогне ниту основањето на една „Space Command“. Единственото нешто што вселенската армија сигурно ќе го донесе е кавга околу надлежнностите со воената авијација, а со тоа и зголемување на трошоците.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема