Враќање на „нафтеното оружје“ | Економија | DW | 15.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Враќање на „нафтеното оружје“

На светскиот нафтен пазар беснее ценовна војна. Еден барел чини помалку од 50 долари. Но и покрај хиперпродукцијата пред сѐ Саудиска Арабија и натаму го зголемува производството и тоа не поради економски причини.

Возачите во Европа во неверување ги тријат очите: во лето, кога најмногу се патува, цените на горивата на бензинските пумпи обично растат. Оваа година, меѓутоа, цената е постојано ниска. Причина: војната околу цените за сурова нафта. Ширум светот, пумпите на нафтените полиња работат без престан. Службата за информации на нафтената бранша ОПИС соопшти дека во јули се ваделе 230.000 барели дневно. И покрај тоа, некои земји продолжуваат со експлоатирање во забрзано темпо. На пример, Саудиска Арабија го зголеми количеството за цели 50.000 барели дневно.

Стручњакот за економија Томас Мајер за ДВ зборува за употребата на „нафтено оружје“- кое не е закана за потрошувачите на Запад, туку за конкуренцијата и политички неспособните соседи. „Главна цел е да се победи конкуренцијата која се занимава со фракинг, посебно во САД“, вели Мајер кој порано бил главен економист во Дојче банк: „Втора цел е да се спречи Иран на пазарот на нафта повторно да стане силен играч“.

Враќање на Иран на нафтениот пазар

Иран, по заострувањето на санкциите во 2012. година, беше во најголема мерка отсечен од меѓународниот пазар на нафта. Производството во земјата драстично се намали, а извозот се преполови. По потпишувањето на договорот за иранската нуклеарна програма, тоа се промени. На почетокот на годината, за Иран се укинаа нафтените санкции. Азидех Замирирад од берлинската Фондација за наука и политика, за ДВ вели дека Иран следи 3 цели: „Првата- да се доведе производството на нафта на ниво кое го имаше пред санкциите, втората- што побрзо да се поврати изгубениот удел на пазарот, и третата- да се обезбедат директни странски инвестиции во слабата инфраструктура во енергетскиот сектор.“

Ниската цена на нафтата го отежнува постигнувањето на тие цели. Покрај тоа треба да се додаде и дека Иран во однос на Саудиска Арабија има двојно повеќе трошоци при експлоатација на нафта. Во Саудиска Арабија вадење еден барел од земја чини 14 долари, а во Иран- 30 долари. Во Русија тоа чини над 50 долари. „Од перспектива на Техеран, Саудијците сакаат со сите сили да спречат политичко и економско јакнење на Иран“, вели Азидех Замиридад: „Техеран секогаш го опслужувал Риад за да може намерно да ја спушти цената на нафтата.“

Саудиска Арабија ја зголемува цената на горивата

Притоа поради ниските цени на нафтата и самата Саудиска Арабија трпи штета. Оваа земја е уште позависна од извозот на нафта отколку Иран, кој има различни економски можности. Затоа и новата година за Саудијците започна многу невообичаено- со значително зголемување на цената на бензинот. Поскапеа и дизелот и керозинот, исто како и гасот, струјата и водата.

Себастијан Сонс од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП), смета дека стратегијата за одржување на ниските цени за сировата нафта која ја спроведува Риад- е опасна. Државниот буџет се истенчи, а социокултурните проблеми кои постојат веќе со децении и понатаму не се решени.

Тоа се, како што вели Сонс, високата стапка на невработеност меѓу младите, недостаток на ориентација, голема зависност од странска работна сила, голем државен сектор.

И други извозници на нафта имаат проблеми поради саудиската стратегија, додава Сонс. Но, нивниот збор не се слуша поради големото влијание кое го има Саудиска Арабија во организацијата ОПЕK: „Саудијците не прифаќаат ниту еден предлог и ја узурпираа моќта на одлучување во рамки на ОПЕK- другите земји не можат да им се спротивстават.“

Менувач на играта- фрекинг

Војната со цените започна на министерскиот состанок на ОПЕK во ноември 2014. година. Тогаш прашањето гласеше: како да се реагира на зголемувањето на обемот на фрекинг во САД и враќање на Ирак на пазарот на нафта. Технологијата на фрeкингот, која еколошките активисти жестоко ја критикуваат, за само неколку години од САД направи трет по сила произведувач на нафта во светот, веднаш зад Саудиска Арабија и Русија. Помеѓу 2010. и 2015. година САД речиси двојно го зголемија производството на нафта.

За Леон Лешус, тоа зголемување на производството во САД е главна причина за падот на цените меѓу средината на 2014. и почетокот на 2016. година. Овој стручњак за нафта при Хамбуршкиот институт за светска економија, потсетува дека цените во тоа време од 100 долари паднаа на помалку од 30 долари за барел. Уште тогаш, Саудиска Арабија не го намали своето производство, за да одржи притисок на американските конкуренти. Бидејќи, фрeкингот е поскап од вадењето нафта од пустински песок.

Последниот обид за стабилизирање на цената на нафтата пропадна во средината на април во Доха. Претставниците на 18 земји кои произведуваат нафта се собраа- заедно со Русија која не е членка на ОПЕK. Требаше да се постигне договор за одржување на производството на ниво од јануари 2016. година. На состанокот немаше Иранци, иако беше повикана нивна делегација. Тие одбија да ја ограничат количината на произведена нафта се' додека не го достигнат нивото на производство кое го имаа пред санкциите, значи, во 2011. година. Поголемиот број од другите земји беа за ограничување. Но, не и Саудиска Арабија. Договорот пропадна поради ставот на Риад.

„Нафтата како оружје“, вели Себастијан Сонс, „не служи само за зачувување на уделот на Саудиска Арабија на пазарот. Цел е да се попречи Иран, конкурентот број 1.“ Томас Мајер не очекува оти војната со цените на нафтата наскоро ќе заврши. Бидејќи, „Понудата не се намалува. Истовремено побарувачката е релативно слаба“. Значи, додека е така, на потрошувачите ќе им биде убаво.

Реклама