Враќање кон германската „политика на попуштање“ | Свет | DW | 29.08.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Враќање кон германската „политика на попуштање“

Лидерот на Либералите (ФДП), Кристијан Линднер, во интервју за ДВ зборува за политиката кон Авганистан, како и за бегалците и најавува „враќање на традиционалната германска попустлива политика“.

„Сметам дека воената мисија во Авганистан за нас долгорочно не е одржлива“, изјави претседателот на ФДП, Кристијан Линднер, во разговорот со главната и одговорна уредничка на ДВ Инес Пол и новинарот Џафар Абдул-Карим. Носителот на листата на германските Либерали на претстојните сојузни парламентарни избори оценува дека целите не се постигнати. Меѓународниот воен ангажман во Авганистан под водство на САД трае веќе 16 години. Американскиот претседател Доналд Трамп најави засилување на американски трупи во земјата. Линднер за ДВ вели оти не верува дека таквата мисија му „одговара“ на Бундесверот.

Кога станува збор за другите актуелни прашања, Линднер нема влакна на јазикот. Зборувајќи за Турција по последните случувања, тој бара во економската соработка на „сите семафори да се запали црвено светло“. Линднер конкретно предлага да се укинат извозните квоти и да се запрат разговорите за царински олеснувања. „Тоа ѝ го должиме на опозицијата во Турција“, вели тој. Таму, по неуспешниот воен удар во јули 2016 година, се уапсени над 1.000 луѓе, а слободата на печатот е строго ограничена.

Четири врати за бегалците

Линднер упати остри критики и на сметка на политиката која кон бегалците ја спроведува германската канцеларка Ангела Меркел. Тој смета дека обработката на барањата за азил трае предолго. За да се забрза, Линднер предлага на бегалците да им се додели посебен статус врз основа на кој би имале привремена хуманитарна заштита. Откако ќе се изврши идентификација, бегалците прво би добиле дозвола за престој и на тој начин би имале пристап до пазарот на труд. „Меѓутоа“, нагласува Линднер, „работната дозвола би требало да биде временски ограничена“. Ако татковината на тие луѓе е повторно слободна и мирна, тогаш бегалците во основа би морале таму да се вратат.

Предлозите на Линднер - според негово мислење за подобра политика кон бегалците - се дел од визијата за идната политика на доселување. „Германија е навистина доселеничка земја, но мораме јасно да дефинираме можност за пристапување кон Германија“. Линднер притоа го користи поимот „четири врати“. 

„Првата врата се вика азил - тоа е индивидуално основно право за кое не може да има горни граници, но тоа се однесува на многу мал број луѓе, на оние кои се лично прогонети“. На втората врата на Линднер пишува бегалци. Под тоа тој подразбира луѓе кои не се лично прогонети, туку побегнале од војна и насилства. На прашањето на главната и одговорна уредничка на ДВ Инес Пол - дали во тој случај постои горна граница, Линднер одговара: „Во тој случај постои горна граница кој е утврдена со капацитетите кои стојат на располагање за прифаќање на бегалците“.

Третата врата во неговата визија на идна доселеничка политика е означена со квалификувано доселување. Линднер во овој случај подразбира целен избор на луѓе на кои им е дозволено доаѓање во Германија. „Ние врз основа на познавање на јазикот, квалификациите и други работи одлучуваме кој може да дојде“. А четвртата врата за Линднер останува затворена: оној кој нема право на азил, кој не е бегалец, ни квалификуван доселеник, тој не може да дојде во Германија, ниту во неа смее да остане.

Тоа дали ФДП ќе ги имплементира овие идеи на Линднер во идната влада на Германија зависи секако од резултатите на изборите, а потоа и од коалициските преговори. Според испитувањето на јавното мислење, за ФДП во Германија во моментов би гласале 8 отсто од избирачите, исто колку и за Зелените и за Алтернатива за Германија.

За Левицата би гласале 9 насто. Борбата за третото место во германскиот парламент е многу неизвесна. За коалицијата на партиите Унија на ЦСУ/ЦДУ, тоа не е доволно.

Враќање на „политиката на попуштање“

Доколку на ФДП, кој во моментов нема свои претставници во Бундестагот, ѝ појде од рака по 24 септември да се врати на владината маса, Линднер ветува враќање на „традиционалната германска политика на попуштање“. Оваа реченица беше изговорена кога во интервјуто се зборуваше за спорната изјава на Линднер за руската анексија на Крим. Во интервјуто за ДВ тој го бранеше својот став, рече оти анексијата на Крим е спротивна на меѓународното право, но и додаде дека германската политика на попуштање е поврзана со две работи: острина и подготвеност за дијалог. „Ги замрзнуваме конфликтите без да ги прифатиме, но затоа на други места нудиме разговор.“

На крајот на интервјуто беше забавно да се слушне кој политичар од некоја друга партија Линднер, да мора, ќе го поведе на пуст остров. Лидерот на ФПД се одлучи за копретседателот на Зелените Џем Ездемир. И тој е добитник на престижната карневалска награда на градот Ахен, па, вели Линднер, „би имале барем на што да се смееме - ако за ништо друго, тогаш еден на друг“.

 

Реклама