1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратена контролата врз Кабул

Александар Методијев /афп/ројтерс/дв16 април 2012

Авганистанските безбедносни власти денеска ја вратија контролата врз Кабул, убивајќи ги сите напаѓачи кои спроведоа еден од најголемите координирани напади врз авганистанскиот главен град во последнава деценија.

https://p.dw.com/p/14eQT
Фотографија: DW / Hossain Sirat

„Сите напаѓачи се мртви и пукањето е завршено“, рече портпаролот на авганистанското МВР, означувајќи го крајот на нападот. Авганистанскиот министер за одбрана, пак, соопшти дека во 18-часовниот напад се убиени 32 талибанци, а еден е уапсен. Осум членови на безбедносните сили се убиени, а 44 други лица, меѓу кои има и цивили, се повредени.

Во справувањето со талибанците авганистанските безбедносни сили имале воздушна поддршка од НАТО силите во земјата. Вчерашниот напад ги зголеми стравувањата за безбедносната состојба во Авганистан, бидејќи НАТО трупите се подготвуваат да ги повлечат своите 130.000 војници до крајот на 2014-та и да ја предадат одговорноста за безбедноста во земјата на авганистанските безбедносни сили. Но, НАТО беше брз во пофалбата на нивната реакција.

„Јас сум енормно горд колку бргу авганистанските безбедносни сили одговорија на нападите во Кабул. Тие веднаш се најдоа на местото на нападите, беа добро предводени и добро координирани“, рече командантот на ИСАФ мисијата, генералот Џон Ален.

Afghanistan Polizei Ausrüstung Sicherheitskräfte
Авганистански полицаецФотографија: Reuters

Сепак, фактот дека многу милитанти успејаа да се провлечат низ т.н. „челичен прстен“ на контролни пунктови во Кабул и да нападнат значајни објекти во срцето на главниот град покренува прашања за пропусти во безбедноста.

Западните дипломати го осудија нападот

Американската, британската, германската и јапонската амбасада беа дел од метите на кои пукаа талибанците, како и парламентот во Кабул. Германскиот сојузен министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е еден од низата западни дипломати кои го осудија нападот.

„Најостро ги осудуваме овие насилни напади. Тие треба да ја попречат слободата и обновата во Авганистан. Но, ние нема да се откажеме од нашата работа, нашата посветеност да изградиме добра иднина за Авганистан“, рече Вестервеле.

Надвор од главниот град милитантите нападнаа владини згради во провинцијата Логар, како и аеродромот во Џалалабад и полициски објект во градот Гардез, каде во совладувањето на талибанците учествувал и хеликоптер од НАТО.

Во септември минатата година талибанците нападнаа повеќе локации, меѓу кои и американската амбасада и седиштата на странските трупи, при што беа убиени 14 лица. Еден месец порано бомбаши самоубијци го нападнаа Британскиот културен центар, убивајќи девет лица.