Вразумете се, вториот бран на коронавирус е неизбежен! | Свет | DW | 28.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вразумете се, вториот бран на коронавирус е неизбежен!

Со големи напори успеавме да спречиме драстичен скок на инфекцијата со Сарс-Ков-2. Но, ако сега сите не се контролираме, ќе ги проиграме скапо постигнатите успеси во борбата против Ковид-19, смета Фабијан Шмит.

Многу земји во светот на пандемијата на коронавирус реагираа со правовремени и драстични рестрикции и консеквентно следење на синџирите на инфекцијата и на тој начин постигнаа успех.

Почетниот експоненцијален раст на инфекциите можеше да биде ставен под контрола и бројот на новите инфекции сега е во помал обем. Примери за тоа се Кина, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Тајван, но и многу држави-членки на Европската унија.

По драматичните искуства од изминатата половина година, речиси насекаде се успеа здравствениот систем да се одржи во функционална состојба, а економијата, без оглед на тешките удари, повторно да заживее.

Пандемијата на коронавирус уште не го достигна зенитот

Но, бавното повторно враќање кон нормалноста во многу земји не смее да нѐ води кон лесномисленост. Заразата во светот ни оддалеку не е совладана. Фактички, линијата на глобалните нови инфекции и натаму расте експоненцијално. Од ден во ден има сѐ повеќе новоинфицирани, а не помалку. Заразата сега е уште поопасна отколку што беше на почеток.

Schmidt Fabian Kommentarbild App

Фабијан Шмит

Таа се шири посебно онаму каде здравствените системи не функционираат толку добро, каде луѓето се посиромашни и затоа живеат заедно на тесен простор или таму каде одговорните во прв план ги ставаат економските интереси, а на втор план здравјето на своите граѓани и не посегаат по строги мерки.

Земјите погодени од корона треба да се опомена

Додека во земји како САД, Бразил, Индија, Русија, Јужна Африка и Мексико првиот бран на коронавирус уште нема достигнато кулминација, во државите кои полесно го пребродија сега се заканува втор бран. Повторно зголемениот број нови случаи во многу ЕУ-земји тоа го потврдува.

Повеќе на темата:

Тест-центри за коронавирус на германските аеродроми

Ковид-19: „Не одете по шведскиот пат“

Турбо-корона на Западен Балкан: За бакнежите и забавите

Значи, следниот бран секако доаѓа. Него не може да го одвратиме, туку единствено да го амортизираме. Но, тоа е можно само ако луѓето и натаму се воздржуваат. Тоа значи посебно воздржување од дружби, забави и манифестации.

Дружење во тесен круг

Одморот, онаму каде е можен, може да се помине и во потесен семеен или пријателски круг. Но, оној кој смета дека мора да се движи во маси од илјадници луѓе, оној кој сака да се олабави така што се препушта на алкохол и дроги и не држи физичка дистанца кон другите, се однесува  неодговорно и несолидарно.

Сегашните ниски бројки на инфекциите сите заедно скапо нѐ чинеа. Многу луѓе загубија роднини и пријатели. Други ги загубија работните места или мораа да ги затворат фирмите.

Кон нив и кон нас самите имаме долг и натаму сериозно да го сфаќаме коронавирусот. Олабавувањето на заштитните мерки не е бланко-чек за распуштеност.

 

Реклама