„Во Турција не остана ништо од демократијата“ | Свет | DW | 17.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Во Турција не остана ништо од демократијата“

За писателката и физичарка Асли Ердоган, поништувањето на изборите во Истанбул е дефинитивен крај на демократијата во Турција. Од новите избори не очекувам демократски резултати, вели таа во интервју за ДВ.

Писателката Асли Ердоган од октомври 2017 живее во егзил во Франкфурт. Беше уапсена во Турција поради наводна пропаганда во корист на терористичка организација, откако за еден прокурдски весник напиша колумна за постапките на турските безбедносни сили на југоистокот на земјата. Во истражен затвор мина половина година.

ДВ: Во моментов сите зборуваат за поништувањето на резултатите од локалните избори во Истанбул и нивното одново закажување. Што мислите Вие за тоа?

Ердоган: Таква одлука очекував и тоа воопшто не ме зачудува. Само што на таквиот срам досега не сакавме да му погледнеме во очи. Сега маската падна. Се покажа дека нам не ни остана ни најосновниот принцип на демократијата: принципот на слободни избори. Да го прифатиме фактот дека во Турција од демократијата веќе ништо не остана.

ДВ: Вие рековте дека дојде време да се зборува за фашизам. Сметате ли дека, и покрај песимизмот, изборите во јуни би можеле да имаат демократски исход?

Не мислам, во никој случај. Затоа што АКП не може да изгуби на изборите. Волјата на гласачите нема да го одреди изборниот резултат и за тоа тие ќе преземат адекватни чекори. Мислам дека ова за кое говорам се повеќе ќе се покажува точно. Денес тоа го согледуваат и оние кои таквата квалификација секогаш ја одбиваа. Мислам на фашизам во поширока смисла, не како научна дефиниција. Кога еден човек одлучува за доживотен затвор, тогаш тоа за мене не е нешто авторитарно или тоталитарно, туку фашистичко. Во Турција е доволна жалба на само едно лице за некој да биде осуден на доживотен затвор. Тоа не е шега. Во таква ситуација не ме интересира дали Турција согласно академски или научни категории смее да се нарекува фашистичка.

До пред две и пол години бевте во затвор. Сега сте слободни и гостувате на разни панели во Германија. Како влијае таа промена врз Вас?

Тоа е пред се емоционална промена, но тој процес не е завршен. Како мојата душа да остана во затвор. Некои други луѓе не можат да излезат ни од затвор, ни од Турција. Една пријателка која беше со мене во затвор сега започна штрајк со глад. Тоа е тешко чувство. Јас не сум во затвор, ни во Турција. Всушност би требала да бидам благодарна, но тоа некако не ми успева.

Вие излеговте од затвор, но многу турски новинари и писатели се уште се таму. Дали е ЕУ доволно критична кон Турција?
Во мојот случај, меѓународната поддршка и солидарност беа многу ефикасни. Можеби затоа што бев меѓу првите или можеби поради сликите кои од Турција стигнаа до светот. Беа тоа слики на луѓе со отсечени уши, офицери кои беа измачувани. Тоа го шокираше целиот свет. Возбудата сега спласна, можеби затоа што и јавност во меѓувреме се навикна по апсењето на толку многу луѓе. Секако би сакала да има повеќе реакции, но мораме рационално да гледаме на нештата. Ме изненади септемвриската посета на госпоѓа Меркел на Ердоган. Тука има доста противречности. Од една страна многу критики, а од друга се вели, можеш да правиш што сакаш, се додека ги држиш бегалците подалеку од нас. Мислам дека реакциите на германската јавност се потемелни од оние на германските политичари.

Рековте дека не мислите во следните 10 години да се враќате во Турција. Планирате ли воопшто да се враќате?

Секако дека би сакала. Кога дојдов во Германија, реков: само три дена и се враќам. Но ситуацијата во последниве години дури и се влоши. Тоа би било ризично затоа што повторно би ме пикнале во затвор. Доволна причина за тоа би било ова интервју со Вас. За тоа би можела да добијам 10 години затвор. Не сум воопшто оптимист кога станува збор за следните неколку години во Турција. Нема да има ништо добро. На власт и натаму ќе биде режим кој на луѓето им го одзема воздухот за дишење.

DW.COM

Реклама