Во С. Македонија ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирус | Економија | DW | 28.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Во С. Македонија ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирус

Потпретседателот на германскиот гигант за Дојче веле ги објави деталите од планот за потенцијално најголемата инвестиција во С. Македонија. Конечната одлука ќе падне за два до три месеца.

Германскиот производствен гигант за медицинска и фамацевтска амбалажа ја стартува работата во Северна Македонија со најава за уште поамбициозни планови. Првата фаза тешка околу 30 милиони евра и околу 350 вработувања започна, но допрва следува она што е уште поважно. Одлука за проширување на производствениот капацитет, кој според најавите треба да биде досега најголема инвестиција во Северна Македонија. Доколку се реализира во близина на Скопје ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот кои се користат ширум светот. 

Потпретседателот на „Гересхајмер“ Оливер Бургел во разговор за Дојче веле изрази задоволство од досегашниот тек на работите.

Првата фаза која стартува со производство на специјални високософистицирани навртки за шприцеви според него се одвива според плановите, а многу бргу вели ќе бидат познати и деталите од планот за проширување на капацитетите.    „Досегашната инвестиција е околу 30 милиони евра и во првата фаза опфаќа околу 350 вработени. Но доколку ги постигнеме очекуваните резултати идејата е инвестицијата да се прошири. Деталите за ова ќе бидат познати во наредните два месеца. Нашиот инвестициски план е во двоцифрена милионска сума и во насока на околу 100 милионска инвестиција. Сепак прецизно не би можел се` уште да кажам, бидејќи сме во фаза сме на разговори. Но секако многу важно при носењето на конечното решение ќе биде и поддршката која што ја добиваме од владата која досега е многу добра“, изјави Бургел.

Поддршката и условите, но и брзината на реализацијата на она што било ветено од страна на македонските власти било пресудно „Гересхајмер“ да ја донесе одлуката за инвестицијата во Северна Македонија.

Gerresheimer Vizepräsident Oliver Burgel

Оливер Бургел, потпретседател на Гересхајмер

Првично, македонскиот пазар воопшто не бил во фокусот на германската компанија која важи за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика :

„Идејата за инвестиција во регионот е од 2017 кога и почнавме разговори и скенирање на теренот. Бевме во Албанија, Србија, Унгарија и С. Македонија. Ја разгледувавме инфраструктурата и имавме средби со властите на различно ниво. Албанија отпадна релативно рано, исто така и Унгарија. Останаа Србија и С. Македонија со кои интензивно разговаравме. Пресудно беше она што го имаше во С. Македонија, а во Србија беше на ниво дека ќе биде. Се одлучивме за тука поради поддршката но и откако се уверивме во инфраструктурата, автопатот што е импозантна. Разговорите почнаа уште во времето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Ја добивме потребната поддршка и еве работиме“, објаснува Бургел.

Во првата фаза од работењето, освен специјализираните навртки во план се и производство на катетри, но и уште неколку други т.н. аксесори за вакцините. За наредната фаза, која треба да донесе дополнителни вработувања, се предвидува готов производ. Целосни стаклени шприцеви со игли подготвени за полнење. Практично ќе се произведува амбалажа за вакцините кои, во екот на пандемијата на коронавирусот, станаа најбарана стока во светот.

Станува збор за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Инвестицијата на Гересхајмер е високо софистицирана и обезбедува работа за висококвалификувани кадри кои се и многу добро платени.

Бургел е свесен за предизвикот дека ќе има потреба од високо едуцирани и квалификувани кадри, но подготвени се како компанија активно да се вклучат во процесот на дуален систем на образование, кој по моделот на Германија веќе две години активно се спроведува во С. Македонија во соработка со дел од постојните инвеститори во земјата.

Nord-Mazedonien Jovan Despotovski

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски

Инвестицијата на „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 според македонската Влада е од исклучително значење. Не само поради високата и софистицирана технологија, туку и новите вработувања што ќе влијаат на натамошно подобрување на севкупниот економски раст.

Реализацијата на овој проект, кој е со потенцијал да прерасне и во досега најголема инвестиција, според надлежните во земјата, е потврда и конкретен резултат на посветеноста во работењето кон подобрување на условите за постојните но и привлекување на нови инвеститори:

„Можам само да го истакнам моето очекување дека во скоро време ќе можеме да склучиме најголем договор за странска инвестиција во историјата на Северна Македонија. „Гересхајмер“ само во првата фаза се обврза да отвори 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Нашите сограѓани кои работат овде веќе примаат плати двојно над државниот просек. ТИРЗ и оваа Влада се насочени кон компании со напредни технологии кои носат високо платени работни места кои ќе обезбедат добар животен стандард и се начин да им обезбедиме перспектива и иднина на младите дома, во својата земја”, изјави Јован Деспотовски директор на ТИРЗ- Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Колку е значајна инвестицијата на „Гересхајмер“ зборува фактот дека фабриката во зоната кај Скопје е прва во регионот на Југоисточна Европа. Најблиската фабрика на оваа германска компанија се наоѓа во Чешка. На глобално ниво, освен во Европа, Гересхајмер има производствени погони во Северна и Јужна Америка, но и во Азија. Во моментов компанијата вработува околу 10.000 луѓе, а годишните приходи се на ниво од приближно 1,4 милијарди евра. 

DW.COM

Поврзана содржина