1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Во СЈО поплавени и материјали за објекти од „Скопје 2014“

12 март 2019

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека не се уништени докази и дека се зафатени документи кои се обновливи, односно дека повторно може да бидат обезбедени од институциите.

https://p.dw.com/p/3Eq0S
Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поплавата предизвикана во подрумската просторија како резултат на пукање на цевка во системот за парно греење, ги зафати, но не ги уништи доказите и документите што ги поседува СЈО, тврдат извори од оваа институција. Како што објаснуваат дефектот се случил во неработен ден навечер, и среќна околност е што тоа навреме било забележано од лице вработено во институцијата. Во спротивно, поплавата можела да зафати и многу повеќе од подрумската просторија.

Од СЈО соопштија дека протечената цевка зафатила дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од тоа Јавно обвинителство, меѓу кои се „Империја“, „Триста“ и „Шпион“.

Обновливи документи

Но, ДВ неофицијално дознава дека меѓу поплавените материјали биле и оние од обемната предистражна постапка за „Скопје 2014“. Не станувало збор за документи поврзани со изградбата на спомениците, туку документација за објекти изградени во рамките на тој проект. Односно, документи поврзани со градежна команија, градежни книги и т.н.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

„Не може да се рече дека документите се уништени. Беа натопени во поплавата, и исушени. И не станува збор за единствени и нанадоместливи документи, бидејќи тие се добиени од јавни институции - централен регистер, банки.., така што, доколку е потребно, повторно можат да бидат обезбедени“, велат извори од СЈО. 

Повеќе на тема СЈО:

-СЈО не доби прошка од Мицкоски

-Избегнат ли е свилен гајтан за обвинителите на СЈО?

-За СЈО решаваат тие што СЈО не ги „реши“

Информацијата за поплавата не беше соопштена од СЈО, туку стигна како одговор на прашање поставено од емисијата „360 степени“, што ги зголеми сомнежите - дали нешто се крие од јавноста? Односно дали станува збор за случаен или намерен „дефект“?

Извори од СЈО велат дека нема место за такви шпекулации. Додаваат дека ова не бил прв дефект во инсталацијата за парно греење. Се случил и претходно, но не предизикал поплава. Но, засега нема одговор зошто СЈО дозволило материјали од активни предистраги и судски предмети да се чуваат во подрумска просторија?

Извештај, но и контрола

Шпекулациите во јавноста растат и поради фактот што поплавата коинцидира со периодот во кој низ законско решение треба да уреди надлежноста на СЈО во рамките на редовното Обвинителство. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завчерашната лидерска средба со премиерот Заев повторно ја изрази недовербата кон работата и актуелниот состав на СЈО.

„Oвој специјален јавен обвинител го загуби комплетниот имиџ и професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка во иднина, вклучително и нејзиниот тим. Легитимно се постави прашањето да го провериме работењето на оваа институција која што функционираше овие четири години. Тие луѓе потрошија милиони пари на граѓаните и на даночните обврзници. Имаме сериозни индиции дека не е работено по закон“, рече Мицкоски.

Што се крие зад „индициите“ кои ги споменува Мицкоски? Извори упатени во аргументацијата на ваквиот став, тврдат дека „опозицијата има многу повеќе од индиции во однос на работата на СЈО“, не исклучувајќи дека тоа може да биде обелоденето во одреден момент.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Од СЈО засега не ги коментираат обвинувањата од опозициската партија, така што првите одговори може да се очекуваат од најавеното утрешно гостување на обвинителката Катица Јанева на „1 ТВ“.

Единственото што засега официјално го соопштуваат од СЈО, е дека се посветени на испитување на причините за конкретниот дефект и дека се спроведува внатрешна процедура, со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета на објектот и опремата, кои се осигурени.

За три дена истекува и рокот во кој СЈО треба да го објави редовниот извештај од неговата работа во изминатите шест месеци. Од друга страна, од опозицискиот кампус сметаат дека работата на СЈО треба да биде проверена од посебна Комисија, со цел независно и објективно да се утврди како работело ова обвинителство, колку трошело, и дали врвен приоритет била правдата или нешто друго.