Во следните денови се очекува да биде постигнат договор? | Северна Македонија | DW | 17.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Во следните денови се очекува да биде постигнат договор?

Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, смета дека коалицијата СДСМ-ДУИ-ДПА е веќе договорена, и дека ДУИ воопшто и не разговарала за премиер Албанец.

Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica

ДУИ воопшто и не разговарала за премиер Албанец, тврди Арбен Таравари

„Учесниците во преговорите се свесни и во целост ја разбираат итноста и потребата за постизборна консолидација на институциите, и очекуваат дека во следните денови ќе биде постигнат конечен договор".

Ова во партиско соопштение го истакна СДСМ, по вчерашното продолжение на преговорите меѓу социјалдемократите и ДУИ на ниво на генерални секретари, за мнозинство што треба да ја формира новата влада.

Во соопштението на СДСМ нема детали за клучното барање на ДУИ – премиер Албанец. Само се посочува дека се работи на усогласување на победничките изборни програми на двете партии и на четиригодишна програма за работа на идната влада, која во целост ќе биде посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите.

„Во тек е и распределбата на одговорностите според ресори во идната коалиција, процес во кој се постигнати добар напредок и начелни согласности. Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат. Партиските органи, партиските секретари и портпароли веднаш ќе ја известат јавноста за сите нови моменти во преговорите и ги замолуваат јавноста и медиумите да не ги земаат предвид шпекулациите“, се вели во соопштението на СДСМ.

Повеќе:

Заев го доби мандатот, најави влада за 20 дена

Лош ден на Џафери, а неизвесен за „премиерот Албанец“

Мирно пост-изборно дипломатско лето

Завршена работа?

Во другите партии на Албанците чекаат да ја видат реализацијата на клучното ветување со кое ДУИ освои најмногу гласови, но не веруваат дека тоа ќе се оствари. Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и висок функционер на Алијанса за Албанците, вели дека ДУИ воопшто и не разговарала за премиер Албанец, и дека коалицијата е веќе договорена, а она што сега се презентира е само „театар“.

„Согласно информациите кои ги имаме ние, можам да кажам дека веќе има коалиција меѓу СДСМ-ДУИ-ДПА, со мнозинство од 62 пратеника. Зошто велам дека прават театар? Бидејќи СДСМ вети дека нема да формира влада со ДУИ и дека се срами да биде со ДУИ во влада. ДУИ вети дека ќе има премиер Албанец, а сега прифатија да влезе во влада без премиер Албанец. Всушност, дури не е ни разговарано за премиер Албанец, така што ДУИ ќе влезе во влада без услови, само за да ги заштити криминалците од своите редови. Ова е информацијата која ја поседуваме. Ние неколкупати му рековме на господинот Ахмети, и продолжуваме да го повторуваме истото: дека со нашите 12 пратеници безрезервно ќе го поддржиме ако настојува во разговорите со која било македонска партија, било да е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, да има премиер Албанец. Даваме безрезервна поддршка, но само за она што тој го рече – да има премиер Албанец 4 години“, потенцира Таравари во изјава за ТВ „21“, додавајќи дека се неприфатливи пазарења за премиер Албанец една година.

Nordmazedonien | Skopje | Sitzung des neuen Parlaments

Веќе има коалиција меѓу СДСМ-ДУИ-ДПА, со мнозинство од 62 пратеника, вели Таравари

ДУИ се сомнева дека има паралелни преговори

Недоверба кон опонентите викендов искажа и ДУИ, откако лидерите на парламентарните партии на Албанците не се одзваа на поканата на Ахмети за заедничка средба на 19-годишнината од Охридскиот договор. Во тој чин партијата на Ахмети гледа повеќе мотиви, меѓу другото и за уривање на нејзината преговарачка позиција.

„Напуштањето на Заедничката тркалезна маса од страна на албанските парламентарни партии и стоењето во ходниците на седиштата на македонските партии од страна на партиите кои ги загубија изборите на 15-ти јули, е продолжение на поделбата на Албанците, дефокусирање од поразот и слабеење на преговарачките позиции на албанскиот победник на парламентарните избори“, реагираше ДУИ.

Според интегративците, тие партии се обидувале својот партиски неуспех да го претворат во неуспех на сите Албанци, со тоа што ќе стојат на ред во ходниците на македонските партии, а со единствена цел - да не дадат одговорност пред партиските тела за нивниот континуиран неуспех.

„Ние во ДУИ ќе продолжиме да ги каниме да се обединат и ќе ја предводиме решително затоа што обединувањето во здрава и национална опозиција е во интерес на сите. Оваа определба, ДУИ и г. Ахмети ќе ја продолжат и покрај пречките за создавање на достоинствена опозициска алтернатива која нема биде заслепена од желбата за власт“, соопшти партијата.

Од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива бараат одговор на што ги темели ДУИ тврдењата дека другите партии стојат во ходниците на седиштата на македонските партии.

„Ако тие сметаат дека ние се шетаме по ходниците на македонските партии, нека ни кажат макар еден пример за тоа. Каде отишла А/А да преговара паралелно со ДУИ? Ако мислат дека не е во ред да комуницираме со другите партии, тогаш тоа не е нормално. Не можеме да седиме и само да молчиме. Ниту еден функционер од Алијанса или Алтернатива нема отидено во ходниците на некоја партија. Немаме прифатено да преговараме без да завршат преговорите со ДУИ. Ние не ги загрозуваме позициите на ДУИ. Напротив, во ветувањето за премиер Албанец им помагаме да имаат посилна позиција, да не зборуваат во името на 15, туку на 27 пратеници. Но рековме - ако не успее да го исполни ветувањето за премиер Албанец, тогаш нека го отвори патот, бидејќи 18 години ги лаже Албанците, и време е да им даде можност на оние кои можат да обезбедат 61 пратеник без ДУИ“, изјави Таравари.