Во сенка на Платформата | Македонија | DW | 09.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Во сенка на Платформата

Платформата, со својата недореченост за улогата и уделот на албанските потписници во разгорувањето на кризата и крим-корупцијата, не може да се смета како pret-a-porter решение. Но не смее да биде ни камен на сопнување.

Среде стерилните партиски политики на дриблинзи без голови и притаени крици за помош однадвор од страна на лидерите оставени сами во вакум, две изјави се издвоија по одекот во јавноста и реакциите кои уследија. Првата, изјавата на Зијадин Села дека, пред сто години не постоел македонскиот идентитет е секако и без тронка сомнеж илустрација за тоа како зборовите умеат да бидат побрзи од мислата. Во духот на балканскиот црн хумор, првата реакција на изјавата на Села беше дека станува збор за акт на амнестија на Македонците од одговорноста за геноцид, од причина што, нели, тогаш не ни постоеле. Се разбира, мојата политички некоректна смисла за хумор набргу изветреа пред сознанието дека од таа играчка неминовно ќе се изнедри некоја или нечија друга плачка.

Испадот на Села

Изјавата е секако и наjблаго кажано спорна во многу аспекти. Почнувајќи од фактот што г. Села нема ниту стручна спрема, а ниту политичка тежина за да дава такви оценки без да спадне на ниво на полит-археолози како Паско Кузман или пискаралски негатори на Коневски и Рацин. Како второ, пред излетувања со такви изјави, поупатно е да се консултира извештајот на Карнеги од 1913 за колежите низ Македонија на оние кои дури и доколку не умееле со современ вокабулар да ја дефинираат својата етничка македонска засебност, сосема добро знаеле дека не се тоа што не се чувствувале, колку и да „ал милом ал силом" ги убедувале. И поради тоа плаќале прилично крвав данок во сопствена крв. Бидејќи, правото на ослободување од поробувањее секако прв чекор кон правото на слободата за определување, и тоа е нормативен прекурсор за секој идентитет било каде и во било кое историско време. Денешната политичка пизма кон Груевски или историска меморија за банални крволоци од маштрафот Ќосе не може да биде ниту изговор, ниту аргумент, ниту почетна точка за отварање дебата – камоли спорење – на било чиј идентитет, без да притоа самиот да не паднеш во стапицата на судење според периодични екцесни аномалии, а не на историски текови и развои.

Во последната реченица стои и причината зошто сметам дека изјавата на Села заслужува осуда и критика. Пред се поради чувствата на Македонците, но во иста мерка и поради тоа што таа во својата суштина е испад од традиционалниот наратив и траекторија на албанската политика и јавна мисла зацртана во борба за сопствено бивање без спорење на било чие право да го определува сопствениот идентитет. Без намера за заземање на некаков супремацистички самоугоден став дека "тоа едноставно не е албански”, но тоа е сепак константа на Албанската национална мисла и политичка реч. И Села, како припадник на народ чија идентитетска негација е сосема добро позната и документирана со векови наназад па сѐ до денес, би требало да знае подобро и тоа поасално да го практикува во сопствените настапи. Избегнувајќи, во мигови на емоционални дебати, да исфрла ставови со кои создава преседани по прашања за кои тој ниту е повикан ниту поткован да дава судови.

Долгата Телеграма

Втората изјава се однесува на повикот од професорот Денко Малевски до албанските партии да ја разгледаат можноста да ја повлечат Платформата и со тоа да помогнат во деблокирањето на сегашната статус кво состојба. Битно, најбитно, е да се нагласи honi soit qui mal y pense дека во колумната на професорот има некаква задна или зла намера, освен онаа на давање предлог и прилог кон јавната дебата за надминување на состојбата. Едноставно, ниту во авторот, ниту пак во колумната има лош ниет. Што пак не може да се каже за лицата со предиспозиција истата да ја прочитаат на малку поисчашен начин. Колку за илустрација, вреди да потсетам дека низ историјата неретко има примери во кои конструктивните и добронамерни идеи завршувале испревртени наглава при имплементација од други лица со сосема спротивни замисли од авторот. Професорот секако ќе се сети на примерот со "Долгата Телеграма” на Кенан, неговата замисла и начинот на кој беше (зло)употребен.

Реалната причина зошто резервата кон  предлогот на професорот Малевски не е инспирирана поради ставовите на опонентите на Платформата, туку - напротив – поради начинот на кој самата колумна беше прочитана и интерпретирана од подржувачите на предлогот. Дел од кои, во одглумен "занес на граѓанштина” го надминаа и албанофобниот повик на ВМРО-ДПМНЕ, утврдувајќи со невидена ароганција дека "албанските гласачи отсега натаму во уште поголем број ќе гласаат за СДСМ, затоа што и од јазикот им е преку глава”. Настрана дрското подбивање со Албанците и нивниот мајчин јазик, запрепастува манипулацијата во која повикот на Малевски за надминување на кризата се сведува на албанска жртва за нечиј партиски рејтинг или дневно-политички поен плус. Со такви "либерални демократски интелектуалци”, што ќе ни е Груевски?

Газдинско-гостинската поделба на улогите

Во таква поставеност, очекуваниот триумфализам со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го интерпретира повлекувањето со потсмешливо позирање дека „ете, докажале кому каде му е местото во газдинско-гостинската” поделба на улогите е на исто рамниште со опасноста од злоупотребата на истиот чин од страна на опозицијата. Но во правец на рушење на релевантноста на политичкиот гравитас на албанските партии кои во очите на сопствените гласачи би се свеле на неспособни да си ја одржат сопствената политика, па затоа мора да трчаат под скутот на СДСМ. По таа логика, мотивот за самата појава на Платформата е во иста мерка реакција кон албанофобијата на ВМРО-ДПМНЕ, колку што е реакција кон аспирациите на СДСМ да сопствениот недостаток на социо-економска понуда и напуштање на борбата против криминалот и корупцијата го компензира со недефинирани, до бескрај растегливи културно-уметнички понуди кон Албанците и ништењето на релевантноста на политичките лидерски "елити” во албанскиот кампус. Кои за разлика од обичните Албанци, имаат и инструменти и горлива желба на Заев да му возвратат со иста, дури и подебела мерка. И веќе без право на жалба.

Платформата, со својата недореченост за улогата и уделот на албанските потписници во разгорувањето на кризата и крим-корупцијата, не може да се смета како pret-a-porter решение. Но исто така, и покрај сите обиди да се докаже спротивното, таа не е и не може да биде оценета како камен на сопнување во разрешницата на кризата. Уште помалку како загроза за суверенитетот, интегритетот на земјата и/или идентитетот на Македонците. Не постојат доволно звучни децибели со кои Иванов, Груевски или било кој "суверенист” од протестните црни маршеви можат да го прекријат зачудувачкиот молк кога станува збор за декомпонирањето на тројството суверенитет-интегритет-идентитет кој се одвива преку масовното примање на странски државјанства од страна на Македонците како инструмент на систематска депопулација и етно-идентитетски инжењеринг кој се одвива под нивниот сосптвен нос и пред очите на ЕУ и САД. Именуваните, но вклучително и СДСМ, не се обврзани да одговорат, но треба да се запрашаат дали дури и доколку албанските партии ја повлечат Платформата, тоа ќе има влијание врз наведените процеси започнати со нивен премолчан "аферим!”? Со оглед на последиците на либерализацијата на визите помеѓу соседните земји и Канада, пожелно е таа замисла час поскоро да ја завртат низ ум, барем со половичен напор како оној усмерен кон Платформата.

Идентитетски предизвици

Албанците, индивидуално и институционално, треба безусловно да ја отфрлат дрската и провокативна теза на Села за идентитетот на Македонците пред сто години. Но прашањето за идентитетот на Македонците во следните десетлетија е предизвик со кој самите Македонци ќе мораат да се соочат, освен доколку под преземената ролја на носители на сувереност не подразбираат и суверено право на само-деволуција. Од Крушевскиот манифест во август 1903 па до скопскиот Мај 2015 Албанците се одзиваа на повикот за сплотеност, додека пак од Мис Стон па до Виктор Фридман, Западот придонесуваше кон заштитата и промовирањето на македонскиот идентитет и кауза како факт и реалност, која денес е под отворена "тврдокорна” алт-историска и алт-идентитетска атака на "мали зелени чоеци” маскирани во ВМРО-вска иконографија. И никаков одглумен бес против Платформата – со сите нејзини мани и недоследности на потписниците - не може да биде ништо друго сем плацебо лек за овој предизвик.   

Исто како што и повлекувањето на Платформата не може да биде решение за предизвиците кои постоеле пред и после нејзиното конципирање. Во неколку претходни наврати се обидував да ја подвлечам недоволно елаборираната компонента на Платформата која, освен сегашната политичка и меѓу-етничка димензија, во себе содржи дискретни, но и тоа како битни нијанси на дефинирање на динамиките во албанскиот кампус и интерактивната поставеност со севкупното општество. За жал, вревливоста на дефамацијата на Платформата според дневен партио-политички интерес не дозволува подлабок осврт кон тој аспект и нејзината употребна вредност во гео-стратешките гибања, реперкусии по внатрешните состојби и споделените долгорочни интереси на доминантните етнички заедници. Отфрлањето на Платформата како чин изнуден од дневно-политичката еуфорија или пак редуциран на ниво на "да му се помогне на СДСМ” е можеби тактички навистина исплатлив потег, но со долгорочни стратешки последици за Албанците, и двојно повеќе за самата земја.

Токму затоа, барањата за повлекување или одлагање на Платформата – иако дадени со добра намера – ја подриваат смислата на Платформата во делот на прагматичниот приод кон зајакнување на општествената кохезија. Како и духот која таа цели да го промовира како демонстрација на позитивна слобода (на Албанците) за контрола врз сопствената судбина преку правење сопствен свесен избор за рамноправност во земјата за која се определени не само според историско наследство или административен акт, туку автономна одлука според сопствена волја. За разлика од негативната слобода во која Албанците се задоволуваат со прифаќање на слобода наметната од надворешни влијанија и со тоа лишени од рамноправниот статус на одлучување за сопствената судбина. Платформата е драматичен и судбински пресврт со кој позитивната слобода на избор на Македонците не се израмнува според мерило на негативистичка слобода (како што е сега случај), туку се надградува со позитивната слобода на избор на Албанците. Отфрлањето на Платформата секако претставува опција, но опција која ги принудува Албанците на негативна слобода со која се ништи обврската за позитивна дискриминација кон останатите опции кои стојат на располагање. Упростено, Платформата е чин на взаемно ослободување од другиот. Но и од себе.

DW.COM

Реклама