Во „светилникот“ на Ѓулен во Берлин | Свет | DW | 07.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во „светилникот“ на Ѓулен во Берлин

Турција притвори илјадници граѓани кои се сомничат дека се поврзани со движењето на Ѓулен - религиозна мрежа која се простира на целата планета. Студентите често живеат во заеднички станови, таканаречени „светилници“.

Доколку разговарате со Германци од турско потекло, многумина од нив ќе ви раскажат за пријатели од детството кои гравитирале кон религиозен конзервативизам, кои преку носењето шамии и други скромни обичаи, полека и тивко се оддалечиле. „Ѓулен“, велат тие и ги креваат рамениците.

Тие мислат на религиското движење на турскиот сунитски свештеник кој живее во САД, Фетула Ѓулен, кое е изградено околу коцептот на „хизмет" односно „служба“ која управува со стотици образовни институции низ целиот свет, од Авганистан до Танзанија и САД.

Тоа е таинствено движење кое потекнува од Турција, чија структура во голема мера останува тајна и чии членови не сакаат да ја признаат верноста кон Ѓулен. Движењето се соочи со критика поради недостатокот на транспарентност, како и поради тоа дека има агенда за индоктринација и исламизација преку мрежата од школи и бесплатни едукативни центри.

Во Германија, движењето долго време беше миленик на политичарите, со оглед на тоа дека истото е фокусирано кон обезбедување бесплатно образование за германско-турската заедница, кое поддржува добри студенти и им дава можност да стекнат високо образование и да дојдат до високи работни позиции.

Експерти: нема заговор

Но, во последните години движењето се најде под остра критика и надзор, особено откако долгогодишниот сојузник, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавно се раздели со групата, обинувајќи ги за инфилтрација во државните институции, па дури и за „тероризам“.

Германските безбедносни служби не се соглсуваат со тоа: Во 2014 година тие објавија проценка во која се забележува дека некои делови од движењето предизвикуваат загриженост, како што се изјавите од Ѓулен кои се во „конфликт со темелните принципи на демократскиот поредок“, но тие не издадоа наредба за мониторинг на движењето.

Кристина Дорн е антрополог која го истражува движењето на Ѓулен повеќе од десет години во Германија и Африка, за ДВ таа објаснува: „Тоа е глобална, конзервативна мрежа со силен фокус на образованието“. „Но исто така може да се нарече и вид на работна етика“.

Од членовите, кои се среќаваат еднаш неделно на молитвена сесија и каде ги проучуваат предавањата на Ѓулен се очекува да „најдат работа која е добра за заедницата“ - а за многумина тоа значи да и се служи на заедницата преку едукација: Многумина стануваат учители и потоа се испраќаат во многуте школи и бесплатни едукативни центри низ целиот свет „кои треба да ја воспитуваат идната религиозна елита од која се очекува да дојде на позиции на моќ“.

Сепак, Дорн е убедена дека нема „голем план“ за преземање и исламизација на светот: „Најмногу од се, постои заедничка визија за ’идеално’ општество, но таа останува нејасна".

Во внатрешноста на еден „светилник"

Идните елити на групата, најдобрите студенти од кои се очекува да работат вредно и да напредуваат во важни позиции во општеството, често жиеат во т.н. „светилници“, заеднички станови, строго поделени по пол и финансиски поддржани од движењето на Ѓулен. Во минатото, движењето на Ѓулен не даваше пристап на медиумите до ваквите станови во кои се одржуваат неделни семинари и сесии за учење.

Додека конфликтот што брзо се шири надвор од Труција, ја подели турската заедница во Германија во два табори кои го поддржуваат Ердоган или Ѓулен, ДВ конечно доби пристап во еден од петте „светилници“ во Берлин, во кои се сместени студентки.

Пред блокот на станови во Берлин, петчленото „семејство“ брза да влезе во својот дом додека низ тесната улица предвремено се прославува новогодишната ноќ со пукање на петарди. Внатре во станот, воспитана, елоквентна млада жена со светло сина шамија и долга туника ни направи чај од ѓумбир. Се договоривме да ја викаме Узлем.

Поделба во турската заедница

Узлем е поддржувач на Ѓулен која ги отфрла теориите на заговор кои ја опкружуваат групата. Таа е млада, образувана жена со диплома по лингвистиката, која планира да работи во областа на образовната политика. Таа не се срами да го критикува движењето на кое се придружила кога имала само 14 години, откако нејзиниот чичко ја вовел нејзината мајка во движењето.

По преселбата во Берлин од родниот град во рурална Баварија, започнувањето на нов живот во „светилник“ се чинело како логичен чекор за Узлем. За неа, петте жени со кои ги дели собите, книгите, куранот и со кои заеднички ги поминува дневните молитвени состаноци се нејзиното „сурогат семејство“. Узлем за себе вели дека е конзервативен муслиман. Таа се моли пет пати во денот и се противи на сексот пред брак.

Но, дел од нејзините гледишта, вели таа, може да се судрат со оние на поголемиот дел од движењето и со оние од другите „светилници“, особено со поконзервативните турски лидери: геј браковите, за Улзем, која вели дека многу од нејзините пријатели се атеисти и Евреи, се добра работа и политиката и религијата треба да бидат разделени.

Никој, вели таа, никогаш не и дал инструкции да прифати одредена професија или да се вклучи во политичка партија.

Улзем вели дека животот станал многу тежок за поддржувачите на Ѓулен во Германија. Повеќе џамии им забраниле влез на познатите поддржувачи на Ѓулен, етикетирајќи ги како „предавници“ и голем дел од нејзините пријатели сега одат во џамии во населби каде што никој не знае за нивната тајна припадност.

Но, најлошо од се е раздорот во нејзиното семејство: „Мојот татко не е религиозен и ни рече да ја напуштиме таа 'терористичка организација'“. Узлем и нејзините четири браќа и сестри го одбиле тоа. Неколку расправии подоцна, тие се договориле дека во домот нема да разговараат за Ѓулен и политика.

Нејзиниот татко понекогаш се шегува дека неговите деца се „терористи“.

Реклама