Во очекување на пресудата за Ратко Младиќ | Свет | DW | 22.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во очекување на пресудата за Ратко Младиќ

Хашкиот трибунал денеска ќе ја изрече пресудата за „касапот од Балкан“, обвинет за најголемите воени ѕверства извршени на Балкан во понова историја. За обвинителството и жртвите има само едно - доживотен затвор за Младиќ

Во својот последен процес пред на крајот на годинава да прекине со работа, Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени во поранешна Југославија денеска ќе изрече првостепена пресуда за српскиот екс-генерал Ратко Младиќ.  Близу 22 години по војната во БиХ, на обвинетиот, кого го нарекуваат и „касапот од Балкан“, му се заканува изрекување казна доживотен затвор, меѓу другото и за масакрот во Сребреница. Младиќ беше уапсен дури во 2011 година, по 16 години поминати во бегство. Обвинението гласи: геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во вкупно 11 случаи. Како главен командант на војската на босанските Срби, на Младиќ му се припишува главна вина за протерувањата, мачењата, убиствата и силувањата во БиХ. Во најтешките делови од обвинението спаѓа преку три години долгата опсада на Сараево со илјадници жртви, злоставувања на затвореници во логори, терористичка кампања против Хрватите и муслиманите во босанските градови, заложништво на припадници на силите на ОН, Унпрофор, како и геноцидот во Сребреница. Српските единици во 1995. година навлегоа во тогашната заштитена зона од ОН, Сребреница, и убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња.

Младиќ тврди дека е невин,  а неговите адвокати бараат ослободителна пресуда.

Во војната на Балкан од 1992. до 1995. година беа убиени околу 100.000 луѓе, а два милиона принудени на бегство.

Процесот против Младиќ, започнат во 2012. година, е последен за Трибуналот, кој на крајот на годинава ќе ја заврши својата работа по 24 години постоење. Тековните просеци ќе бидат преземни од нова инстанца во Ден Хаг.

 

DW.COM

Реклама