Во неправичен свет, со право на избор | Македонија | DW | 13.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Во неправичен свет, со право на избор

Светот испаѓа бескрајно неправичен за генерациите што доаѓаат, зашто постојано ги менува правилата. Барем како утеха, изборот за она што ќе се направи со сопствениот живот секогаш останува исклучиво индивидуален.

Седам со пријател што живее надвор од земјата во ресторан. Музиката е прегласна за да можеме да разговараме. Повикуваме едно момче да нарачаме и го замолуваме да ја стиши. Додека нарачувавме мојот пријател почнува неврзан муабет со момчето, кое е исклучително љубезно, разговорливо и отворено. Очигледно се работи за воспитано и бистро дете. Го прашавме како заглавил овде. Ни рече дека ги привршува студиите на “електро”, дека е солиден студент што си ја сака професијата, но и дека би сторил се' да работи во струката. Ни кажа и дека пробува да волонтира за она што го знае, но дека најчесто волонтерстовото се состои од варење кафе и купување бурек за “вработените”. Рече дека повеќе му се исплати да работи како келнер зашто мора да преживее. Сонува да емигрира. Тој е еден од оние млади луѓе кај нас што упорно пливаат во океанот, со надеж дека ќе најдат остров за спас.

Почеток на школувањето и образовниот процес веќе и кај нас се разликува. Има деца што доаѓаат од богати и од сиромашни семејства. Некои одат во приватни училишта, некои не. До пред половина век приказните за мотивираноста, доследноста и амбициозноста на сиромашни деца што нашле начин да успеат, имаше смисла и утеха за сличните на нив. Сведоци сме на многу приказни за “славни” и умни луѓе што почнале од нула. Но живееме во свет што скоро секојдневно се менува. Развојот на технологијата и брзината на менувањето на начинот на живеење, наместо да донесе олеснување за младите – носи додатни грижи, несигурност, често и малодушност, депресивност, безнадежност. Кај многу ученици и студенти надежите за светла иднина почнуваат да гаснат уште за време на школувањето или веднаш по неговото завршување. Што заради несоодветниот образовен процес, што заради корумпираноста на системот и брзото и непредвидливото менување на пазарот. Сето ова неизбежно води до апатијата и губење амбиција кај многумина, заради безмилосната и застрашувачка пазарна конкуренција. Советот на родителите ретко помага, доколку тие не можат да помогнат и со вреќа пари. Животот на денешните млади генерации сосема губи допирни точки со оној на нивните родители. Живееме во време кога парите се цел, а не средство.

Слични проблеми и кај „развиените“

Ни во други земји, на „развиениот Запад”, како на пример Холандија, не е многу подобро. Таму подолг период се зборува за „мерки за спас” на студентите и младите. Притисокот за време на студиите, според некои истражувања, значително ја зголемил анксиозноста и самоубиствениот нагон кај нивите млади. Амбициозноста и енергија што тие ја вложуваат често се покажуваат недоволни за нивните соништа. Крајот од студиите им носи загрижувачка неизвеснот и живот што се состои од плаќање долгови и земање кредити за да се опстане. Многумина од нив „прегоруваат” уште непочнати и бараат помош од психолог. Студентската листа на чекање за помош од психолог трае со недели. Добар дел од младите Холанѓани се прашуваат дали ваквиот живот за нив веќе има смисла, иако тие по природа се вреден, позитивен и работлив народ. Кога една високо развиена земја, како Холандија, се соочува со вакви проблеми, очигледно светот влегува во едно ново општествено поглавје. Враќањето дома, назад кај родителите, станува многу често последното засолниште на надеж и спас за многу млади луѓе.

Повеќе колумни од авторката: 

-Засмрдени од опашот

-„Изгубени во преводи”

-Виртуелната принцеза Ирена

Кај нас е поразлично, зашто добар дел од младите воопшто не ни заминуваат од дома, зашто не можат да си го дозволат тоа. Тие пак што заминуваат- напуштајќи ја земјата - никогаш не се враќаат! Тие ја создаваат новата и силна конкуренција на светскиот пазар. Помотивирани, поефтини и спремни на сѐ - знаат дека немаат што да загубат. Но ние, како земја и општество губиме неповратно со нивното заминување. За жал, изгледа дека наскоро ќе нема ни кој да ни прави заби, ниту да нѐ лекува. Ќе нема ни кој да ги негува болните и стари лица, да работи во фабрики или во поле. Се престоруваме во држава – „авет”. Концентрацијата на богатството видливо се префрла кај сѐ помал број луѓе. Освен државата како еден од најголемите работодавачи, постојат уште ретки поединци-работодавачи, каде оние што остануваат овде - си вадат колку за леб. Но и младите што остануваат, упорно одбиваат да работат во вакви услови. Не се подготвени ниту за физички и умствен влог, ниту за работните места и примања што ги диктира нашиот пазар. Нивната замисла, амбиција и желби жестоко се судираат со она што е реалност. Тие неретко претпочитаат да дојдат до некој денар со мал или еднократен труд, останувајќи на терет на родителите.

Вредноста на дипломите

Приказните за млади и образовани луѓе низ светот, коишто работат како келнери, мијат садови и товарат камиони, сега ги гледаме и кај нас. Зашто дипломите сѐ помалку вредат на пазарот. Некои млади луѓе се борат да добијат шанса и да се докажат во областа во која учеле, но околностите ги принудуваат да работат нешто сосема друго. Завршените факултетите стануваат преценета формалност - и писмен „доказ” дека некој е „високо-образован”. Не знам и од каде тој мит дека факултетската диплома e највисокиот дострел што ќе ги отвори сите врати!? Да, можеби било така во едно време, кога стекнувањето знаење и стручност навистина било возможно преку класичен начин на студирање. Но денеска дипломата тешко обезбедува достап до посакуваното место и работа. Зашто работодавачот (освен државата) сака прво да види што вработениот може да направи. Сака да види колку е вичен, „употреблив”, ефикасен и вреден. Сака да го види сето она што не е запишано во дипломата и многу често, не се учи на факултет. Во еден таков расчекор меѓу сонот и јавето, тој ќе мора да се снаоѓа, или да служи гости во некој ресторан, или да чека џепарлак од родителите. Да, светот испаѓа бескрајно неправичен за генерациите што идат, зашто постојано ги менува правилата. Ако ништо друго, барем како утеха, изборот за она што ќе се направи со сопствениот живот секогаш останува исклучиво индивидуален.

На заминување од ресторанот се поздравивме со нашиот келнер, идниот електро-инженер. Неговото држење и однос отсликуваа упорен, способен и вреден млад човек што не се срами од која било работа и не чека џепарлак од дома. Затоа изборот што го направил веројатно за него ќе биде првото скалило за да стигне до она што го посакува.

 

DW.COM

Реклама