Во Македонија социјална помош земаат починати, но не и бездомници! | Македонија | DW | 25.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија социјална помош земаат починати, но не и бездомници!

Цветан нема ниту 30 години, а изгледа како 50-годишник. Живее на улица, јаде што ќе му фрлат, помош од институциите - нема. Зашто законот вели дека ако немаш адреса на живеење, нема услови за помош.

Спие и мрзне на улица, сонува за топол дом, парче леб и некој денар. Сурова и тажна е судбината на Цветан Стојчевски, навидум стар и изнемоштен, но според годините - млад скопјанец. Утринскиот метеж на улицата Македонија во центарот на метрополата веќе со месеци му е првото добро утро. Легнат и стуткан на дел од картонска кутија, со парче ѓеврек до него, кој му го оставил некој добронамерник, бос и слабо облечен, се буди во студеното ноемвриско утро. Животот на улица вели е тежок, но нема друга алтернатива:

„Многу е тешко да се питачи вака на улица, но што да правам кога немам од каде. Немам покрив над глава, немам работа, немам ништо. Никој не ме сака, ниту ми помага. Еве веќе почна многу и да студи, но веќе сум навикнат“!

Тажна и трагична е приказната на Цветан кој до пред неколку години имал каков-таков нормален живот. Но, вели, сѐ тргнало надолу кога започнале проблеми во семејството:

„Останав на улица кога се разведоа моите родители. Тогаш и останавме без станот во населба Маџари, во кој живеевме под кирија. Оттогаш талкам по улиците и барам чаре, но тешко е. Имам и семејство, сестра и брат кој замина во Италија, но немам помош“, раскажува Цветан.

Без работа, без пари, без покрив над глава - единствената надеж за преживување е помошта која ја добива од луѓето кои сочувствуваат. Но и нив ги има сѐ помалку, вели Цветан. Побарал и институционална помош, но попусто: 

„Сум се обратил за помош во сите институции, но ниту една не ми помогнала. Одев и во Центарот за социјална помош, но таму ми рекоа дека немам право на социјална парична помош, бидејќи немам постојана адреса на живеење. Кој да помогне, освен овој народ овде на улица што ми дава по некој денар? А поминуваат постојано покрај мене и политичари и бизнисмени, дури и  господинот Никола Груевски кого често го гледав овде како поминува, но ниту тој не ме прашал ништо!“

Гледај видео 01:38

Животот на Цветан под ведро небо

Судбината на Цветан ја делат сѐ поголем број на луѓе во Македонија. Тешката сиромаштија е огромен проблем за многу македонски семејства чија судбина е неизвесна. Бројот на бездомници е во пораст, но никој не располага со прецизни податоци колкав е точно нивниот број. Според некои проценки, само во Скопје  на улица спијат повеќе од 200 бездомници. Помошта што ја добиваат во дневните центри е добредојдена, но недоволна:

„Одам и во центарот во Момин Поток каде добиваме помош, но тоа е само одреден период. Неколку денови и толку. Но барем е некое прибежиште, посебно кога температурите се во минус“, вели Цветан.  

Немаш адреса, нема помош

Проблемот со социјалната парична помош, која Цветан и многумина како него не може да ја добијат, звучи апсурдно, но такви биле законските прописи:

„Согласно законот за социјална заштита и правилникот за остварување на правото на социјална парична помош, утврден е начинот за остварување на ова право. Лицето кое ќе поднесе барање за остварување на ова право, мора да има постојано место на живеење, бидејќи е потребно да се направи увид во домот на барателите. Ваквата процедура е неопходна со цел утврдување на материјалната состојба на оној што бара да му се оствари правото на социјална парична помош“, велат за Дојче веле од Министерството за труд и социјална политика.

 Ваквиот факт за многумина звучи апсурдно, дополнително ако се има предвид дека нема какви било иницијативи за измени. Упатените предупредуваат дека сиромаштијата во Македонија не само што е симптом за социјална неправда, туку и за разнишаност на основните уставни постулати на државата:

„Самиот факт што во десетгодишното владеење на актуелната гарнитура никој не се потрудил да го разгледа и промени законот во насока на заштита на бездомниците и поефикасното примање на социјална помош, е поразителен и потврда дека бездомниците не се во фокусот на институциите. Системот е поставен кон граѓаните само од аспект на корисност кон буџетот, поточно плаќање на даноци и искористување за партиски цели. Бездомниците не спаѓаат ниту во една група на 'корисност', затоа и не постојат во фокусот на државата, поточно социјалните институции", реагираат од здружението „Солидарност“, кое активно се занимава и со проблемите и правата на социјално ранливите категории.

Mazedonien Obdachlosigkeit (DW/K. Delimitov)

Цветан спие на улица, јаде што ќе му дадат минувачите. „Никој не ме сака, ниту ми помага“, вели тој.

Нечовечки, трагично, загрижувачки

Поразително е, реагираат оттаму, што во Македонија веќе доминира системот на социјална неправда:

„Конкретниот случај е само еден од илјадниците кој покажува дека државата се претворила во режим на социјална неправда која не само што престанала да ги гледа граѓаните како причина за нејзиното постоење, за кои треба да обезбеди основни услови за живот, туку и ги користи бирократските лавиринти со една основна цел, а тоа е одбегнување одговорност и солидарност и оневозможување на подобри услови за живот за најмаргинализираните групи. Најтрагично и најзагрижувачки е тоа што луѓето почнуваат оваа нечовечна пракса да ја прифаќаат како природна“, реагираат од „Солидарност“. 

Колку е апсурден проблемот со бездомниците и нивното право, односно ограничување да добијат на пример социјална помош доволно зборуваат информациите од типот на оние што деновиве одекнаа во јавноста - злоупотребите со доделувањето на социјална парична помош која со месеци и години им се доделувала дури и на починати лица. Ваквиот детектиран случај на злоупотреба веројатно ќе има и правна разрешница, но упатените преупредуваат дека конечно мора да биде и повод за коренити промени во целокупниот систем на менаџирање во овој дел. Не само поради обезбедување поголема ефикасност, праведност и правичност, туку и сузбивање на злоупотребите кои е јавна тајна дека веќе со години се дел од овој систем.

 

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама