Во кругот триаголник | Македонија | DW | 07.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во кругот триаголник

Високиот влог и неизвесниот пробив во врска со евроатлантските интеграции, создаваат фрустрации и кај домашната агенда, се манифестираат како недостаток на трпение и нервоза за доаѓањето на „слободата” и на „животот”

Во кругот на реформите кои се главниот наратив на власта, а кои истовремено претставуваат носечки одредници на очекувањата од Заев, може да се издвои еден таканаречен триаголник кој ги сумира, на поедноставен начин, основните испораки од власта и начинот на кој јавноста реагира на динамиката на имплементација на овие активности, што е истовремено и индикација за нивото на политички капитал кој Владата ќе го има во наредниот период.

На една страна на тој триаголник се наоѓаат групата активности врзани за слободата, правдата и демократијата. Тука влегуваат реформите на правосудството, на слободното изразување и медиумите, на демократизацијата на институциите, но истовремено и на реституцијата на владеењето на правото преку завршници на делата кои произлегуваат од претходниот период. Оваа група е една од најважните, бидејќи нејзиното исполнување е во директна корелација со нервозата или поддршката која власта ја добива од сопствената јавност, па така најголемите коментари доаѓаат токму за овој дел и токму од јадрото на поддржувачите на СДСМ. 

Потенцијален политички капитал

На втората страна се наоѓаат групата реформи кои се врзуваат за доаѓањето на „животот” – економијата, социјалата, здравството, странските инвестиции, ако сакате, испораката на подобра положба за сите во општеството. Оваа група активности се оние кои ги засегаат најранливите категории граѓани, кои во голем дел се само делумни поддржувачи на СДСМ, па така, јавната дебата за овие прашања најмногу се одвива преку релациите на линија на власта со деловната заедница, но истовремено претставува целна група која може да направи најголема добивка за Владата во наредниот период, зашто претставува нов контингент за нивниот политички капитал.

Третата страна на овој триаголник е испораката на напредок по прашање на евроатлантските интеграции на земјата. Тука влегуваат реформите кои произлегуваат од итните реформски приоритети, преговорите за името, влезот во НАТО, како и почетокот на преговори со ЕУ. Целната група која е засегната од овие активности е најшарена, зашто е конгломерат на политички актери, општа јавност, меѓународна заедница, но истовремено е и предмет на политички калкулации и дома, и во Грција, па така, секако е комплексен предмет.  Но, овој збир активности истовремено претставува и најголем поединечен фактор преку кој ќе се мери успехот или неуспехот на новата власт, и преку кој може да се направи суштинска промена на динамиката на развојот и наративот на општеството воопшто. 

Претходни колумни на авторот: 

Неколку скокотливи предлози

ЕУ тренира строгост

Јазикот на глувите

Популизмот како карма

Поентата е дека овие елементи претставуваат страни на еден ист триаголник, и имајќи предвид дека јавноста не е во состојба да направи јасна ментална дистинкција помеѓу нив, квалитетот и брзината на испораката на било кој од овие елементи влијаат на трпението и задоволството од резултатите на останатите оски.  Најголем дел од гласачите се „ментално дарежливи”, односно, кога се задоволни од било кој дел на испораката на власта, тоа го префрлаат на нивниот вкупен однос кон соодветните политички елити, и обратно, кога по некоја оска има нетрпение, тоа се прелева и кон другите елементи. Во нашиов случај, високиот влог, и неизвесниот пробив по прашање на евроатлантските интеграции, како и релативно трнливиот напредок по тоа прашање, создава фрустрации кои се прелеваат и на домашната агенда, односно се манифестираат како недостаток на трпение и нервоза врзана за доаѓањето на „слободата” и на „животот”, како останати елементи на овој ментален триаголник за кој зборуваме. Затоа, фрустрирана од неизвесноста на пробив кон НАТО и ЕУ, нашата критичка јавност станува нетрпелива и за другите очекувања од власта. Ова е особено потенцирано од впечатокот на јавноста дека власта е без малку целосно фокусирана на преговорите за името на сметка на останатите делови на нејзината агенда.  Ова, иако е логичен приоритет на Владата (имајќи предвид дека тој пробив би бил секако најважниот чекор во нивниот мандат), реално создава нервоза кај голем дел од јавноста.  Идеалистите би рекле дека имаме право да очекуваме напредок на сите полиња паралелно, но тоа е нереално, и само ја валка дебатата.  Оттаму, ако е некаква утеха, треба да се знае дека меѓусебната поврзаност на овие елементи оди во двете насоки, па како што сега поради неизвесноста од евроатлантските интеграции сме нервозни и за домашните предизвици, така и евентуалниот пробив на тоа поле како цунами би ги одвеал најголемиот дел од критиките и би овозможил нов период на „меден месец” за Владата.

Растегливоста има граници

Но, имајќи предвид дека е тешко да се очекува „балансиран напредок” на сите полиња, останува фактот дека гамбитот со преговорите за името секако ќе ја обои сликата за поддршката која власта ја ужива сега, и ќе ја има во наредниот период. Ова особено поради фактот што, иако множеството на елементи кои се поврзани со поддршката за власта е растегливо, таквата растегливост има граница, и ако нема пробив за името набрзо, постои опасност дека фрустрациите ќе преминат во трајна нетрпеливост кон оваа политичка елита, па со тоа ќе направат, дури и добар резултат од преговорите, ако дојде предоцна, да не е доволен за да се одржи домашниот политички капитал.

Затоа, за владината агенда е исклучително важен релативно брз напредок по тоа прашање, што понекогаш, особено кога од другата страна ја имате Грција, која секој милиметар на најава за попустливост ја толкува како освоена позиција, и така сѐ додека не дојде до бетон, може да значи компромис во квалитетот на процесот, па и на решението, за сметка на брзината. Тука се појавува проблемот со критичната разлика која може да се појави помеѓу брзо решение за она што можеме да го прифатиме, и брза испорака на она што можеме да го спроведеме. Сигурен сум дека Грција во преговорите може да попушти за динамиката за имплементација, но никако за прифаќањето. Тоа значи дека најверојатно целиот пакет ќе мора да биде договорен веднаш, а динамиката на имплементацијата може да биде предмет на преговори, и со тоа да се калкулира околу НАТО, датум за преговори, и слично. Имајќи предвид дека јавната дебата ќе се одвива паралелно со прифаќањето, повеќе одошто при имплементацијата, проекцијата на роковите е клучна. Во таа смисла изгледа дека немаме проблем со правецот во кој се одвиваат преговорите, ниту толку со нивната содржина, туку само со итноста. Затоа мислам дека е многу важно да не проектираме, дури ни ментално, фиксни рокови, кои потоа би станале камен околу вратот доколку не бидат постигнати. Ова најмногу зашто консензусот околу главните оски на овој процес, кој по сѐ изгледа постои и кај јавноста, и кај политичките елити, секако ќе биде разнишан доколку немаме напредок во временската рамка која ја проектираме сега.

Ова е особено важно во смисла на менаџирањето на очекувањата, кои се директно поврзани со поддршката на овој процес, зашто досега не сме имале подобра позиција за решавање на овој проблем ниту дома, ниту во Грција, ниту пак кај меѓународната заедница. Тешко е да ви се погоди политичар кој е подготвен на непопуларни потези заради генерална подобра иднина, а такви се во моментов и Заев и Ципрас. Заслужуваат фер шанса, како и доволно време.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

DW.COM

Реклама