Во Колумбија потпишан нов мировен договор - и сега? | Свет | DW | 25.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Колумбија потпишан нов мировен договор - и сега?

Во Колумбија треба да биде усвоен нов мировен договор меѓу владата и бунтовниците од ФАРК - овојпат без референдум. Претседателот Сантос предупредува од насилство против поддржувачите на договорот.

Повеќе од еден месец по отфрлањето на историскиот мировен договор меѓу колумбиската влада и левичарската герилска организација ФАРК на референдумот во Колумбија, вчера (24.11.2016) двете страни потпишаа нова верзија на договорот. Претседателот Хуан Мануел Сантос новиот преработен договор има намера да му го поднесе на конгресот. Нов референдум не треба да има.

Со новиот договор, претседателот се обидува да го цементира неговиот политички тестамент како мировник, со тоа што има намера да ѝ стави крај на најдолгата граѓанска војна во светот. За неговите напори тој кратко по референдумот на 2. октомври дури ја доби и Нобеловата награда за мир.

Противниците на договорот, предводени од поранешниот претседател Алваро Урибе, меѓутоа и натаму се противат на мировниот договор. И во преработената верзија се нездоволително поправени грешките од отфрлениот договор. Нивната критика е насочена кон, според нив, недоволните казнени мерки за воените злосторници од редовите на бунтовниците, гаранциите за пратенички места за поранешните борци на ФАРК како и планираната аграрна реформа.

Претседателот Сантос ги отфрла приговорите: најновата верзија, според него, ги зема предвид забелешките на опозицијата. Во неа е зајакната заштитата на правото на сопственост, преработени се правилата за вклучување на ФАРК во политичкиот живот и подобрени се механизмите за спроведување на договорот.

Kolumbien Bogota - Juan Manuel Santos bei Pressekonferenz zum Friedensnobelpreis

Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос

„Нов геноцид“

Лидерот на опизицијата Урибе во меѓувреме во соопштение ги отфрли обвинувањата дека противниците на мировниот договор пред и по референдумот поттикнувале политичко насилство. Во изминатите недели беа убиени пет мировни активисти.

„Владата се обидува да ги доведе во заблуда граѓаните, со тоа што за одговорни за насилните инциденти ги прогласува оние, кои се против договорот, кој на ФАРК му обезбедува неказнување“, изјави Урибе. Според него причините за насилството се кријат на друго место: „Јавната безбедност се запоставува, се разбива солидарноста меѓу граѓаните, во армијата недостасува мотивација и трговијата со дрога расте ексцесивно“.

Бран на насилство

Според наводите на колумбиската организација за човекови права „Постојан комитет за одбрана на човековите права“ (ЦДПХ) насилството е особено насочено кон поддржувачите на мировниот договор. Од јануари наваму убиени се најмалку 70 лидери на колумбиското граѓанско општество. „Нападите откриваат систематски план за елиминација на противниците и за напад врз актуелниот мировен процес“, се вели во соопштението на организацијата.

Гледај видео 00:44

Потпишување на историскиот мировен договор во Колумбија

„Запирањето на нападите врз мировните активисти мора да биде приоритет“, апелираше ЦПДХ која од почетокот на годинава има документирано 314 случаи на насилство поврзани со мировниот процес. Меѓу нив 232 закани, 21 напади и 70 убиства на локални лидери.

Најновиот бран насилство дури беше повод и за ФАРК да објави отворено писмо до претседателот Сантос. Во него бунтовниците побараа конечно да ги казни виновниците за убиствата на мировните активисти во селските средини.

„Ситуацијата е многу драматична и вознемирувачка. Само годинава има повеќе од 200 убиства, чии извршители не се казнети. Во тек е нов геноцид против лидерите на социјални движења и на земјоделците“, пишува ФАРК во писмото.

Се повторува ли историјата?

Аида Авеја, претседателка на левичарската партија „Унион патриотика“, во 90-те години пребега од Колумбија во САД пред убиствата веројатно од страна на десничарските парамилитарни групи. Нејзе најновото насилство ѝ изгледа премногу познато.

Kolumbien Friedensprozess Aida Avella

Аида Авеја

„Тогаш погребав стотици мои соборци. Во текот на изминатата недела се чувствував како да сум вратена во 80-те и 90-те години“, изјави Авија за американскиот весник „Мајами Хералд“. „Изгледа како историјата да се повторува“

Инаку, екс-претседателот Урибе ги повика граѓаните да не попуштаат во нивната борба за иднината на демократијата. Тој најави натамошни акции против претстојната ратификација на мировниот договор во колумбискиот конгрес.

Додека Урибе со поглед на претседателските избори во 2018 полага на одолговлекување, претседателот Сантос го брани новиот договор: „Без мировен договор расте ризикот за нови напади“, стравува тој. Ново пропаѓање на договорот би водело до натамошни напади врз неговите поддржувачи.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама