Во Казандол сега копа само предистрагата | Северна Македонија | DW | 30.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Во Казандол сега копа само предистрагата

На местото каде што требаше да се копа бакар, се „копа“ околу потеклото на капиталот што влегува на сметката на рудникот Казандол. Се бараат одговори: дали рударскиот бизнис бил покритие за други активности?

Заплеткана и компликувана е мрежата на комании поврзани со „Сардич“ - фирмата која во март 2014 година беше претставена како украински инвеститор, прво со договор за геолошки истражувања, а од 2015 година и со договор за експлоатација на руда на три локалитети во Македонија: Казандол (валандовско), на локалитетот „Плавуш“ (валандовско-струмички регион) и на локалитетот „Петрашница“ (Старо Нагоричене). На 27-ми март Владата донесе одлука за раскинување на договорот со концесионерот „Сардич МЦ ДООЕЛ“, за експлоатирање на злато, сребро и бакар кај Казандол, бидејќи било утврдено дека концесионерот не ги исполнувал законските обврски. Компанијата ги отфрли таквите наводи, најави дека ќе побара арбитража и  обесштетување од државата.

Бизнис со офшор шмек?

Раскинувањето на договорот е само едната страна на приказната поврзана со Казандол. Пред десетина дена вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев навести дека се „копа“ околу потеклото на капиталот што влегува на сметката на тој рудник.

„Во државата се влезени 18 милиони евра по основ на Казандол, а притоа никогаш не е откриен крајниот сопственик на тие средства. Влезени се средства од разни други места, но не и од Украина, а се вели дека е украинска инвестиција. Да не кажам од кои острови е влезено“, рече Анѓушев.

Веднаш потоа извинување од вицепремиерот побара инвеститорот на проектот Казандол - инвестициската групација „Коппер Инвестментс АД Скопје“.

Minister der neuen mazedonischen Regierung (DW/Petr Stojanovski)

Вицепремиерот Кочо Анѓушев навести дека се „копа“ околу потеклото на капиталот

„Ја цениме заложбата на надлежните институции за откривање на даночни и финансиски малверзации, но досега како резултат на извршените финансиски контроли во нашата компанија не е утврдена никаква неправилност“, реагираа од Коппер Инвестментс АД Скопје, и побараа извинување од Анѓушев бидејќи таквите изјави негативно влијаат на нивниот углед.

„Коппер инвестментс“ е сопственик на македонската „Сардич“ а како нејзин сопственик фигурира „Копера ЛТД“ од Гибралтар. Но во целата бизнис мрежа на соработка  се јавуваат и други компании, како на пример „Остера ЛТД“ од Кипар и Монако, но и британската „Surrey Dynamics Limited“, со кои има интензивна соработка, а засега не е јасно дали се засновани заради овој бизнис или нешто друго. Во 2014 година медиумите објавија дека британската компанија „Surrey Dynamics Limited“ платила милион евра за 2.500 акции кои немаат право на глас во скопското АД „Коппер инвестментс“, односно платила 100 пати повеќе од номинална вредност на овие 2.500 акции. Главното прашање беше зошто решила да одвои милион евра за акции кои не носат глас.

Гледај видео 01:23

Казандол- закана за почвата и водата?

На крајот од 2015 година македонската фирма на „Сардич“ имала нетековни средства од нешто повеќе од 6 милиони евра и 20 вработени, во 2016 бројот на ангажирани лица бил 19, а нетековните средства на компанијата се зголемуваат на 8,7 милиони евра. Во декември 2017 година Централниот регистер објави дека друштвото за експолоатација, прозиводство и преработка „Сардич МЦ ДООЕЛ“ ја зголемило основната главнина на друштвото за 15.211.553 евра. Сето тоа во време кога активностите се далеку од почеток на експлоатација на рудата.

Пасошите украински, дали и парите?

Дали навистина ниту едно евро не доаѓа од Украина? Како што неофицијално дознаваме, досегашниот тек на капиталот открил дека, наводно, најголем дел од парите доѓале од Лондон, во форма на заеми, позајмици и основачки влог. Дел биле префрлани во „Коппер инвестментс“, дел на нерезидентна сметка на „Копера ЛТД“. Оттаму се префрлале во „Копер инвестментс и во „Сардич“ по основ на трошоци - набавка на опрема, механизација, изградба на сепарација, други градежни активности за кои биле ангажирани две домашни градежни компании, авторски договори со физички лица...

Намената за декларираните основи не е спорна. Прашањето е дали соодветствува со состојбата на теренот, дали е соодветна декларираната цена на набавки или трошоците биле пренапумпани заради други цели. Второ, од каде доаѓаат парите во Лондон, по кој основ, и за каков бизнис?

Logo Transparency International

За случајот Спасеноски треба да се произнесе Државната комисија за спречување на корупцијата, побара во 2014. Слаѓана Тасева

Покрај двојните државјанства на сопствениците (украинско и британско), досега единствената видлива „врска“ со Украина се темелеше на фактот дека неизвршен член на нејзиното АД во Македонија е поранешниот министер за земјоделство и ексамбасадор во Украина, Ацо Спасеноски од Социјалистичката партија, коалициски партнер на Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Тој станал  неизвршен член само неколку месеци откако заминал од амбасадорското место во Киев. Претседателката на „Трансапренси интернешнел - Македонија“, Слаѓана Тасева, во 2014 година изјави дека за овој случај треба да се произнесе Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи Спасеноски како амбасадор можел да посредува во некаков договорен однос со украинската компанија, а како поранешен функционер имал пристап до чувствителни информации кои можат оваа компанија да ја стават во предност и да создадат состојба на нелојална конкуренција во однос на другите компании кои немаат пристап до таквите деловни информации. Не е познато дали таква постапка е спроведена. Досега единствено жителите од Валандово на референдум се изјаснија против работата на рудникот, поради страв од загадување на животната средина. Инвеститорите убедуваа дека работата на рудникот воопшто нема да влијае врз животната средина. Сега, кога договорот е раскинат, иницијалните истражни дејства треба да откријат дали е направен друг вид на штета.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама