Во Грција уште се чека на револуцијата | Свет | DW | 25.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Грција уште се чека на револуцијата

Со Алексис Ципрас и неговата партија Сириза пред две години на сцената во Атина и во Брисел се појави нов играч. Се очекуваа радикални промени, но малку нешто се смени, смета Спирос Москову.

На предвремените избори во Грција на 25. јануари 2015. година победилевичарската Сириза, раководена од младиот политичар Алексис Ципрас, партија без никакво претходно владино искуство. Ципрас ги доби гласачите со ветување дека ќе ја ослободи земјата од традиционалната корупција и ќе води нови преговори со кредиторите за спас на Грција од банкрот, но гордо и без попуштања. Лидерот со настап на народен трибун, најави враќање на загубеното достоинство на од кризата измачените Грци. Што остана од неговите ветувања по изминатите две години?

Во Атина и во другите градови се слави двегодишнината од преземањето на власта, но ентузијазмот на преостанатата клиентела на Сириза е скромен. Билансот на наводното револуционерно преземање на власта во Атина, за мнозинството Грци одамна е разочарувачки, за што сведочат и најновите анкети на јавното мислење. Според нив, доколку има нови избори, Сириза би добила само 20 проценти од гласовите, додека конзервативната опозициска партија Нова Демократија на чело со амбициозниот Киријакос Мицотакис би имала 34 проценти.  

Популисти, а не одговорни владетели

Сириза многу брзо се покажа како чисто левопопулистичка партија, вентил за незадоволството на широки слоеви од грчкото општество, но во никој случај и политичка сила за водење одговорна владина работа. Пред две години таа преку ноќ скова коалиција токму со деснопопулистичката партија Анел, за да обезбеди потребно мнозинство во Парламентот. Сириза вкупно трипати ги влечеше избирачите на гласање, молејќи за потврда на владината политика, што претставува всушност расипнички демократски луксуз за земја зависна од паричната помош на своите партнери.

По долго колебање, Сириза во летото 2015. година договори трет ригорозен пакет помош за Грција и оттогаш се бори за спроведување на во него предвидените реформи. Во меѓувреме прочуената озлогласена втора евалуација на грчките ветувања требаше да биде завршена уште во февруари 2016. година, но не е готова ни една година потоа, со катастрофални последици по рефинансирањето на економијата. Исто како и сите претходни влади по 2010. година, и владата на Ципрас беше брза во воведување нови даноци, но разочарувачки бавна во реализацијата на ветените реформи. Во овој контекст, владата на Сириза сигурно не претставува ново поглавје во политичката историја на земјата, туку многу повеќе, да се надеваме, последна епизода од минатото.

Moskovou Spiros Kommentarbild App

Спирос Москову

Тоа важи и за на големи ѕвона најавуваната борба против корупцијата и непотизмот. Владата на Ципрас, за волја на вистината, ја затвори славината за поранешните дубиозни тендери во функција на обезбедување на разни олигарси. Но, наспроти тоа, Сириза е фатена во обид за создавање нови олигарси, блиски кон партијата. Така, Врховниот суд го спречи доделувањето на ТВ-лиценци. Целата постапка беше конципирана од страна на владата како средство во обидот за освојување на медиумската сфера. Во меѓувреме, финансиските служби го испитуваат фактичкиот бонитет на осуетените идни медиумски могули и други претприемачи блиски на Сириза.

Кредиторите одамна беа подготвени

За меѓународните кредитори, владите на Алексис Ципрас не се нивен најлош партнер. „Лева“ владина партија секогаш има подобри шанси да протурка реформски пакети и да ги одбрани драстичните пакети за штедење пред гласачите. Ваква „прогресивна“ влада сепак може некако подобро да излезе на крај со бунтовните синдикати.

Меѓутоа, ваквата калкулација е остварлива под претпоставка да води кон реформирано и растечко стопанство. Но, во Грција не е остварен овој предуслов: економијата со години тоне, а наводните суфицити во јавниот сектор лани настанаа само поради тоа што државата ги замрзна своите обврски кон приватните претпријатија. Значи, не ги плати своите долгови и сметки. Така, Грција и две години по победата на Сириза, останува економско и социјално буре барут.

 

DW.COM

Реклама