Во Германија има широка исламистичка и џихадистичка сцена | Свет | DW | 18.11.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Во Германија има широка исламистичка и џихадистичка сцена

Радикалниот ислам во Германија опфаќа повеќе илјади салафисти и џихадисти.Тие се организирани во многубројни групи. Едно им е заедничко: желбата исламот да стане задолжителен општествен и државен поредок.

Доволни се само неколку месеци за од некој муслиман или муслиманка да се направи џихадист, рече Холгер Минх, претседател на Сојузната криминалистичка служба (БКА) во интервју за весникот „Ди Велт“. Според него, досега најмалку 750 такви насилнички настроени исламисти од Германија отишле во Сирија. Една третина од нив во меѓувреме се вратени, од кои околу 70-мина учествувале во борбите.

Но, со тоа ни оддалеку не е исцрпен целиот потенцијал за привлекување нови борци за „светата војна“. Контраразузнавачката Служба за заштита на уставот и БКА проценуваат дека во Германија во моментов живеат околу 43.000 исламисти. Тоа се луѓе чија цел е исламот да стане задолжителен општествен и државен поредок.

Според безбедносните власти, во тој круг околу 7.900 се салафисти, кои застапуваат едно особено ригорозно толкување на исламскиот правен поредок, кој делумно се базира врз коранот, а делумно произлегува од преданија. Иако не се сите тие настроени своите сфаќања да ги спроведат со сила, сепак БКА укажува дека расте бројката на подготвените на насилство. За радикализацијата придонесуваат различни групи и исламски проповедници. Ги наведуваме (според абецеден ред) само највлијателните организации и поединци од германската исламистичка сцена.

Gemeinde des Imams Hassan Dabbagh

Хасан Дабаг и неговите приврзеници во 2006 година

Ансарул асер

Ансарул асер („Помошници на затворените“) се ангажира првенствено за исламски затвореници. Најголем дел од лицата што ги поддржува оваа организација припаѓаат на џихадистички групи, кои во затвори во Германија и во странство издржуваат најчесто повеќегодишни казни поради поддршка на тероризмот. На својата интернет-страница организацијата ги повикува посетителите да стапат во контакт со затворените и да им дадат морална поддршка.

Даеш / Исламска држава

Исламската држава (ИД), на арапски Даеш, во Германија, каде е забранета како терористичка група, врши пропаганда главно преку интернет. Таа посебно профитира од радикализацијата на муслиманските Германци. Некогашниот берлински рапер Денис Касперт, односно Дезо дог, веројатно во 2012 и’ се приклучи на ИД, откаде на видеа повикуваше на напади во Германија. Сниман е и на видеа со егзекуции. Тој стана најважен пропагандист на ИД на германски јазик. Наводно е убиен минатиот месец при американско бомбардирање.

Salafismus in Deutschland

Салафистите бесплатно го делат Коранот во Германија

Хасан Дабаг

Хасан Дабаг е Германец со сириско потекло, кој стриктно ги дели луѓето на „муслимани“ и „неверници“. Тој е претседател и имам на џамијата Ал-Рахман во Лајпциг во која редовно организира исламски семинари и образовни средби. Контрараузнавачката служба на покраината Саксонија во 2013. година оцени дека во неговите текстови има и „содржини спротивни на уставот“, а неговите агресивни проповеди, кои се достапни и на интернет, се погодни за радикализација, посебно на млади и недоволно верски профилирани муслимани или конвертити. Со својата „Мобилна исламска академија“ Дабаг агитира ширум Германија за своето толкување на исламот.

„Помош во неволја“ е.Ф.

Здружението основано во 2013. година има за цел да им помага на муслиманите во неволја. Се ангажира првенствено за луѓето во Сирија кои страдаат од граѓанската војна. На добротворните манифестации на здружението, според контраразузнавачката служба на Северна Рајна Вестфалија, редовно настапуваат проповедници кои се цврсто вкоренети во салафистичката сцена. Претседателот и раководството на здружението од пред некое време и’ се познати на Службата како приврзаници на екстремистичка исламска идеологија.

Islamisten-Kundgebung in Hamburg

Пјер Фогел со своите приврзеници во Хамбург

Ибрахим Абу-Наги

Ибрахим Абу-Наги, роден 1964. година во палестински бегалски логор во Појасот Газа, од 1994. е германски државјанин. Нема формално теолошко образовение, а сепак е меѓу највлијателните салафистички проповедници во Германија. Во интернет објавува текстови во кои се залага за своето строго толкување на исламските закони. И тој консеквентно прави разлика меѓу муслимани и „неверници“. Членовите на неговата мрежа „Вистинската религија“ редовно делат примероци од коранот во германските градови. За таа кампања контраразузнавачката служба во 2013 година оцени дека има особен загрозувачки потенцијал поради тесната кооперација меѓу политичките и џихадистичките (значи насилните) салафисти.

Исламистичка заедница Мили Горус е.Ф.

Мили Горус („Национално гледиште“) се смета за најголема исламистичка организација во Германија со 31.000 членови и значително поширок круг на симпатизери. Основач е турскиот политичар Неџметин Ербакан во доцните 60-ти години на минатиот век. За нејзините претставници капитализмот и ционизмот се причини за сегашниот „неправеден светски поредок“, а ЕУ е „клуб на христијани“ и “унија на крстоносци“. Своите членови тие ги одвраќаат од пријателства со„неверниците“.

Лобершка бригада

Во 2013. година 20-ина млади мажи од местото Динслакен во Северна Рајна Вестфалија отидоа во џихад во Сирија, каде се нарекоа „Лобершка бригада“, според квартот Лоберг од кој потекнува најголемиот дел од нив. Најмалку четворица загинаа во Сирија, еден од нив како атентатор-самоубиец. На почетокот на годинава е уапсен повратникот Нилс Д. против кого во јануари 2016. треба да почне судски процес.

Screenshot Sharia Polizei in Wuppertal Facebook

Шарија полиција во Вупертал

Пјер Фогел

Пјер Фогел е еден од највлијателните исламисти во Германија. Тој е конвертит (ја смени верата - н.з.) и од 2006. е активен како исламистички проповедник. Неговите тези се многу спорни: од една страна бара жените задолжително да носат шамија на глава, а од друга насилството врз недолжните, терористичките напади и таканаречените „убиства заради спасување на честа“ ги смета за несврзливи со исламот. Неговите погледи на свет се под белегот на поделбата на исламско (вистинско/добро) и неисламско (погрешно/лошо) однесување. Безбедносните власти сметаат дека неговите проповеди можат да придонесат за радикализација на „поединечни, многу религиозни млади луѓе“.

Свен Лау

Свен Лау е истомисленик на Пјер Фогел. Потекнува од католички родители, а пред 15-ина години конвертира во ислам, за потоа да се сврти кон салафизмот. Поранешниот професионален пожарникар сега во Менхенгладбах одржува продавница за предмети од исламски религиозен карактер. Според сопствено признание, повеќе пати бил во Сирија за да укаже „хуманитарна помош“. Во септември 2014. година го сврте вниманието на јавноста организирајќи во Вупертал „шеријатска полиција“, која се обиде да ги одврати муслиманските млади од посети на казина и кафеани. Државното обвинителство поведе постапка поради кршење на законот.

Таухид Џермани

„Таухид Џермани“ е организација-наследничка на „Милату Ибрахим“ - обете забранети во Германија. Но „Таухид Џермани“ и натаму во интернет шири првенствено салафистичка пропаганда, а активна е и на Фејзбук и Јутјуб. На видеата штои ги публицира се наоѓаат и прилози кои го глорификуваат насилничкиот џихад. Во некои публикации се повикува на омраза против „неверниците“. Една од водечките личности во групата беше во Сирија убиениот рапер и џихадист Дезо дог.

Волфсбуршка ќелија

Околу 20 џихадисти од Волфсбург во 2013. и 2014. година отидоа во Сирија и Ирак за да се приклучат на ИД. Сега на двајца од нив им се суди во Германија и можт да бидат осудени и до десет години затвор. Групата била радикализирана од проповедник кој во меѓувреме пребегал во Сирија. Најмалку седум џихадисти од „Волфсбуршката ќелија“ се починати во Сирија.