Во Венецуела не е можна воена диктатура | Свет | DW | 04.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Во Венецуела не е можна воена диктатура

Социологот Хајнц Дитрих му беше советник на Хуго Чавез и важи за еден од духовните татковци на социјалистичкиот модел во Венецуела. За ДВ тој зборува за наследството на Чавез, грешките на Мадуро и влијанието на САД.

ДВ:Која беше најголемата грешка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро? Дали тоа што се држи грчевито за власта?

Ханјц Дитрих: Тоа, без сомнение, е голема грешка. Но, можеби уште поголема грешка беше што не го промени економскиот модел на Хуго Чавез. Мадуро мораше да го преструктуира овој модел, а тој тоа не го стори. Тој модел отслужи уште во 2010 година, кога паднаа цените на нафтата. Последица од тоа беше девалвацијата на националната валута и влошувањето на животниот стандард на населението. Социјалните програми веќе не можеа да се финансираат.

Тој се изолираше од реалноста.

Апсолутно, тоа беше првата голема грешка на Мадуро. Не го промени развојниот модел и не реагираше на растечките социјални немири. Не се промени ниту политичкиот дискурс. Кога на парламентарните избори во 2015 година сѐ падна и опозицијата доби мнозинство, тој почна да се потпира на полициските сили, наместо да се обиде да направи нов почеток. Тоа е спирала која се движи надолу, која почна во 2011 година и која сега доаѓа до својот крај.

Heinz Dieterich (DW)

Социологот Хајнц Дитрих му беше советник на Хуго Чавез

Каква улога имаше Куба за ваквиот развој?

Мислам дека имаше две големи грешки кои Куба ги направи во овој процес. Кога Чавез се разболе и беше видливо дека ќе биде потребен некој за да го продолжи историскиот проект, имаше два предлога. Тогашниот бразилски престедател Луиз Лула да Силва сметаше дека венецуелската влада е многу слаба и мора да склучи алијанса со граѓанството. Тој сметаше дека само така земјата може натамошно да се развива и да има економски успех за потоа да може да спроведе подлабоки реформи и општествена реконструкција. Кубанскиот претседател Фидел Кастро пак рече дека Мадуро би морал да ја радикализира револуцијата и во никој случај да не прави компромиси со буржоазијата, затоа што таа ќе го предаде. Мадуро одлучи да го слуша Фидел Кастро. Втората голема грешка се однесува на фактот што Мадуро исклучиво се потпираше врз силата на армијата. А, врз венецуеалската армија големо влијание имаат кубанските тајни служби.

Очекувате ли еден дел од армијата да ги раскине врските со Мадуро?

Тоа се случува одамна. Вашингтон формулираше понуда. Таа понуда преку адмирал Крег С. Фолер (одговорен за воени операции на САД во Латинска Америка, н.з.) му беше дадена на лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо, кој потоа истата понуда ја пренесе во армијата. Според нејзе, венецуелските вооружени сили треба да се погрижат Мадуро мирно да се повлече во егзил, а потоа преодна влада би можела да распише слободни избори без крвопролевање.

Сметате дека не е можна воена диктатура?

Нема доволно предуслови за тоа. Дури ни армијата не сака да владее со земја која е толку уништена. За обнова на земјата ќе биде потребен еден вид Маршалов план од околу 60 милијарди американски долари. Населението ќе мора да поднесе уште жртви, а за такво нешто војската не е расположена. Освен тоа, таа е дискредитирана во очите на граѓаните. А, и Вашингтон не сака армијата да владее во земјата.

Дали станува збор за пуч инсцениран од страна на САД?

Се разбира дека е тоа државен удар инициран од САД. Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин јавно кажа дека во Венецуела се повторува истото што се случуваше во Украина, кога беше соборен Виктор Јанукович. САД, според изјавите на една државна секретарка, инвестираат пет милијарди долари за да создадат услови за промена на власта. Агенцијата Асошиетед прес објави дека Гуаидо бил на тајно патување во САД, Бразил и Колумбија, каде постигнал согласност со владини претставници за овој државен удар.

Како ќе заврши кризата во Венецуела?

Постои опасност владата да падне во рацете на неспособна, неолиберална група во служба на Вашингтон под раководство на Гуаидо. Но, ниту Гуаидо ниту Мадуро не нудат решение кои ѝ е неопходно на земјата. Одлучувачки за иднината на Венецуела се условите под кои ќе може да се одвиваат промените по заминувањето на Мадуро. Кој ќе ги организира наредните избори? Националниот изборен институт му остана верен на Мадуро. Кои се кандидатите кои ќе влезат во фер и демократска борба помеѓу партиите? Дали Гуаидо ќе биде преоден претседател една, две години или два, три месеци? Тука се и конфликтите на интереси на меѓународно ниво. На една страна е Вашингтон со своите регионални сојузници. На друга страна се Кина, која инвестираше околу 60 милијарди американски долари во Венецуела, како и Русија, која исто така инвестираше милијарди. Тоа исто така игра улога при обликувањето на преминот. Идеално би било да посредува група држави во која интересите ќе бидат урамнотежени. Но, останува да се види дали актуелниот однос на силите тоа ќе го дозволи, или пак Вашигнтон ќе се обиде еднострано да ги спроведе своите интереси.

Германскиот социолог Хајнц Дитрих е професор на Универзидад Аутонома Метрополитана (УАМ) во Мексико сити. Тој е автор на книгата „Социјализмот на 21 век“ (1996), која е особено омилена кај латиноамериканската левица. Дитрих беше советник на венецуеласкиот претседател Хуго Чавез.

DW.COM

Реклама