Во Атина смрди до небото | Свет | DW | 29.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Атина смрди до небото

Во Грција продолжува штрајкот на ѓубреџиите. На температури над 40 степени ситуацијата е неподнослива и за локалните жители и за туристите. Репортажа на Јанис Папдимитриу од Атина.

На омилената улица Филолау во атинската населба Панграти не може да се помине: насекаде има натрупан смет, особено во споредните улички. Црни вреќи за ѓубре, шарени кеси од локалните продавници и расфрлани картони ја надополнуваат сликата. Смрди до небото. Пред атрактивните излози и кафетерии се издигаат брда од смет. Чудо е како сѐ уште има муштерии што влегуваат и излегуваат од продавниците. „Мораме да продолжиме да работиме, што ни преостанува друго", вели Викторас додека си го подготвува месото за гиро.

Овој гиро мајстор сметот го носи од спротива на улицата на местото означено за отпадоци. „Остатоците од храна и слични отпадоци ги собираат од таму, веројатно градот има некоја служба за итни интервенции за таа страна од улицата. Но, ако погледнете овде веднаш на аголот ќе видите дека сметот си останал на улица и никој не го собира", се жали Викторас.

Стотина метри подолу гледаме нешто навидум неверојатно: камион за ѓубре собира смет. Тројца млади мажи скокаат од камионот и го собираат ѓубрето со забрзано темпо. Не носат заштитна облека туку обични маички. Само еден од нив има заштитна маска на устата, иако смрадот е неподнослив. Ова претпладне во Атина е 39 степени под сенка. За следните денови е најавен топлотен бран од Африка и температури до 43 степени. До тогаш Костас, Елиас и Герасимос сакаат да соберат што е можно повеќе од натрупаниот смет во населбата Панграти. Но, зошто дури сега дојдоа со камион? „Претходно тоа беше невозможно. Штрајкувачите го имаа блокирано пристапот за камион", објаснува Костас.

Штрајкот ќе продолжи

Суштината на проблемот е во тоа што градовите и општините во Грција немаат пари да вработат ѓубреџии поради што склучуваат договори на определено време. Договорите постојано се обновуваат, но речиси секогаш откако работниците со штрајк и притисок ќе издејствуваат нивно продолжување. За да се осигураат дека никој нема да може да го собира отпадот, ги блокираат пристапите до контејнерите или до други депонии во Грција за да не може нивните колеги кои се вработени во комунална хигиена да имаат пристап.

Тие бараат трајновработувањеи нема да се повлечат се додека левоориентираната влада на Алексис Ципрас не им го исполни ова барање. Костас и неговите колеги не знаат како ќе продолжи штрајкот. Во моментов изгледа дека проблемот сѐ уште не е надминат: За денеска е најавен протест на ѓубреџиите во центарот на Атина, откако обидот за преговори на Ципрас пропадна во последен момент. Синдикатот на вработени во градската админстрација ПОЕ – ОТА бара дополнителни 10.000 работни места за ѓубреџиите, додека владата до сега понуди 2.500.

„Секоја градска власта во оваа земја мора да има право сама да одлучи дали и колку ѓубреџии и се потребни," негодува градоначалникот на Атина, Јоргос Камнис. Но, неговите забелешки немаат одѕив. Камнис се обиде да ја намали штетата и ги зголеми активностите на службите за итна интервенција. Минатиот четврток неколку ѓубреџиски камиони беа во акција во центарот на градот и за само неколку часа плоштадот пред парламентот изгледаше како воопшто да нема штрајк на ѓубреџии.

Но, непријатната миризба остана и понатаму. Многу Атињани веќе не го носат сметот во контејнерите туку го складираат на тераса. Решение околу спорот за ѓубрето нема на повидок, а ситуацијата дополнително е отежната со спорот околу надлежностите: синдикатот на градската администрација ПОЕ – ОТЕ протестира против владата, конзервативната опозиција повторно обвинува за радикализација на штрајкувачите, додека градовите и општините кои се директно погодени се тргнати на страна.

Според законот, ресорниот министер има право да ги „мобилизира“ штрајкувачите и со декрет да нареди собирање на сметот. Владиниот портпарол Димитрис Јанкопулос сепак објасни дека ова правило кое е против вработените нема да се употреби. Но, можно е сметот да го собира армијата.

Солун пробен балон

Ова не е првпат: уште во 2011 мораше војската во вториот по големина град во земјата, Солун, привремено да го преземе собирањето на сметот во градот, откако ПОЕ- ОТА стапи во траен штрајк. Ова лето левоориентираниот градоначалник Јанис Бутарис нема да си дозволи да му се случи истото и затоа сака да склучи договор со приватна фирма за собирање смет. Во неделата градот Солун објави тендер за оваа намена. Со тоа им удри шлаканица на синдикатите. ПОЕ- ОТА се заканува со нови штрајкови поради ваквата одлука на градот.

Според медиумите, договорот за соработка со приватна компанија во Солун е веќе подготвен за потпис, но Бутарис сака да почека до крајот на неделата, пред да го донесе конечното решение. Тој тактизира бидејќи во четврток вечер претставници на штрајкувачите и синдикатот ПОЕ – ОТА треба да имаат нови преговори со владата на Ципас па можно е да се постигне некаков компромис.

Реклама