Војна поради економските зони во Средоземното Mоре? | Свет | DW | 11.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Војна поради економските зони во Средоземното Mоре?

Грција и Египет со договор ги утврдија своите морски територии. Турција се заканува со воена акција затоа што гледа повреда на нејзините барања. Интервју на ДВ со експертот за Блискиот Исток, Штефан Рол.

Пред неколку недели ситуацијата во Егејското Море опасно се заостри. Неколку дена личеше дека е неизбежен вооружен конфликт меѓу Грција и Турција. Причина за тоа беше намерата на Анкара да почне да дупчи за нафта во делот од морето кој Грција го смета за свој. Во образложението на турската влада се наведува дека оваа зона е турско подрачје, во согласност со договорот со либиската влада во Триполи. И Грција и Турција таму испратија свои воени бродови.

За смирување на ситуацијата придонесе посредувањето на германската канцеларка Ангела Меркел. За волја на вистината, само за кратко. Минатата недела Грција и Египет потпишаа договор, со кој ги утврдија своите економски зони во источниот дел на Средоземното Море. Со оглед на тоа дека овој договор се коси со економската зона на која Турција полага права, Анкара се заканува со воена акција.

За ситуацијата во источниот дел на Средоземното Море за ДВ зборува стручњакот за Блискиот Исток Штефан Рол од берлинската Фондација за наука и политика.

ДВ: Речиси 15 години Грција и Египет преговараа за поделба на своите Ексклузивни економски зони (ЕЕЗ), а потоа одеднаш сѐ одеше многу брзо. Минатиот четврток министрите за надворешни работи на двете земји во Каиро потпишаа договор. Зошто толкаво брзање?

Штефан Рол: Договорот кој сега е потпишан е во директна врска со договорот за ЕЕЗ кој Турција и Либија го потпишаа во ноември 2019 година. Грција и Египет во тоа видоа голема повреда на своите интереси. Јас не знам во која мерка договорот меѓу Атина и Каиро е совршено испреговаран. Но, на крајот целта беше на Турција да и' се постават граници. 

Deutschland Dr. Stephan Roll (Stiftung Wissenschaft und Politik)

Штефан Рол, експерт за Блискиот Исток

Тензии има не само меѓу Грција и Турција, туку и меѓу Египет и Турција. За што се работи - за наоѓалишта на нафта? За геополитички цели?

Сигурно дека во прв ред станува збор за наоѓалишта на нафта. За Египет е многу важно да дојде до нив. Енергетската стратегија на Египет има за цел голем извоз на нафта. Меѓутоа, спорот со Турција е многу, многу подлабок. Тој потекнува уште од државниот удар во 2013 година во Египет, кој беше насочен против тогашното владеачко Муслиманско братство. Каиро и' замерува на Турција дека го поддржува Муслиманското братство, што е делумно точно. Многу кадри од Муслиманското братство се во егзил во Турција. Египетското водство во голема мера се чувствува загрозено од страна на Турција и ја обвинуваат дека планира контра-воен удар. Постоечкиот спор доби нова динамика по потпишувањето на турско-либискиот договор за ЕЕЗ и ангажманот на Турција во Либија. За Каиро тоа е една целосно нова ситуација, Турција да е толку активна во Либија и дури доведе платеници во земјата, кои се борат на страната на владата во Триполи, а против генералот Хафтар, кого го поддржува Египет. За Каиро тоа е голема закана тоа што Анкара одеднаш се вмеша во случувањата во непосредното соседство.

Повеќе:

-Ќе дојде ли до војна меѓу Турција и Грција?

-Меркел спречила вооружен судир меѓу Турција и Грција

-Колку се легитимни турските претензии во Средоземно Море?

Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ)  за која договор постигнаа Египет и Грција делумно се преклопува со економските зони на кои право полагаат турската и либиската влади. Дали тоа неизбежно води кон вооружен судир?

Не можам да замислам дека ова ќе доведе до вооружен судир. Ни Турција, ниту Грција, а особено Египет не се за директна конфронтација, бидејќи исходот од тој конфликт би бил неизвесен. Ни Европската унија, ниту НАТО воопшто не се заинтересирани за конфликт меѓу Грција и Турција. И порано постојано имало моменти на ескалација, но тие секогаш биле ставани под контрола. Во моментов, ова се само закани. Но, никогаш не се знае во тој регион. Тоа може да се случи од чиста случајност. Некаде ќе биде истрелан куршум, а потоа таков инцидент добива на интензитет. Сепак, никој не е сериозно заинтересиран за такво нешто. 

Karte Infografik Abkommen zur Aufteilung der Wirtschaftszonen im Mittelmeer EN
Wirtschaftszonen im Mittelmeer

Кој би можел да посредува во спорот околу територијалните води и во војната во Либија? САД?

Кога станува збор за конфликтите во источниот дел на Медитеранот, САД сè уште не одлучиле чија страна треба да застанат: во војната во Либија, на страната на Турција и против Египет и Русија, или обратно? Сега има нови моменти. Односите на САД со Египет не се повеќе толку неоптоварени како како порано. Во меѓувреме, има проблеми. На многу начини, Египет се однесува слично на Турција. Како Анкара, и Каиро купи руски системи за вооружување против волјата на САД. Секој си игра своја игра и не ги почитува традиционалните сојузнички структури.

ЕУ се чини отпаѓа како посредник затоа што нема унифициран став кон Турција. На пример, Франција многу јасно се позиционираше против Анкара. Може ли Германија да ја преземе улогата на посредник? Дали тоа би било прифатливо за сите страни?

Тоа би било прифатливо затоа што Германците очигледно немаат сопствени интереси таму. Единствено прашање е дали Германија има доволно тежина да влијае на настаните во тој регион. Се сомневам. Да го погледнеме, на пример, Берлинскиот процес, кој Германија го иницираше со цел да се запре војната во Либија. Немаше продолжение. Германија не може да влијае врз завојуваните страни да се придржуваат кон договорот.

Германија не е доволно способна. Во моментов, тоа може да помогне само краткорочно во еден акутен случај, каков  што беше случајот со телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и турскиот претседател Ердоган пред неколку недели. Тој помогна да се спречи вооружен судир меѓу турските и грчките воени бродови во Егејското Море.

Штефан Рол е шеф на истражувачката група за Блискиот Исток и Африка во Берлинската фондација за наука и политика - најважната  германска тинк-тенк организација  за меѓународна политика и безбедност. Во фокусот на работата на Рол се Египет, Саудиска Арабија, елитите и социјалната мобилизација во арапскиот свет.

 

Поврзана содржина

Реклама