Војна за Гибралтар? | Свет | DW | 03.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Војна за Гибралтар?

Со векови трае спорот меѓу Велика Британија и Шпанија околу малото парче земја на јужниот крај на Иберискиот полуостров. Пред почетокот на преговорите за Брегзит, спорот се заканува да ескалира.

Напуштањето на Велика Британија на ЕУ отвори нови дискусии околу иднината на Гибралтар. Британската прекуморска територија на југот на Шпанија ја има целосната поддршка на владата во Лондон, рече премиерката Тереза Меј, која најави дека при преговорите за Брегзит ќе настојува да издејствува што подобри услови за таа енклава.
Гибралтар е полуостров на границата меѓу Средоземното море и Атлантскиот океан. Во рамките на Мирот од Утрехт во 1713 година, Шпанија ѝ ги предаде на Велика Британија. Има 32 илјади жители и површина од 6,5 квадратни километри. Мадрид бара територијата да се врати во надлежност на шпанската држава. Досега ЕУ успеваше да го придуши тој спор.

ЕУ поднесе нацрт насоки за преговорите за излегување на Велика Британија од блокот, според кои, шпанската влада има право на вето на одлуката за Гибралтар. Тоа предизвика жестоки критики од Лондон, а шефот на владата на Гибралтар, Фабијан Пикардо рече дека нема да дозволи енклавата да стане монета за поткусурување во преговорите за Брегзит, ниту жртва на тие преговори.

Еден инцидент - без последици

Некои британски политичари реагираа воинствено. Поранешниот шеф на Конзервативната партија Мајкл Хауард рече дека Тереза Меј е подготвена да го брани Гибралтар и со оружје. Тоа предизвика протести на либералните демократи и лабуристите, кои сметаат дека е непримерено само неколку дена по изјавата за излегување од ЕУ веќе да се говори за војна. Уште на крајот на минатата година беше очигледно дека нервозата се зголеми - патролен брод на британската морнарица испали неколку предупредувачки ракети во правец на еден шпански брод кој го истражувал морето во близина на Гибралтар, на место кое се наоѓа во територијалните води на Велика Британија. Тогаш Фабијан Пикардо рече дека Шпанија извршила „напад“ врз британска територија. Но инцидентот немаше потешки последици.

Но, оттогаш медиумите во Велика Британија и Шпанија наголемо разработуваат различни сценарија кога станува збор за судбината на Гибралтар. Некои пишуваа и за можноста Шпанија да ја затвори границата со Гибралтар и така да ја изолира енклавата на копно. Но, шпанскиот министер за надворешни работи Алфонсо Дастис не само што ги демантираше таквите информации, туку рече дека е изненаден од изјавите кои доаѓаат од Лондон.

„Шпанската влада е изненадена од тонот кој го употребуваат во Обединетото Кралство, земја позната по својата флегматичност“, рече денеска Дастис. „Во овој случај, флегматичноста чудно отсуствува“.
За нацртот за преговорите кој го изработи ЕУ ќе се дискутира следните недели. За 29 април е закажан вонреден самит во Брисел, на кој треба да се расправа за споменатите насоки. На Гибралтар во 2002 година беше одржан референдум, на кој 99 отсто од граѓаните гласаа за останување во рамки на Обединетото кралство.

Но, на референдумот за Брегзит, убедливо мнозинство - 96 отсто - од граѓаните гласаа за останување во ЕУ.

DW.COM

Реклама