Војната во Украина носи пресврт и во Србија? | Информации и анализи за Балкан | DW | 03.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Војната во Украина носи пресврт и во Србија?

Од рускиот напад на Украина, зборот „пресврт" влезе во мода. Дали и Србија ќе се соочи со суштинска преориентација? Ќе се сврти ли Вучиќ целосно кон Западот?

Србија традиционално се смета за најблизок сојузник на Русија во Европа. Таа земја има одлични односи и со Кина, која давајќи ѝ огромни кредити ѝ овозможи многу инфраструктурни проекти, како проширување на железничката мрежа, изградба на патишта и електрани. Притоа, Србија е кандидат за членство во ЕУ. 

Политиката на  „седење на две столчиња"  во оваа балканска земја има долга традиција. Поранешниот претседател, а сега опозициски политичар, Борис Тадиќ водеше „надворешна политика заснована на четири столба" - покрај  Русија,  Кина и ЕУ за четврти партнер ги избра САД.

Оваа максима често критикувана како  „политика на клацкалка"  сега отворено се ближи кон крајот. Србија очигледно мора да донесе конечна одлука на која страна сака да биде. 

Се менува пропагандата на власта 

Таблоидите кои важат за своевиден „мегафон на власта" досега даваа јасна слика: Русија и Кина се пријатели, злото демне од Западот. Но, тие медиуми контролирани од владата направија изненадувачки пресврт минатата недела.„Светската политика врз наш грб",  гласеше насловот во весникот „Информер“. А „Курир“ напиша: „Гол интерес. Путин ги штити интересите на Русија (...) и не обрнува внимание на позицијата на Србија.“ „Путин ги заборави Србите и Косово поради нивната војна", напиша "Блиц", а „Телеграф" беше подиректен - " Путин  им зари нож во грбот на Србите“. 

Што се случи? Путин ги оправда своите претензии кон Крим и источна  Украина со примерот дека Западот го одвоил Косово од српската држава и го призна според меѓународното право. Да бидам попрецизен: вие го одвоивте Косово од Србија, истото го правиме и ние со Крим и источна Украина. Или во превод: Косово ќе биде исто така независно, како и областите на Украина на кои Русија полага право.

Показатели за новото позиционирање на Србија

По неодамнешната посета кај  Александар Вучиќ,  претседателот на Србија кој одлучува за се, американски сенатори објавија дека тој има намера да ја промени политиката на својата земја во рок од два месеци. Вучиќ пак најави суштинско обраќање до народот, но потоа го одложи за една недела, односно за петок, 6 мај. 

Потребно е дополнително време за проценка на ситуацијата во Србија, гласи официјалното објаснување.

Во последните недели притисокот врз Белград е зголемен. Вашингтон и Брисел постојано повторуваат дека Србија, доколку сака да ѝ припаѓа на ЕУ, мора да ја следи надворешнополитичката линија на Унијата. Европскиот парламент неодамна упати жестоки критики за кинеското оружје за Србија: тој ракетен систем земја-воздух воопшто не му треба на Белград, бидејќи географски е опкружен само со земјите од НАТО и ЕУ. Или можеби има некои сосема различни планови, се прашуваа тие. 

Конечно се огласи и министерот за внатрешни работи Александар Вулин, кој се прослави како портпарол на претседателот Вучиќ. Тој повика Србија да престане со секое натамошно приближување кон ЕУ и да стане политички неутрална. Оваа самоуверена неутралност, која е обратнопропорционална со економската моќ на земјата, потсетува на југословенската историја со фокус на инаку не секогаш популарниот основач на комунистичката држава, Јосип Броз Тито, и неговото Движење на неврзаните.

Belgrad Ukraine-Konflikt - Putin T-shirt

Таблоидите досега даваа јасна слика: Русија и Кина се пријатели, злото демне од Западот

Вучиќ сака да спречи заслабнување на својата доминантна позиција

Очигледно е дека шефот на државата Вучиќ е под голем притисок. Тој смета дека неговата неприкосновена позиција очигледно е загрозена со можните општествени преврати во државата. Необично е да речеме и тоа што неодамна јавно го сопре предлогот на својот министер за финансии Синиша Мали, кој и покрај повеќедневните демонстрации имаше намера да ги принуди продавачите на зелените пазари да се фискализираат. 

Населението на Србија мора да се носи со огромното зголемување на цените на храната и горивата. Вучиќ истовремено со еднократна помош од државата ги придоби пред сѐ пензионерите кои очекуваат тој да им го осигура нивниот инаку многу скромен животен стандард. 

Кон крајот на минатата недела познатиот белградски весник „Новости”, секогаш прв кога е потребно да се брани Вучиќ од нападите од Западот и неговите наводни подли намери, објави важен текст во кој се наведува дека притисокот од Западот „сериозно ја загрозува српската економија”. Според тоа хорор сценарио, Брисел наводно би можел да прекине со пружање финансиска помош што би значело крај за идните, но и досегашните инвестиции. А, може да се случи и нешто многу полошо, проценува весникот: крајот на безвизното патување во ЕУ кое беше овозможено во 2009, како и прекин на големата претпристапна помош од ИПА фондовите и укинување на статусот на кандидат за пристапување кон Унијата.

Karte ehemalige Jugoslawien DE

Карта на поранешна Југославија

Теорија на завери

„Новости" таквото сценарио го класифицира како дел од голема теорија на завера: Западот заедно со комшиите од Сараево, Подгорица и Загреб, дејствува против претседателот на Србија, Вучиќ. И не само тоа, туку притисокот врз Србија е продолжение на уништувањето „секаков облик на државност” од Југославија преку Србија и Црна Гора до бимбардирањето на НАТО, за „да можеа дел од нашата територија да им подарат на Албанците”. Со тоа се мисли на интервенцијата на НАТО во Косовската војна од 1999 година. Во 2008 година Косово с еотцепи од Србија, а мнозинство членки на ОН го признаа за независна држава.

Фактите притоа се јасни: Србија е потполно зависна од Западот. Европската унија досега даде четири милијарди евра развојна помош. Според податоците од Белград, со ЕУ се поврзани 24 илјади српски компании во кои се вработени околу 900 илјади лица. Две третини од извозот на српските компании се одвива во земји на ЕУ. Вучиќ не би смеел да ризикува да ги прекине тие цврсти врски, бидејќи така би се довел во опасност, проценуваат критички настроени аналитичари од Србија. Затоа ќе ѝ го сврти грбот на Русија и ќе се ориентира кон Западот појасно од било кога.