Војната во Газа: Самоодбрана или воено злосторство? | Свет | DW | 25.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Војната во Газа: Самоодбрана или воено злосторство?

Колку далеку може Израел да оди во својата офанзива против Хамас во Појасот Газа? Експертите за меѓународно право се поделени околу тоа каде завршува правото на самоодбрана и почнува непропорционалната употреба на сила.

Војната во Газа не е само за остварување воени и политички цели. Од аспект на растечкиот број на жртви, се поставуваат прашања за непропорционалност и меѓународно право. Кога и до која мерка може Израел да се брани од ракетите лансирани од Хамас? Дали бомбардирањето на Газа е нарушување на човековите права?

Комесарот за човекови права на ОН, смета дека е тоа случај. Во средата, ова тело остро ја критикуваше израелската воена офанзива во Газа и побара истрага за сторени воени злосторства против Израел. Но израелскиот амбасадор во ОН, Евиатар Манор ги отфрла ваквите обвинувања. Секоја држава има право да се брани, вели тој, а Израел прави сѐ за да се избегнат цивилни жртви. Дипломатот го обвинува Хамас за воени злосторства.

Gaza Ruine 22.7.2014

Урнатини во Газа

Правото на Израел на самоодбрана

Експертите не се согласни околу легалноста на војната во која досега беа убиени повеќе од 700 Палестинци и 34 Израелци. Според Ханс-Јоахим Хајнце, експерт за меѓународно право од Универзитетот Рур во Бохум, Израел има право да одговори на ракетните напади на Хамас. „Неспорно е дека Израел смее воено да се брани од такви напади“, вели Хајнце. Според членот 51 од Повелбата на ОН, на државите не им е потребна дозвола да употребат сила доколку тоа се прави во самоодбрана. Но, Израел требаше да го консултира Советот за безбедност на ОН пред да започне со нападите, смета експертот.

Војна против цивили

Според Норман Паех, професор по право и поранешен пратеник на Левицата во Бундестагот, Израел го прекршува меѓународното хуманитарно право. „Оваа војна е многу очигледно војна против цивилното населени во Газа“, вели Паех. „Во регион како Појасот Газа, кој е толку густо населен, ваквиот тип војна каква што практикува Израел е забранета“, вели тој. Паех не негира дека Израел има право да се брани, а во тој контекст и системот за против-воздушна одбрана се покажал ефикасен за заштита на Израелците. „Израелската влада може да изведе целни акции против лансирните места“, смета Паех, и додава дека нападите врз цивилите се целосно диспропорционални.

Raketenangriffe von Gaza auf Sderot 10.7.2014

Израелските градови се цел на ракетни напади на Хамас

Истовремено, тешко е да се суди дали и стратегијата на Хамас е компатибилна со меѓународното право. Исламистичката група најчесто оперира од станбени комплекси. Според израелскиот амбасадор Манор, Хамас лансира ракети од палестински училишта, болници и станбени згради. Доколку Израел ги нападне ракетните фрлачи на овие локации, цивилните жртви се неизбежни.

Одговорност

Прашање е дали било која од страните во конфликтот некогаш ќе мора да ги објасни своите постапки пред меѓународен трибунал. Според Хајнце, и Израел и Хамас треба да одговараат за воени злосторства, но јурисдикцијата во прв ред е кај националните судови.

Меѓународните трибунали немаат никаква одговорност, затоа што ни Израел, ниту Хамас не ги признаваат. Според Паех, Советот за безбедност на ОН може да иницира постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против држави кои не го потпишале договорот. Според Хајнце, постои и друг начин, а тоа е истрага во некоја трета земја, кога осомничените се на нејзина територија. Теоретски тоа би можело да се случи, но практично е многу малку веројатно.

Реклама