Востание против француските елити | Свет | DW | 04.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Востание против француските елити

Претставниците на „жолтите елеци“ ги откажаа разговорите со француската влада. Јазот меѓу владата и граѓаните се продлабочува, иако владата денеска се откажа од зголемувањето на даноците.

Сѐ уште под импресии од саботните драматични настани, префектот претпазливо бираше зборови пред јавноста. „Имаше волја од демонстрантите да убиваат луѓе“, рече Ив Русет кој ја претставува француската држава во регионот От-Лоар.

Изминатиот викенд, бесни „жолти елеци“ ја запалија неговата канцеларија, во зградата на префектурата во малото гратче Ле Пуј-ан-Велај. Демонстрантите фрлаа тули, камења и молотови коктели во зградата. Граѓаните беа шокирани од насилството во градот кој се смета за срце на католичка Франција. Вообичаено, политичките бранови од главниот град не се толку забележливи од толку далеку, повеќе од 500 километри јужно од Париз.

Следни се училиштата?

Нештата се поинакви деновиве. Некоординираниот бран протести се рашири низ земјата и тоа брзо. Од Брест до Стразбур, од Лил до Марсеј, демонстрантите блокираа патарини, патишта и магацини за гориво и организираа протестни маршеви облечени во жолти елеци. Движењето може да продолжи да се шири. Во понеделникот, демонстрантите во жолти елеци блокираа околу 100 училишта низ земјата во знак на протест против владината образовна политика.

Frankreich Macron nach den Ausschreitungen der Gelbwesten (Reuters/T. Camus)

Бесот на демонстрантите е насочен кон претседателот Макрон и министерот за внатрешни Кастањер (втор од десно)

Француските медиуми оценуваат дека владата се соочува со трка со времето. Премиерот Едуар Филип и неговите министри се соочуваат со тешка задача: мора да делуваат остро, но истовремено и да покажат волја за дијалог. Интензитетот на протестите во главниот град и други градови беше толку голем што туристите зборуваат за состојба која наликува на граѓанска војна. Тоа е декларација за политичкиот банкрот за министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, кој е на функцијата само еден и пол месец. Според сите околности, тој и неговата преоптоварена полиција мора да најдат начин да спречат трета недела на хаос.

Бесни на естаблишментот

Емилијано Гросман, политички научник на парискиот По универзитет, верува дека владата мора директно да разговара со демонстрантите, кои се успешни од делумно контрадикторни причини. Од една страна, постои стариот контраст помеѓу париските „Бобос“- богатата левица која е насочена кон заштита на животната средина - и конзервативните граѓани кои живеат во предградијата и кои се чувствуваат напуштени од владата, вели тој. Од друга страна, многу луѓе беа лути поради тоа што брзо откако ја презеде функцијата Макрон го укина данокот за богатите.

„Сега се зголемува еколошкиот данок, данок кој сите ќе мораат да го плаќаат“, вели Гросман, додавајќи дека ни левичарите ниту десничарите не се чувствуваат претставени од парискиот естаблишмент.
Практично, Макрон е таму каде што го започна своето претседателство, кога 24 проценти од гласачите го поддржаа во првиот круг на изборите. Една и пол година подоцна, неговата популарност не е многу зголемена.

Frankreich Nach den Ausschreitungen der Gelbwesten (Getty Images/AFP/G. Van der Hassel)

Протестите досега предизвикаа огромна материјална штета во Париз и други градови

Немири на улиците

Домашната состојба е комплицирана од фактот дека пропаднаа напорите за политичка медијација. Синдикатите и политичките партии кои доминираа на политичката сцена се во длабока криза. Една и пол година по катастрофалниот пораз на претседателските и парламентарните избори, Социјалистите и конзервативните Републиканци сѐ уште не можат да се опорават.

Ни на партијата на претседателот не ѝ оди најдобро. За време на викендот, Републиката Напред избра нов претседавач, министерот за внатрешни работи Кастањер. 52-годишникот е близок до Макрон, но е непознат во јавноста. Движењето нема профил, вели Хенрик Утерведе од француско-германскиот Инстутот во Лудвигсбург.

„Движењето не успеа да се структуира на начин кој ќе му овозможи да го поддржува Макрон како пријателски, но и критичен партнер и да ги апсорбира грижите на луѓето“. Уличните протести за многу луѓе се чинат како единствен начин да се коригира претседателот кој по секоја цена инсистира на својот реформски курс, но наместо тоа мора да прави концесии.

Барањата од улицата во најголем дел се некоординирани. Движењето започна како протест против повисоките цени на дизелот и бензинот, но оттогаш барањата се проширија и на оставка на Макрон, нови избори и зголемена куповна моќ.

„Едно од барањата на кое ќе се навратат веројатно е покачување на минималната плата, што веројатно нема многу смисла од макроекономска гледна точка“, вели Гросман.
 

DW.COM

Реклама