Вооружен масакр во Чешка | Свет | DW | 10.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вооружен масакр во Чешка

Во напад со огнено оружје во болница во источна Чешка смртно застрелани се повеќе луѓе. Осомничениот напаѓач подоцна во текот на бегството си го одзел животот. Причините за нападот сѐ уште не се познати.

Чешката полиција го пронајде автомобилот на осомничениот кој утрово во болницата во Острава пукајќи од пиштол уби 6 луѓе, а двајца тешко рани. Напаѓачот по повеќечасовна потера, кога го пронашла полицијата, се обидел да изврши самоубиство и за време на превозот до болница починал, соопшти министерот за внатрешни работи Јан Хамачек. „Напаѓачот е мртов. Изврши самоубиство“, јави претходно порталот Seznam.cz повикувајќи се на извор од полициската истрага, додека полицијата објави на Твитер дека го пронашла возилото и го утврдува идентитетот на мажот во него, кој за време на интервенцијата си пукал во главата.

Кој е напаѓачот?

Напаѓачот утрово околу 7 часот и 19 минути влегол во чекалната на трауматолошката амбуланта во болницата во Острава и почнал да пука во луѓето кои се нашле таму и потоа побегнал, а полицијата која трагала по него објавила негова фотографија и ги замолила граѓаните за помош. Полицијата ја евакуирала болницата како и соседното Високо рударско-техничко училиште во универзитетот во Острава. „Ова е огромна трагедија. Нешто незамисливо во Чешка. Во историјата би нашле малку такви примери“, изјави министерот за здравство Адам Војтех.

Karte Tschechien Ostrava EN

Според сознанијата на „Радио журнал“, напаѓачот е 42-годишен градежен техничар од Острава кој, како што изјави за радиото неговиот шеф Алеш Зигула, кој го познал на фотографиите од полицијата, умислил дека никој не сака да го лечи иако е тешко болен, а последните 14 дена бил на боледување.

Сите жртви биле пациенти

Во чекалната на трауматолошката амбуланта во Факултетската болница во Острава, напаѓачот влегол по 7 часот наутро, извадил пиштол и, како што соопшти чешкиот премиер Андреј Бабиш, почнал да пука во луѓето во чекалната одблизу во главите и вратовите, а потоа побегнал.

„Сите жртви се пациенти. Станува збор за четворица мажи и две жени“, изјави директорот на болницата Јиржи Хавлант. Петмина пациенти од чекалната се убиени на лице место, а еден им подлегнал на повредите за време на операцијата, додека во тек се операциите на уште двајца тешко повредени, соопшти директорот Хавлант.Полицијата се' уште не знае кои се мотивите напаѓачот да пука во чекалната на болницата, но многу брзо по трагедијата е соопштено дека судејќи по се' не се работи за терористички напад.

Премиерот Андреј Бабиш ја откажа посетата на Естонија и се упати во Острава, а министерот за здравство Адам Војтех ја запре посетата на Саудиска Арабија и ќе се врати во Чешка. Полицијата презема засилени мерки да обезбеди одбранбени т.н. меки цели ширум Чешка особено поради претстојниот Божиќ, кога повеќе луѓе се собираат на традиционалните божиќни пазари во сите поголеми градови во земјата. Засилено е и полициско обезбедување со патроли со пушки и автомати околу болниците во Прага. Денешната пукотница во болницата во Острава на истокот на земјата е втора најголема трагедија од ваков вид во Чешка, по пукањето во ресторанот во Угерски Брод во 2015 година кога еден Чех уби 8 луѓе и на крајот изврши самоубиство.

 

Реклама