Вонредната состојба во Турција продолжена, на улиците - протести | Свет | DW | 18.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вонредната состојба во Турција продолжена, на улиците - протести

По спорната победа на турскиот претседател Ердоган на референдумот за уставни промени во Турција, во земјата е продолжена вонредната состојба. Согласност за тримесечното продолжување формално треба да даде и парламентот.

Türkei Referendum - Proteste (picture alliance/AP Photo/E. Gurel)

Протести во Истанбул против исходот од референдумот

Вонредната состојба во Турција беше воведена по обидот за пуч во јули минатата година. По седницата на турскиот Национален совет за безбедност вчеравечер во Анкара, државната агенција Анадолу објави дека Советот образложил оти вонредната состојба ѝ служи на „заштитата на нашата демократија, правната држава, како и правата и слободите на граѓаните“.

Формално за продолжувањето на вонредната состојба уште за три месеци согласност треба да даде и парламентот, кој денеска треба да одржи седница. Согласноста важи за сигурна со оглед на тоа што партијата на Ердоган, АКП, има апсолутно мнозинство.

Вонредната состојба му дава можност на Ердоган да владее со декрети, кои може да стапат во сила и без согласност од парламентот. Во услови на вонредна состојба во Турција беше спроведен бран апсења и отпуштања од работа, меѓу останатите и на судии и универзитетски професори.

Пратеникот на опозиционата партија ЦХП, Бариш Јаркадаш, ја обвини владата дека „не може да владее со земјата без вонредна состојба“. „Вие станавте влада зависна од вонредната состојба“, рече тој.

Türkei Regierung weist Wahlbeobachterkritik zurück (picture alliance/AA/Ali Ozcan)

Ердоган ги отфрла сите критики

„Сите дебати се завршени“

Опозицијата се жали дека поради вонредната состојба имало ограничувања на кампањата пред референдумот, како оние во делот на слободата на собирање.И ОБСЕ и Советот на Европа критикуваа дека во услови на вонредна состојба, меѓу другото, биле ограничени основните слободи „кои се од суштинско значење за демократските процеси“.

Турскиот претседател Ердоган ги отфрла критиките на турската опозиција и на ОБСЕ за текот на референдумот. Сите дебати сега се завршени, изјави тој во Анкара.

На референдумот во неделата, според официјални податоци, 51,4% од избирачите гласале за уставни промени кои треба да овозможат воведување на претседателски систем во Турција. Агенцијата Анадолу објави дека американскиот претседател Доналд Трамп му се јавил на Ердоган телефонски за да му честита на победата на референдумот.

Опозицијата, која се жали на неправилности, бара анулирање на резултатите од референдумот. Вчеравечер во Истанбул илјадници луѓе излегоа на протести против Ердоган. Тие, меѓу другото, скандираа „крадец, убиец, Ердоган“ и во знак на протест удираа во тенџериња.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама