Воен удар во Судан | Свет | DW | 11.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Воен удар во Судан

По повеќемесечни протести дојде до промена на власта во Судан. Армијата го смени претседателот Омар Ал-Башир од функцијата и го уапси. Истовремено воените сили ја презедоа власта во земјата, првично на две години.

Изненадувачкиот пресврт во Судан беше објавен од страна на министерот за одбрана Авад Ибн Ауф во со нетрпение очекуваното телевизиско обраќање. Според него, војската го уапсила Омар ал-Башир, кој беше шеф на државата 30 години, и го однесла на безбедно место. Воен совет потоа ја презел власта во земјата. Министерот најави дека претстои двегодишна преодна фаза во државата под раководство на вооружените сили, по што ќе се одржат избори. Тој, исто така, најави вонредна состојба во земјата во траење од три месеци. Уставот од 2005 година е суспендиран, изјави Ибн Ауф.

„Луѓето во Судан толку многу страдаа под режимот", рече Ибн Ауф, кој исто така ја извршува функцијата потпретседател на земјата. Режимот секогаш лажел и давал лажни ветувања, додаде тој. Границите и воздушниот простор на источноафриканската земја остануваат затворени до моментот додека не биде објавено поинаку. За целата земја, вклучувајќи го и кризниот регион Дарфур, веднаш во сила стапува примирје, соопшти министерот.

Суданската војска изутрината преку државната телевизија најави дека наскоро ќе објави „важно соопштение“, а десетици илјади граѓани се упатија кон центарот на главниот град Картум, пеејќи и танцувајќи, на повик на организаторите на протестот.

Таквиот развој на случувањата го поттикна шпекулацијата дека војската планира да постави свој човек на местото на Омар ал- Башир. 

Организаторите на масовните протести ја отфрлаат таа можност која ја гледаат како начин војската да ја задржи моќта која ја имаше за време на владеењето на претседателот Башир.

Тие ги повикаа демонстрантите да истраат во мирни протести пред седиштето на војската во Картум, со барање да биде формирана цивилна преодна влада.

Протестите во Судан започнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Башир. Нова сила добија минатата недела по оставката на алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика. Кога дојде до зголемување на бројот на учесници во протестите, владата одговори со репресија. Безбедносните сили од саботата повеќепати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилството загинаа најмалку 22 лица.

DW.COM

Реклама