Воените злосторници како угледни граѓани | Свет | DW | 20.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Воените злосторници како угледни граѓани

Хашки осуденици ќе бидат предавачи на Воената академија во Белград. Веста, која ја потврди српскиот министер за одбрана, ги шокираше борците за човекови права во земјата. Што ќе им пренесат злосторниците на студентите?

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин го потврди пишувањето на медиумите дека на Воената академија ќе бидат вработени и „старешини од војните кои се зад нас“. Тоа, според него, ќе биде „исправање на неправдата која им била нанесена изминатите години“. Веста дека обвинетите за воени злосторства ќе бидат предавачи на Воената академија одби да ја коментира премиерката Ана Брнбабиќ, изјавувајќи дека „таа не се занимава со тоа“.

Како предавачи се најавуваат генералот Владимир Лазаревиќ, кој во Хаг е осуден за командна одговорност за воени злосторства, Божидар Делиќ - пензиониран генерал и член на Српската радикална партија (СРС), како и актуелниот началник на генералштабот на Војската на Србија, генералот Љубиша Диковиќ. Фондот за хуманитарно право (ФХП) го обвини генералот Диковиќ дека бил на чело на бригада која вршила воени злосторства во Косово, како и за прикривање на масовни гробници. Диковиќ во 2013 го тужеше ФХП за повреда на честа и угледот и судот пресуди во негова полза.

Haager Tribunal Berufung zu Kriegsverbrechen in Kosovo 23.01.2014 (picture alliance/AP Photo)

Генералот Владимир Лазаревиќ (лево) во Хашкиот трибунал

Срамот на српската војска и на Србија

Доколку воопшто постоеше сомнеж дека постојат две лица на српската власт и дека е на дело шизофрена политика - ред Европа, ред национализам - тогаш веста за идните предавачи на Воената академија ги разби сите сомнежи. Од една страна имаме нашминкани радикали со усти полни Европа чие олицетворение е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а од друга, цел фронт на „напредњаци“ чија реторика и однесување се зацементирани во воените 1990-ти години. Доколку нешто мора да и се призна на таа двојна игра, тогаш тоа е фактот дека таа дава резултати. Европа го слуша она што сака да го слушне, а домашните гласачи и натаму веруваат дека тоа се истите стари патриотски радикали кои сега само зборуваат во шифри, бидејќи „така мораат поради Европа“.

Веста за новите предавачи на Воената академија, според Анита Митиќ, директорка на Иницијативата на младите за човекови права, е скандалозна. „Не знам што тие воопшто можат да им пренесат на идните офицери? Единствено како да завршат во Хашкиот суд. Бидејќи, тоа што тие го сторија е забрането со сите конвенции за војување. Така да нивниот 'придонес' може да биде само срамот кои и го нанесоа на српската војска и држава“.

Sonja Biserko (DW/U. Sabljakovic)

Соња Бисерко

Србија како жртва

Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија вели дека именувањето се поклопува со политиката на власта во Србија. „Мислам дека е погрешка порака луѓето кои се осудени во Хаг да се третираат како граѓани кои имаат посебен статус во општеството. Но, тоа се вклопува во политиката на актуелната власт која негира било какво учество на Србија во војната, и според која, Србија била жртва во таа војна. А тој наратив веќе толку заживеа што ќе биде многу тешко да се демонтира, за да се зборува за она што навистина се случуваше во 1990-те години“, вели Бисерко.

И Анита Митиќ забележува дека воените злосторници на голема врата се враќаат на јавната сцена. „Не само што се појавија во општеството, туку се појавија и на јавната сцена, учествуваат на собири на владејачката партија и на одредени министри. Доколку трендот продолжи се плашам дека осудените за воени злосторства ќе бидат третирани како херои во општеството“.

Србија е земја која го признава Хашкиот трибунал и оттука е загрижувачка пораката која се испраќа со односот кон луѓето кои се осудени пред тој суд. За Соња Бисерко нема дилема дека „Србија никогаш суштински не го признала Хашкиот трибунал. Тој отсекогаш се водел како антисрпски суд, а кампањата за негова дискредитација беше постојана“.

 

Реклама