Воениот злосторник Праљак почина откако испи отров во Хаг | Свет | DW | 29.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Воениот злосторник Праљак почина откако испи отров во Хаг

Генералот на војската на Херцег Босна почина откако испи отров во судницата за време на читањето на пресудата. Судот претходно му ја потврди затворската казна од 20 години за воени злосторства во војната во БиХ.

„Слободан Праљак не е воен злосторник, ја отфрлам пресудата“. Тоа беа последните зборови на хрватскиот генерал откако судиите на Хашкиот трибунал му ја потврдија казната од 20 години затвор за воени злосторства сторени за време на војната во Босна и Херцеговина. Потоа босанскиот Хрват Праљак испи непозната течност од темно шишенце, а неговиот адвокат го информираше судот дека се работи за отров. Неколку часови се шпекулираше со судбината на Праљак, а Судот во меѓувреме продолжи со работа во второстепената постапка за шестмината обвинети политички и воени лидери на Херцег Босна. Во меѓувреме е потврдено дека Праљак починал како последица на земениот отров.

Повеќе на темата: 

Крај на најдолгото судење во Хаг

Инцидент во Хаг: Воениот злосторник Праљак испи отров во судот

Холандската полиција ја прогласи судницата за место на злосторство и најави истрага.

Инаку, 72-годишниот Праљак беше писател и филмски и театарски режисер кој за време на војната во БиХ стана генерал на армијата на босанските Хрвати. Судот го прогласи за еден од наредбодавачите за уривањето на познатиот историски Стар мост во Мостар, еден од симболите на градот. 

Niederlande Slobodan Praljak trinkt Gift im Gerichtssaal in Den Haag (Reuters/ICTY)

Моментот кога Слободан Праљак го испи отровот

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ ја прекина посетата на Исланд, а хрватската влада одржува вонредна седница по инцидентот со Праљак. Хрватски претставници го критикуваа Судот во Хаг поради тоа што одлучи да ја потврди пресудата според која, поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман бил дел од злосторничкиот потфат кој имал за цел поделба на БиХ и формирање на етнички чиста хрватска држава на нејзина територија.

Хашкиот трибунал денеска им ги потврди пресудите на сите шестмина босански Хрвати кои во прва инстанца беа осудени за воени злосторства и добија долгогодишни затворски казни.

 

DW.COM

Реклама