Воениот дневник на Химлер ги бранува духовите | Панорама | DW | 03.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Воениот дневник на Химлер ги бранува духовите

Дневникот на еден од најзлогласните нацистички лидери, Хајнрих Химлер ќе биде објавен следната година од Институт со седиште во Москва. Дневникот ја открива дневната рутина на водачот на СС пред и за време на војната

Официјалниот дневник на шефот на СС, Хајнрих Химлер ќе биде објавен најави Германскиот Историски Институт (ДХИ) со седиште во Москва. Дневникот го покрива периодот од 1937-38 година и 1944-45, а беше откриен во 2013 година во архивата на Руското министерство за одбрана во Подолск, во близина на Москва. Дневникот бил отчукуван на машина од повеќемина аѓутанти и во детали ги опишува секојдневните активности на Химлер, и со него се комплетира досието за Химлер откако во 1999 година беше објавен и неговиот дневник за периодот 1941-42. Документите покажуваат згуснат распоред на постојани средби со бирократи, генерали, странски лидери како Бенито Мусолини, и посети на концентрациони логори, меѓу кои и Аушвиц, Собибор и Бухенвалд.
Химлер се смета за заменик на Адолф Хитлер, и на почетокот ја вршел функцијата шеф на нацистичките парамилитарни сили (СА) пред партијата да дојде на власт во 1933.

Warschauer Ghetto 1943

Варшавското гето во 1943 година.


Пред крајот на Третиот Рајх 12 години подоцна (и неговото самоубиство во британско заточеништво на 23 мај, 1945) Химлер акумулирал толку многу функции: Рајхсфирер на СС, шеф на германската полиција, министер за внатрешни работи, командант на резервната армија- што неговата моќ ја надминувала само онаа на Хитлер.

Уникатно откритие

Збирот на улоги укажуваат дека Химлер ја контролирал мрежата на концентрациони логори, како и нацистичката домашна тајна служба. „Ова ни овозможува да ја реконструираме активноста на Химлер во вториот дел од војната“, вели Матијас Ул, историчар кој раководи со проектот за објавување на дневникот. Улогата на Химлер во Холокаустот станува појасна, благодарение на деталниот опис на неговите посети на концентрационите логори и активната улога во раководењето со масовните убиства.
Едно од најважните откритија може да се најде на 4 октомври 1943 кога Химлер одржал говор пред лидерите на СС во хотелот „Остланд“ во Плзен во окупирана Полска.

Polen Sobibor Konzentrationslager Gaskammern entdeckt

Логорот Собибор во Полска

Тоа е еден од ретките документи во кои нацистички лидер отворено говори за Холокаустот. „Меѓу нас за тоа треба да се говори отворено, но никогаш нема за тоа да зборуваме во јавноста- мислам на еврејската евакуација, на уништувањето на еврејскиот народ“, вели Химлер во тричасовниот говор.
Ул потврдува дека нема никаков сомнеж оти документот е оригинален, не само поради содржината, туку и затоа што точно одговара на други познати документи од тој период. „Не можете да фалсификувате вакво нешто“, вели историчарот.

Документот бил пронајден во руската архива каде бил одбележан на руски јазик едноставно како „Дневник“, и тоа е веројатно причината што сѐ досега не бил пронајден. Но Ул вели дека нема начин да се дознае како дневникот паднал во рацете на Црвената Армија. Документот на 1.000 страници ќе биде објавен во две поглавја на крајот на 2017, иако германскиот таблоид Билд веќе објави неколку поинтересни детаљи.
Архивата во Подолск содржи околу 2,5 милиони страници документи запленети за време на војната од Црвената Армија. Тие во моментов се дигитализираат и ќе бидат објавени од заедничката руско-германска институција.

Реклама