1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Внатрешноста на Русија шанса за Македонија

7 октомври 2011

Договорите за стопанска соработка меѓу Македонија и Русија со години се врзани со затворањето на клириншкиот долг на некогашната СССР. Рускиот пазар е голем и отворен за македонски фирми и производи. Како до него?

https://p.dw.com/p/12nvB
Фотографија: Nikos Pilos

Русија е меѓу првите десет трговски партнери на Македонија. Во шестте месеци од оваа година размената меѓу Македонија и Руската федерација достигна 374,3 милиони долари, што е за 39 отсто повеќе отколку истиот период лани. Трговскиот дефицит на Македонија и натаму е голем. Македонскиот извоз кон Русија не покрива ниту пет проценти од увозот.

Два дена Македонско-руска меѓувладина комисија во Охрид ги разгледуваше модалитетите за унапредување на економските односи меѓу двете земји. Македонската делегација ја предводеше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, а рускиот владин тим го претставуваше Максим Травников, заменик министер за регионален развој на Русија.

Бавно, ама сигурно се затвора клириншкиот долг кон Македонија

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

„Забележлив е позитивен прогрес во затворањето на клириншкиот долг на Русија кон Македонија, кој изнесува шеесет милиони долари. Тоа се прави преку гасификацијата на Македонија, каде работите се водат на експертско ниво и се усогласуваат одредени технички детали околу реализацијата на проектот. Во фаза на усогласување е меѓувалдиниот текст за вклучување на Македонија во проектот ’Јужен поток’ како еден стратешки приоритет за обезбедување стабилност со гас и воопшто енергетскиот сектор во Македонија“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески.

Руски фирми веќе учествуваат во модернизацијата на македонските хидро и термо капацитети и во рударството.

Русија сака македонско овошје и зеленчук, вино и текстил

Целокупното производство на праските од Росоман годинава замина за Русија, слично е и со зеленчукот од регионот на Струмица. За македонското вино е веќе отворен пазарот во Русија, а таму се присутни и фармацевтските компании.

„Московскиот пазар е презаситен и има голема конкуренција, а во внатрешноста на Русија има недостаток од добри производи по пристапни цени, таму е шансата за македонските производи“, рече заменик министерот за регионален развој на Русија, Максим Травников.

Македонска фирма ќе гради Дистрибутивен центар во Русија

Бизнисмените полека го пронаоѓаат патот до рускиот пазар. Фирмата СИ-ПО од Охрид работи на проект за изградба на Дистрибутивен центар во Русија: „Самарската област е една од посилните економски зони во Руската федерација и таму инвестираме. До нашата фабрика СИ-ПО купивме околу 20.000 метри квадратни земјиште, кое е во непосредна близина на аеродром и автопат и на средина од двата најголеми града во областа, Самара и Тољати. Идејата е да формираме голем Дистрибутивно-административно деловен центар за македонски производи, кои оттука руските партнери би ги купувале и пласирале на тамошниот голем пазар. Во мигов водиме преговори со редица македонски производители од областа на прехраната, кондиторските производи, виното, текстилот... Од нивната агилност ќе зависи и стартот на проектот, но сметам дека до средината на идната година би се виделе контурите на центарот, за што постојат и реални претпоставки“, вели Богоја Блажески, сопственик на фирмата СИ-ПО од Охрид.

Bohgoja Blazeski
Богоја Блажески, сопственик на фирмата СИ-ПОФотографија: DW

Оваа фирма со години е присутна во Русија. Фабриката за сигурносни појаси на семејството Блажески во Русија прави годишен обрт преку два и пол милиони евра. Инвестицијата за Дистрибутивниот центар нема да биде поголема од два милиони евра, а годишната заработка би се броела во десеттици милиони евра. 

Шансите за влез на македонските стоки на рускиот пазар се зголемуваат

„Дека се работи за сериозен проект потврда е поддршката која стигна од Стопанската комора на Македонија и Македонско-руската стопанска комора. Ова би требало да биде пилот - прокет кој би покажал дека освојувањето на рускиот пазар може да се прави на повеќе нивоа. Едно на меѓудржавно договарање на големи ресурси, а друго со присуство на македонски фирми, кое мора да биде заедничко, бидејќи не се моќни сами да ја издржат конкуренцијата на тамошниот пазар, вели Весна Блажеска, менаџер во СИ-ПО.

Symbolbild Russische Flagge mit WTO Logo
Фотографија: AP Graphics/DW

Шансите за влез на македонските стоки на рускиот пазар се зголемуваат и по најавеното приклучување на Руската федерација кон Светската трговска федерација. Русија заедно со Казахстан и Белорусија е пред формирање на царинска заедница, која ќе значи обединување на пазарите и тоа ќе биде можност плус за македонската економија. 

Дека Русија со сериозност гледа на соработката со Македонија сведочи и деновиве објавената публикација на руски, преку која на руските инвеститори им ја доближува земјата со сета нејзина убавина, култура и останати вредности.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска