ВМРО си го вакцинираше МВРО од преодни болести | Македонија | DW | 02.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО си го вакцинираше МВРО од преодни болести

Кадровските ротации во МВР еден ден пред изборот на техничка влада, се навестување дека во ист или сличен стил ќе бидат минирани условите за фер - избори, оценуваат аналитичари.

Собранието доцна синоќа, без присуство на пратениците од опозицијата, го избра професорот Оливер Андонов за нов министер за внатрешни работи

Собранието доцна синоќа, без присуство на пратениците од опозицијата, го избра професорот Оливер Андонов за нов министер за внатрешни работи

„Ова е невидено. Избирате министер на еден ден. Вака ли го почитувате договорот за фер-избори? Си играте мајтап со државата, ја доведувате во ризик безбедноста, ги потценувате граѓаните...“

Овие критики од опозициските пратеници не беа пречка Собранието доцна синоќа со 65 гласа „за“ и ниту еден против, да го избере професорот Оливер Андонов за нов министер за внатрешни работи. За време на гласањето, во салата не беа присутни пратениците од опозицијата. Андонов стапи на функција само еден ден пред денешниот избор на техничка влада, во која на чело на МВР треба да биде избран министер по предлог на СДСМ. По една ноќ помината на министерската фотелја, Андонов веќе денеска треба да поднесе оставка и да стане дополнителен заменик-министер. Министерот Митко Чавков ќе биде нов директор на Биротo за јавна безбедност (БЈБ), а на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Владимир Атанасовски, досегашен директор на Управата за финансиско разузнавање. Претходните директори на БЈБ и УБК вчера „изненадно“ си поднеле оставки на функциите.

Во ваквите ротации опозицијата препозна цементирање на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и обид да се саботира работата на идниот министер. Од владејачкото мнозинство потенцираа дека сѐ што се прави е во согласност со Уставот и дека „шокираноста на опозицијата е поради тоа што со тие две-три ротации драстично ќе се намали непотизмот на Оливер Спасовски“.

Ќе даде максимум?

На голем потсмев наиде обраќањето на премиерот Емил Димитриев, во кое тој потенцираше дека Андонов „ќе даде максимум за што попрофесионално извршување на својата функција како министер за внатрешни работи“.

„Кога Андонов ќе го даде тој максимум? Во тие неколку часа пред да поднесе оставка? Не ли ви е срам кога го зборувате ова пред целата македонска јавност“, прашаа опозициските пратеници, дополнително потсетувајќи на придонесот што Андонов веќе го дал како член на ГДОМ, поттикнувајќи поделби.

Потегот на власта наиде на бројни реакции и предупредувања дека условите за фер-избори во сличен стил ќе бидат минирани на секој чекор.

Innenministerium Mazedonien

Кадровски маневри во МВР

„Не поминаа ниту 12 часа од постигнувањето на договор за избори, а Груевски го покажа своето вистннско лице и неговото сфаќање за 'фер и демократски' избори“, реагираа од ФРОДЕМ.

„По којзнае кој пат го прекрши договореното. По денешното експресна одлука за избор на нов министер за внатрешни работи и разрешувањето на директорите за јавна безбедност и за безбедност и контраразузнавање, и назначување на партиски послушници на нивно место, тој дополнително го партизира ова министерство. Паднаа во вода заложбите за имплементација на итните реформски приоритети и препораките од Извештајот на Прибе. Со ова Груевски и фамилијата повторно удрија шлаканица на сопствените граѓани, но и на меѓународата заедница која е гарант на договореното. Стравот го стори своето. Најбитен е спасот на сопствената кожа. Сѐ останато е споредна работа“, се вели во соопштението.

Според извори од МВР, правната служба завчеравечер работела прекувремено за да ги заведе сите решенија за нови раководители назначени од министерот Чавков. Од Андонов се очекува да ги потпише и последните, со кои ќе се заокружи цементирањето на владејачката контрола во ресорот. Јавноста прашува каква порака праќа власта со ваквите постапки.

„Заднината на театарот кој го гледаме овие 24 часа со кадровските маневри во МВР е двојна“, смета аналитичарот Петар Арсовски.

„Првата порака на Груевски е и кон неговите и кон меѓународната заедница, дека тој се уште маневрира и дека неговиот политички простор не е целосно диктиран од рамките на постигнатиот договор. Тоа за неговите поддржувачи можеби дава некаков привид на сила, моќ, дека 'сѐ уште ги држи конците', а за меѓународната заедница е порака дека и овој, како и сите претходни договори, тој го толкува во духот 'сѐ што експлицитно не е забрането и за кое не сме се договориле, е дозволено и фер'. Со тоа евентуално се надева да остане фактор во кроењето на политичката разрешница во овој меѓупериод. Втората заднина е посуштинска, минуциозна и подијаболична: со овој маневар, тој го обезбедува местото во Бирото за јавна безбедност, надвор од опсегот на договорените кадровски промени во преодната влада, и го позиционира својот човек од доверба таму каде најмногу ќе може да влијае на експедитивноста на процесуирањето на евентуалните нови предмети на СЈО“, смета Арсовски.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien

СДСМ со исти луѓе во преодната влада

Истата петорка во техничката влада

Според аналитичарите ова е лоша увертира пред денешното гласање на техничката влада што треба да ги организира и спроведе изборите на 11 декември. Во нејзиниот состав ќе влезат исти имиња на предлог од СДСМ. На вечерашната седница, Централниот одбор на партијата едногласно ги прифатил предлозите на раководството и на Извршниот одбор, кандидат за министер за внатрешни работи да биде Оливер Спасовски, за труд и социјална политика Фросина Ременски, Кире Наумов - дополнителен заменик-министер за финансии, Александар Кирацовски - дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски - дополнителен заменик-министер за земјоделство.

„Централниот одбор ја прифати одлуката на Извршниот одбор за одржување тематски конгрес на партијата при крајот на овој месец, за отворање простор за широк фронт против режимот на Груевски и утврдување на приоритетите на идната демократска власт во Македонија, за професионални и демократски институции што ќе работат во интерес на граѓаните, правично општество, економска и социјална стабилност на граѓаните и државата, независно судство, објективни медиуми“, соопшти СДСМ.

На седницата, едногласно било одлучено нов член на ЦО на СДСМ да биде Мухамед Зекири. Тој еден ден претходно преку неговиот Фејсбук-профил соопшти дека по 18 години работа во новинарството одлучил да се збогува од професијата.

DW.COM

Реклама