ВМРО-ДПМНЕ условува, Пендаровски нуди компромис за пописот | Северна Македонија | DW | 02.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ВМРО-ДПМНЕ условува, Пендаровски нуди компромис за пописот

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утре стартува со иницијативата за собирање потписи за поништување на Законот за попис

Одложување на пописот, или тој да се спроведе по електронски пат, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која од утре започнува со собирање потписи за поништување на Законот за попис, кој по 19 години треба да се одржи во април. Додека Владата смета дека статистичката операција ќе помогне да се намали трендот на иселување на популацијата во странство, опозицијата предлага ако пописот веќе мора да се спроведе пролетва, тој да биде по електронски пат, со споредување на базите на податоци на повеќе институции. 

Шефот на државата Стево Пендаровски вечерва порача дека и тој би поддржал одложување на пописот „за некој месец“ доколку тоа доведе до смирување на страстите и политичко помирување меѓу власта и опозицијата. 
„Проблем ли е да се одложи пописот, да не се повикува на бојкот, нека биде мај или јуни, но да си подадеме рака“, изјави Пендаровски во интервју за емисијата „Отворено“ на ТВ24. 
Според него, небулозно е тврдењето дека можат да се штелуваат процентите на етничката застапеност на пописот.

Иницијатива за собирање потписи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека иницијатива за собирање потписи ќе започне во подрачните единици на Државната изборна комисија. Откако ќе се соберат 100 потписи, се доставуваат до спикерот во Собранието, а потоа иницијативата се препраќа во матични комисии. Откако ќе се констатира комплетноста на првите 100 потписи, тогаш се известува претседателот на Собранието. По ова течат натамошните постапки за собирање потписи за поништување на Законот за попис. Формалното собирање потписи би можело да се очекува на почетокот на следниот месец.
Партијата, не отстапува од ставот дека не треба да има попис со теренски посети во услови на Ковид-19. Како пример се наведуваат Хрватска, Бугарија, Германија и Романија кои исто така требаше да спроведат попис, но ја одложија статистичката операција поради пандемијата.

СДСМ е за комбиниран попис

За да се добијат сите релевантни податоци, потребен е комбиниран модел на попис, смета владејачката СДСМ. Пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски вели дека преку вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен со податоците од базите што веќе постојат во државата, ќе се добие целосен преглед за податоците што се неопходни, но не се опфатени со електронските бази. Наспроти барањето на опозицијата, Каевски го повтори партискиот став дека само електронски попис не е доволен за да се добијат комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди.

-повеќе на темата: Мицкоски со граѓански потписи ќе го одложува пописот  

„ВМРО-ДПМНЕ, партијата што денеска бара да спроведеме само електронски попис, во 2019 година силно се противеше кога се носеше воведување Централниот регистар на населението. Тогаш аргументите им беа дека тоа ќе било замена за попис, дека преку него ќе се спроведувал електронски попис, а денес токму оваа партија бара само електронски попис“, рече Каевски.

ВМРО-ДПМНЕ бара електронски попис

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски ја отфрла идејата за комбиниран попис што го спомена премиерот Зоран Заев бидејќи, според него, тоа повторно би значело одење на врата од страна на попишувачите и барање на матичен број.

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei

Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ


„Нашиот апел е ако веќе насилно сакаат да го протнат овој процес на попис тогаш тој нека биде електронски, а не ваков со загрозување на здравјето на граѓаните“, вели Мицкоски. Според него, комбиниран попис претпоставува дека ќе дојде попишувачот и матичниот број ќе го внесе во системот и таму ќе се споредува во определени бази на податоци, по што ќе се добијат конечните резултати. „Но, повторно мора дома да ви тропне некој физички за да му го дадете матичниот број и останатите параметри коишто се лични податоци“, вели Мицкоски. Доколку биде прифатено нивното барање, тој најави дека ќе ги повика и македонските граѓани и дијаспората да се попишат, со што ќе се остави трага во системот која ќе биде предмет на ревизија од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. 

Пописот ќе помогне да се намали иселувањето

Согласно Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година, покрај државјаните на земјата кои се присутни во државата за време на пописот, ќе се попишуваат и државјаните кои се нерезидентните граѓани, односно оние кои во периодот на пописот се надвор од земјата.

-повеќе на темата: ДУИ лицитира, Заев смирува за пописот

Владата останува цврсто на ставот дека статистичката  операција ќе помогне да се намали трендот на иселување на популацијата во странство. „Пописот 2021 за прв пат дава можност да се попишат и нашите граѓани и нивните домаќинства во странство. Ова ќе овозможи давање приказ на миграциските движења, што е добра основа за градење стратегии и политики за успешно запирање на овој процес. Пописот 2021 е нашата заедничка иднина, која ни отвора европска перспектива за нашата држава и за нас лично како нејзини граѓани“, соопшти Владата.
Се очекува пописот да ги даде сите потребни одговори во однос на обезбедување квалитетни статистички податоци кои се клучни за градење стратегии и политики и за успешен и предвидлив развој на државата. „Пописот годинава ќе се спроведе со значително помалку средства споредено со последниот неуспешен обид за попис, поевтино од што се предлагаше, а се спроведува со најмодерните алатки и технологии“, додаваат од Владата.

DW.COM

Реклама