ВМРО-ДПМНЕ стравува од забрана на партијата | Северна Македонија | DW | 20.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ВМРО-ДПМНЕ стравува од забрана на партијата

Дали „Талир“ го кочи консензусот за Законот за Јавното обвинителство? Од ВМРО-ДПМНЕ нема да да се согласат со законски решенија за кои се сомневаат дека водат кон забрана на партијата.

Недонесениот Закон за Јавното обвинителство, со кој требаше да се регулира работата на СЈО, не е пречка земјата да добие датум за преговори, но затворањето на тоа прашање е битно за владеењето на правото, потенцира премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека во текот на летото ќе има обид да се донесе Законот.

„Законот за СЈО не го ставаат формално правно во заклучокот, но ни укажуваат. Не мора Европа да ни каже за да го донесеме законот. Тоа е добро за нас. Нашата желба е да постигнеме консензус и за ова важно прашање“, изјави премиерот.

Според министерот за надворешни работи, Никола Димитров, токму со усвојување на тој закон нема да се остави простор за какви било збелешки околу очекуваниот датум за преговори наесен.  

„Пред нас имаме два и пол месеца и треба да се фокусираме на една задача што не ја завршивме до крај, а тоа е иднината на СЈО преку донесување на двотретинскиот закон за Јавно обвинителство. Тоа ќе ни помогне да нема никакво оправдување за ниту една земја членка во септември-октомври годинава“, порача Димитров.

ПовеќеЗаконот за СЈО како желботека!

Сомнежи за „мастер план“

Меѓупартиските разговори на оваа тема досега не се мрднаа од мртва точка. Според начелното правно мислење на Врховниот суд, СЈО не смее да покренува обвиненија по 30 јуни 2017 година, бидејќи во спротивно ќе се смета за неовластен тужител. Со ваквото мислење на Врховниот суд, но и по сила на актуелниот Закон за СЈО, десетици нови истраги на тимот на Јанева паѓаат во вода. Обидите тие задоцнети предмети да се вратат во правен тек преку одредби во предлогот за новото законско решение, наидува на отпор кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако нивните забелешки не се презентирани низ призма на поеднечни случаи, сепак, едно име посредно доминира во аргументацијата: „Талир“ 1 и 2. Според јавно искажани ставови на претставници на ВМРО-ДПМНЕ, тие две обвиненија (за начинот на финансирање на партијата и изградбата на партиската зграда) ја елиминираат шансата за консензус. Бидејќи, за да се обезбеди двотретинско мнозинство за законот, токму пратеници на ВМРО-ДПМНЕ што се засегнати со тие предмети треба да гласаат „за“ законско решение што ќе води кон нивно кривично гонење. Но, стравуваат и дека тие обвиненија генерално водат кон „забрана на партијата“.  

Ваквите аспекти ги нагласи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Aлександар Николоски, на гостување во емисијата „10 минути“.

„Власта го замислува компромисот ВМРО-ДПМНЕ да прифати сѐ, и доброволно да потпишеме ВМРО-ДПМНЕ да се забрани како политичка партија, затоа што начинот на кој е формулиран предлогот сега, значи затворање на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија. Ние нема да се согласиме со тоа“, рече Николоски, додавајќи дека уште минатата година во септември спомнал оти „СДСМ има мастер план за затворање на ВМРО-ДПМНЕ“.

Дека во опозициската партија стравуваат од такво нешто потврди и поранешниот министер за финансии и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески. Говорејќи за намалување на поларизацијата во политиката и закрвеноста на партиите, во интервју за БИРН тој изјави: „На пример, ВМРО-ДПМНЕ и членовите сѐ уште мислат оти СДСМ не се откажала од идејата дека нашата партија треба да се уништи.“

Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE (picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov)

Николоски: Начинот на кој е формулиран предлогот сега, значи затворање на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија

БЕСА: Да нема рокови за покренување обвиненија

Но, сите опозициски партии не се залагаат за утврдување рокови до кои е можно покренување истраги од страна на СЈО. Опозициската БЕСА побара да биде вклучена во преговорите за иднината на СЈО и даде предлог.

„Предлагаме во законот да нема рокови за покренување истраги или обвиненија за делата кои произлегуваат од прислушуваните материјали, а сите материјали поврзани со злоупотреба на службена положба на штета на државниот буџет да бидат доказ во сите фази, без ограничување. Кој било друг обид да се ограничи работата на СЈО, ќе биде доказ дека некој се обидува да го скрие криминалот, а тоа може да влијае негативно на датумот за почеток на преговори“, порача Кастриот Реџепи од БЕСА.

Партијата го оцени судскиот систем како нефункционален, крајно партизиран и генерално политизиран.

„Дури и денес речиси сите судски случаи се решаваат преку партиски компромиси кои имале и имаат влијание врз судството. Ако до 2016 година имаваме судии од 'тефтерчиња', денес имаме судови на партиски коалиции. Сведоци сме дека германскиот и холандскиот парламент и голем број амбасадори на земји на ЕУ го условија датумот за преговори со закон за СЈО. Овие важни земји и рекоа на Северна Македонија дека се уште не расчистила со криминалот од поранешниот режим, со развлекување на маратонските судски процеси кои до ден денес останаа без епилог. За да биде уште полошо, дел од поранешниот режим денеска е дел од оваа Влада, за кој дури и не заврши вистинска истрага, особено за доказите што произлегуваат од снимениот материјал“, критикуваше Реџепи.

И додека сѐ уште нема јасни назнаки кога ќе предолжат разговорите за Законот за Јавното обвинителство, Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) вчера на седница го презентирал Законот за управување со движење на предметите во судовите. Претставник на Министерството за правда ги запознал членовите на Советот со одредбите во законот, кој има за цел да го спречи застојот и натамошното трупање на судски предмети.  

DW.COM

Реклама