ВМРО-ДПМНЕ со сите средства сака останување на власт | Македонија | DW | 29.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ со сите средства сака останување на власт

Бруталните сцени од упадот во македонскиот парламент предизвикаа низа коментари во германските и медиумите на германски јазик. ВМРО никако не сака да ја испушти власта, дури и по цена на насилство, пишува дел од нив.

Магазинот „Шпигел“, пишувајќи за упадот на националистите во Парламентот во Скопје, нападите врз пратениците, предупредува дека ситуацијата во Македонија се заканува да излезе од контрола. ЕУ се обидува да спречи да дојде до нешто уште полошо, стравувајќи од нов пожар на Балканот:

„Постои загриженост од прелевање на конфликтот во Македонија врз соседните држави. Проблемите на малата двемилионска држава се симптоматични за регионот. Старите кризи се распалуваат, некои аналитичари дури веруваат во можност од крвави судири. Речиси сите земји во регионот се водени од авторитарни политичари, владеењето на правната држава е реткост“, пишува Шпигел, цитирајќи го босанско-австрискиот политиколог Ведран Џихиќ: „Процесот на демократизација на регионот е доведен целосно под прашање. Политичките елити на Балканот веќе не ја земаат сериозно ЕУ. Во меѓувреме сѐ е повторно отворено, можни се многу сценарија“. Меѓу нив и враќање кон посилна поврзаност со Русија, како што покажува и случајот со Црна Гора и нејзиниот прием во НАТО, укажува магазинот.

„Шпигел“ меѓутоа предупредува од прашањето кое зачестено се поставува во Брисел: зошто ЕУ би ги примила Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, БиХ, со оглед на невеселите искуства со Унгарија и Полска, каде авторитарниот раководен стил во основа ја загрозува демократијата. Магазинот го цитира европолитичарот од ЦДУ Елмар Брок: „Мораме да ја задржиме перспективата на Западен Балкан за членство во ЕУ, во спротивно, ситуацијата би се влошила. ЕУ мора да изврши масивен притисок врз одговорните и тоа на највиско ниво“. Германската канцеларка Ангела Меркел во март веќе разговараше со Груевски на средбата на конзервативните партии, но очигледно безуспешно, потсетува „Шпигел“ во текстот со наслов „ЕУ стравува од нов пожар на Балканот“.  

Австриски „Стандард“ во коментарот: „Арената на австриската неуспешна надворешна политика“, констатира дека и австриската дипломатија сноси одговорност за случувањата во Македонија и за Балканот:

„Во Македонија донеодамна постоеше режим на кој австриската надворешна политика му се додворуваше. Без оглед на бројните корупциски и скандали со прислушкување, официјална Австрија му одеше (а тоа  сѐуште го прави) во куртоазни посети. Но, откако лани Никола Груевски беше демократски поразен на изборите, неговиот табор до денес спречува формирање нова влада, демонстрантите оваа недела упаднаа во Парламентот во Скопје. Тоа исто така е малку демократски. Но, можеби надворешна политика од старата австриска школа можеше да даде значаен придонес во спречувањето на овие настани. Имено, доколку на владата на Груевски уште претходно ѝ дадеше на знаење дека е крајно време да се повлече. Како што на пример направија Ергард Бузек или министерот за надворешни работи Алојз Мок“.

Mazedonien Proteste im Parlament (picture-alliance/abaca/N. Batev)

Напади врз пратениците од мнозинството во Македонското собрание

Националистичката ВМРО со сите сили ја зграпчува и не ја пушта власта, сметајќи се за единствен легитимен застапник на националните интереси, коментира Ерих Ратфелдер во „Тагесцајтунг“:

„ВМРО се чувствува за главен бранител на славо-македонската нација. И само нејзе ѝ следува владеење со земјата. Досегашниот премиер Никола Груевски е производ на ова сфаќање. Со сите атрибути на мегаломанија: ВМРО се повикува дури на Александар Велики како прататко на македонската нација. Демократијата беше добра додека најсилната партија можеше во неа да го обезбеди своето задржување на власта. Но, поддршката кај населението се изрони поради корупцијата. Одговор е репресирање на слободата на мислење, попречување на опозицијата, држава на тајната служба. Тоа што на опозицијата ѝ успеа минатата година да ги интегрира словенските Македонци, Албанците и Ромите во заедничка мултинационална опозиција, конечно ја загрози моќта на ВМРО.

И албанскиот лидер Али Ахмети веќе не можеше да се спротиставува на тоа. Со години врзани за ВМРО, Албанците насочени кон ЕУ- и НАТО-членство, не прифаќаат веќе Груевски сѐ повеќе да ги влече во водите на Владимир Путин. Новата влада уште не е формирана. ВМРО ДПМНЕ располага со насилни трупи како оние кои во четврттокот упаднаа во Парламентот, ја контролира тајната служба и армијата. Партијата ќе се обиде со сите средства да ги разедини своите политички противници“. 

На истата тема, пишува и „Зиддојче цајтунг“ во коментарот со наслов: „Политички џган“ - борба за власт на една клика: 

„Дури и во политиката на неразгалениот Исток и Југоисток на Европа, владата во Македонија, која ја предводеше Никола Груевски, спаѓаше во редот на најкорумпираните. Во оние кои најсилно вршеа сеење националистичка омраза за да останат на власт. Иако опозицијата по изборите во декември може да докаже владино способна коалиција, Груевски и неговата партија со лаги и сила спречуваат создавање нова влада. Од нивен аспект сосем логично: ако се постапува според закон и право, Груевски и други одамна ќе беа пред суд, независните обвинители веќе подготвија обвиненија. Кога ќе дојде нова влада, Груевски и неговите соработници ќе мораат да застанат пред лицето на правдата. Тоа сакаат да го спречат со сите средства, ако нема друг излез, дури и со насилство. Толпата под диригентска палка на досегашната владејачка партија го докажа тоа со упадот во Парламентот во Скопје и претепувањето пратеници, не поштедувајќи го и досегашниот опозициски лидер и кандидат за премиер. Што можат да сторат ЕУ и Вашингтон? Речиси ништо. И во Романија, Полска и Унгарија демократијата е во криза, но како членки на ЕУ, подлежат барем под минимален надзор на Брисел. Но, Македонија е само кандидат за членство во ЕУ. А на Груевски и неговата клика сопствената слобода и моќ им се многу поважни отколку далечната цел - влез во ЕУ“. 

 

 

DW.COM

Реклама