ВМРО-ДПМНЕ слави двојна победа | Македонија | DW | 27.04.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ слави двојна победа

Според првичните и неконечни резултати, владејачката партија со убедливо мнозинство победи и на претседателските и на парламентарните избори.

ДИК на последната прес-конференција на полноќ, соопшти дека од пребројани 661.945 гласови, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов ја освил довербата на 373.9214 избирачи, а кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски нa 264.659. Резултатите не се конечни и се однесуваат на податоци добиени од 2.694 гласачки места. На парламентарните избори гласачите најмногу доверба и дале на ВМРО-ДПМНЕ 43,38 отсто, на СДСМ 24,44, на ДПА 6,25 отсто и на ДУИ 14, отсто. Резултатите се однесуваат на податоци од 2.743 гласачки места.

Според првичните пресметки на поделбата на изборниот колач, ВМРО-ДПМНЕ ќе има 63 пратеника (заедно со трите од дијаспората) односно седум пратеници повеќе од изборите во 2011. Нагорна линија бележи и ДУИ која ќе добие 18 пратенички мандати што е за три повеќе од 2011-та година. Во „минус“ одат СДСМ со освоени 35 мандати, што е за седум помалку од 2011, а ДПА шест или за два помалку во споредба со претходниот собраниски скор. НДП на Руфи Османи ќе има едно пратеничко место, а ГРОМ, ВМРО-НП и Коалицијата за позитивна Македонија, и покрај очекувањата, не добија ниту еден пратенички мандат.

Она што посебно ја израдува ВМРО-ДПМНЕ е падот на „бастионите“ на СДСМ во локалната власт, Струмица и Куманово. И на претседателските и на парламентарните избори таму победи ВМРО-ДПМНЕ, но и во општина Карпош, каде во првиот круг од изборите во голема предност беше СДСМ. Опозицијата единствено води во општина Центар, но со намалена разлика со политичкиот опонент во однос на првиот круг.

На плоштадите низ Македонија, членови и симпатизери на владејчката ВМРО-ДПМНЕ веќе ја слават двојната победа со песни и развеани партиски знамиња. Колони автомобили и река од луѓе уште од 22 и 30 часот се упатија кон плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде се прославува изборната победа. Во Скопје веќе пристигнаа голем број членови и симпатизери на партијата од други општини во земјата.

Опозицијата се солидаризира

За разлика од еуфоријата во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, во седиштото на СДСМ речиси и нема некаква фреквенција. СДСМ веднаш по затворањето на гласачките места соопшти дека не ги признава изборите и побара да се формира техничка влада што ќе овозможи спроведување нормални и фер претседателски и парламентарни избори во земјата, на кои народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт без притисоци. ВМРО-ДПМНЕ изборите ги оцени како фер и најмирни и најдемократски во досегашната историја на Македонија. Таква оценка даде и нивниот досегашен коалициски партнер, ДУИ. Лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи, кој се надеваше на 8 или 9 пратенички мандати најави дека нема да ja признае изборната победа на ДУИ, бидејќи имало притисоци, кражби и голем број нерегуларности.

„Не им признавам изборна победа на околу 30 избирачки места. И ќе бидам подготвен да преговарам за влез во следната влада на Македонија“, најави Тачи.

Лидерот на НДП, Руфи Османи, обвини за фалсификати, притисоци и уцени врз гласачите во текот на кампањата и на денешното гласање и соопшти дека на највисокиот орган на партијата ќе и биде предложена одлука да не ги признае овие избори. Извршниот комитет на ЛП пред вечерашното пребројување на гласовите истакна дека се солидаризира со ставот на мнозинството опозициски партии за неприфаќање на резултатите од денешните избори. Според ЛП, регуларноста на изборите не зависи само од денот на гласањето, туку од целокупната атмосфера во предизборниот период, а Македонија влегува во нова политичка состојба, чиј расплет очекуваат да започне од моментот кога ќе започне расчистувањето на аферите пласирани меѓу двата изборни круга.

Според дел од аналитичарите, потегот на СДСМ е израз на очај, на алиби за изборниот пораз, на непочитување на волјата на гласачите и уникатен пример на барање на избори на денот на изборите. Според други, тоа бил неизбежен чекор, поради неможноста да се учествува во фер натпревар, бидејќи сите државни ресурси се ставени на располагање на интересите само на една партија.

Реклама