ВМРО-ДПМНЕ подготвува голем контра-митинг на 18 мај! | Северна Македонија | DW | 13.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ВМРО-ДПМНЕ подготвува голем контра-митинг на 18 мај!

Никој од лидерите во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не го отворил прашањето за можни конфликти меѓу демонстрантите, со оглед дека натпартискиот протест на 17 мај е најавен како активност која нема да заврши за еден ден

Претседателите на партиите од предизборната коaлиција на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржале лидерска средба во зградата на Собранието, каде глaвната владејачка партија го презентирала планот за одржување голем митинг на 18 мај, тврдат за Дојче веле извори од оваа коалиција.
Како што им објаснил на коалициските партнери, Емил Димитриев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, по протестот на опозицискиот СДСМ на 17 мај, требало да се демонстрира уште поголема масовност и поддршка за власта.
„Протестот треба да биде неколкукратно помасовен од оној на опозицијата, за да се покаже дека власта има неспоредливо поголема поддршка“, рекол Димитриев и побарал од партнерите во коалицијата да достават листи со имиња на членови и поддржувачи кои ќе бидат мобилизирани да дојдат на митингот, како и за бројот на автобуси и други детали.
Како што информираат нашите извори, дел од коалициските партнери не го прифатиле барањето да доставуваат такви листи, со образложение дека ова не е предизборен митинг, дека не можат да го притискаат членството, бидејќи кој сака да дојде - сам ќе дојде!
Засега, освен денот на митингот - 18 мај, не е прецизиран часот на негово одржување, со образложение дека има време, односно дека обврската за негово пријавување е 48 часа пред одржувањето на настанот.

Без прашања за опасност од „блиска средба“
Како што дознаваме, никој од присутните не го отворил прашањето за можни конфликти меѓу учесниците на двата собира, со оглед дека граѓанскиот и натпартиски протест на 17 мај е најавен како активност која ќе трае и нема да заврши за еден ден. На средбата единствено било нагласено, дека во случај опозицискиот протест да продолжи подолго, за провладиниот ќе се бара друга локација. Како што дознаваме, дел од коалициските партнери не потврдиле дека ќе учествуваат во митингот.
Индиции дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува „теренски активности“ веќе навестија провладините медиуми.
„Во јавноста се коментира дека се реализира она што Груевски го најави на еден од последните собири - дека со нокаут ќе го порази Заев, СДСМ и нивното мрачно сценарио. Во јавноста почнува да се шушка за голема активност на ВМРО-ДПМНЕ следната недела, по митингот на Заев на 17 мај, објавија тие, цитирајќи анализа на порталот „Нетпрес“.
„Со Сашо Мијалков како организатор на некоја следна теренска активност на партијата, сигурно е да се очекува дека овој број ќе се зголеми најмалку за две третини. Комитетите на ВМРО, во склоп со индивидуалната мрежа на пријатели и поддржувачи на Мијалков, која ја има стекнато на пријателски основи и како резултат на помош на граѓаните кои никогаш не наишле на затворена врата кај него како партиски и државен функционер, гарантира дека Груевски во секој момент може да смета на повеќе од 100.000 лица, кои се подготвени жестоко да ги бранат националните и државни интереси“, објави порталот.
Ваквите најави доѓаат во време кога претставници на меѓународната заедница повикуваат на смиреност, намалување на тензиите и барање решенија за излез од кризата.

Реклама