ВМРО-ДПМНЕ на протест, парламентот не работи, „Бетмен“ недостапен | Македонија | DW | 28.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ на протест, парламентот не работи, „Бетмен“ недостапен

ВМРО-ДПМНЕ повика на протест во 13 и 30 часот пред Кривичниот суд, а без образложение е откажана седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Приведени повеќе од 20 од вкупно 36 осомничени

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите членови и симпатизери на партијата и сите граѓани кои не се согласуваат со „антидржавната политика на владеjачката хунта“ да излезат на протест пред основниот суд Скопје во 13 и 30 часот, повика денеска опозициската партија преку соопштение.

Повикот уследи откако рано утрово полицијата приведе повеќе од 20 лица од вкупно 36, за кои Основно јавно обвинителство покрена истрага поради основано сомнение за сторено кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од член 313 од Кривичниот законик. Истрагата е поврзана со настаните кои се случија на 27-ми април годинава во Собранието. 

Повеќе на темата: 

- Приведени 36 учесници во крвавиот четврток

- Што предвидува членот 313 од Кривичниот законик

- Како се бранеа приведените пратеници пред шест месеци

 

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението целосно го игнорира податокот дека станува збор за истрага на ОЈО и обвинува дека „ВМРО-ДПМНЕ денеска е на удар на антидржавната хунта на Зоран Заев“.

„Полицијата упадна во домовите на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет, поранешни функционери на партијата и други јавни личности. Полицијата по наредба на Зоран Заев не го почитуваше пратеничкиот имунитет, туку единствено политичките наредби за пресметка со неистомислениците. Денешниот упад и приведувањето на функционери на ВМРО-ДПМНЕ се обид да биде замолкната опозицијата и да се скрши отпорот на партијата против сите антидржавни политики што владата ги реализира периодов“, обвини партијата.

Од таму потенцираат дека ова се случува во момент „кога Владата разгледува предлог закон за ослободување на криминалците од затвор, кога се најавува ослободување на убијците од Смилковско езеро и кога убијци се шетаат слободни по улиците“.

Приведувањето на осомничените по барање на Обвинителството уследи по завршување на предистражната постапка за настаните во „крвавиот четврток“. Во Основниот суд Скопје 1 пред истражен судија на распит веќе беа доведени дел од приведените, меѓу кои е и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, Митко Чавков. Приведени се и двајца полициски началници, неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“. Според полициски извори, едниот од нив, Бодан Илиевски („Бетмен велит“) се уште не е пронајден од полицијата. Поранешниот директор на ФЗОМ, Сашо Стефановски, чие име беше посочено како еден од приведените, денеска преку медиумите го демантираше тоа.

Дали денешните приведувања ќе се одразат и на работата на парламентот?

Седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која требаше да се расправа за Предлог-буџетот за 2018 година, е одложена, изјави за МИА претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска. Таа не прецизира кои се причините за нејзиното одложување, ниту пак кога ќе биде закажано продолжението на седницата.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама